Регион

„Лажниот список” на ветерани предизвика лутина кај поранешните герилци

Дие Морина, Приштина

Доброволец на ОВК во 1999. Фото: ЕПА/Aтила Кисбенедек

Поранешните борци кои своите имиња ги најдоа на списокот на „лажни” воени ветерани, објавен оваа недела во медиумите, изјавија дека тој е навреда на „достоинството и интегритетот” на поранешните припадници на ОВК.

Медиумите го објавија списокот, откако Специјалното обвинителство на Косово поднесе обвинение против 12 поранешни членови на владината комисија за верификација на припадниците на ОВК, за злоупотреба на службената положба и овластувања. Списокот е дел од ова обвинение.

Меѓу обвинетите е и претседателот на Комисијата, Агим Чеку, поранешен командант на ОВК, поранешен косовски премиер и поранешен министер на Косовските безбедносни сили.

Многумина веруваат дека бројот на ветерани, верификувани како припадници на ОВК, кои добиваат бенефиции од Владата, е намерно преувеличен.

Едно од имињата на списокот што го објавија медиумите е и името на Тиме Кадријај, од Алијансата за иднина на Косово, партијата што ја предводи премиерот Рамуш Харадинај. Кадријај е позната како поранешна припадничка на ОВК, поради што има почитување кај албанските гласачи.

Таа одговори со објавување на нејзина фотографија во униформата на ОВК на Фејсбук.

Претставници на ветераните од воената оперативна зона на ОВК, Дукаѓини, соопштија оти списокот е фабрикуван и дека обвинението против поранешните членови на комисијата е погрешно.

„Од сето ова можеме да заклучиме дека ова обвинение и начинот на кој тоа е претставено на јавноста, не е ништо друго туку циркус, на кој ние ќе одговориме со илјадници тужби против поранешниот обвинител (кој го составил оригиналниот список) и против медиумите кои ги повредија нашите чувства и се играа со нашето достоинство и интегритет на воини“, соопштија ветераните на ОВК од оваа оперативна зона.

Здружението на ОВК ветерани од Глоговац, пак, соопштија дека обвинителството „или оној кој го објавил овој список”, треба да ја поправи грешката што е можно поскоро, за да не се навредат вистинските членови на ОВК.

„Многу е изненадувачки како обвинителството можело да направи таква грешка”, се вели во соопштението.

Сепак, јавниот обвинител истакна дека објавениот список ги вклучува и имињата на поранешните борци на ОВК, кои се вработени и кои незаконски добиваат бенефиции.

„Член 16 став 4 од Законот за воени ветерани вели дека ветераните на ОВК, кои се вработени во јавниот или приватниот сектор, немаат право на материјална добивка и дека лицата кои (законски) припаѓаат на оваа категорија – членови на ОВК или учесници во војната, немаат право на боречка пензија (ако се вработени), па затоа некои од нив се вклучени во обвинителниот акт како незаконски корисници“, се вели во соопштението на Специјалното обвинителство.

Специјалниот обвинител, Елез Блакај, кој ги истражуваше тврдењата за фалсификување на списокот на воени ветерани, во август поднесе оставка, тврдејќи дека добивал закани од „познати и непознати лица“, со цел дa ја прекине истрагата.

Откако медиумите ја објавија листата, Блајкај на Фејсбук напиша дека на списокот што тој го составил, биле додадени 2.000 имиња.

„Немам информации за тоа како се избрани и како се вклучени во обвинението”, напиша Блакај.

Тој додаде дека не презема одговорност за изменетото обвинение, во кое се додадени имиња, бидејќи, како што рече, „е потпишано од друг обвинител”.