Регион

Критика кон балканските држави врзано за враќање на одземениот имот

Босна и Херцеговина не ги исполнила своите обврски според меѓународната декларација за враќање на имотот запленет за време на Втората светска војна, но и другите балкански земји целосно не се усогласиле со своите обврски.

Разурната синагога во Берлин. Фото: Центар за еврејска историја, Њујорк

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Некои балкански земји не ја имплементирале законската регулатива со која се обезбедува враќање на имотот конфискуван од жртвите на Холокаустот, додека БиХ ниту во еден дел не се усогласила со меѓународната декларација што ја има потпишано, се вели во извештај објавен во понеделникот.

Студијата за реституција на недвижниот имот, запленет за време на холокаустот, ги набројува државите кои не донеле закон, со кој се обезбедува почитување на Декларацијата од Терезин, усвоена во 2009 година.

Во декларацијата, именувана по местото на поранешниот нацистички концентрационен логор во Чешка, Терезин, потпишана од 46 земји членки, се наведуваат обврските со кои се обезбедува враќање на имотот одземен за време на холокаустот.

Сепак, многу прашања во врска со овој имот во поранешните комунистички земји остануваат нерешени, се вели во извештајот на Европскиот институт за наследството на холокаустот, со седиште во Прага, кој врши мониторинг на имплементацијата на Декларацијата на Терезин.

Во извештајот се забележува дека некои земји „значително се усогласиле со Декларацијата од Терезин“, некои делумно, а дека БиХ и Полска тоа не го сториле во ниту еден дел.

„Полска и Босна и Херцеговина се единствените две земји кои не воспоставиле сеопфатен режим за враќање на приватната сопственост запленета за време на холокаустот или комунистичкиот период, или и во двата периоди“, се вели во извештајот.

Босна и Херцеговина и Црна Гора, се споменуваат како единствени земји кои не „донеле прописи за враќање на јавната сопственост одземена во текот на холокаустот или во времето на комунизмот“.

Од балканските земји, Хрватска и Македонија „ја ограничиле можноста за поднесување на барања само на своите граѓани“.

Законот за рестируција во Хрватска, пак, го опфаќа само имотот конфискуван во социјалистичка Југославија, но не и имотот во сопственост на Евреите, Србите и Ромите, одземен од страна на усташкото движење во Втората светска војна, се додава во извештајот.

Како што е наведено, во многу држави не постои соодветна законска регулатива за наследниот имот.

Со оглед дека еврејската заедница и другите прогонувани групи, во голем број земји речиси целосно биле уништени во Втората светска војна, за голем дел од имотот не постои правен наследник, така што самата држава станала наследник.

Во Декларацијата од Терзин се вели дека овие средства треба да се користат како помош за жртвите на холокаустот и за едукација за Холокаустот.

Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска и Црна Гора не усвоиле закон за наследниот имот, но ваков закон усвоиле Македонија, Романија и Србија, се вели во извештајот.

Сепак, во него се истакнува дека законот во Романија никогаш не бил целосно имплементиран.

Албанија не донела закон кој се однесува на враќање на наследниот имот, но, како што се вели во овој документ, за време на Втората светска војна, во Албанија било протерано и убиено само едно еврејско семејство.

Студијата не содржи информации за Косово.