Анализи

Лососи, бифтеци, алкохол и цигари на државна сметка

БИРН открива како се трошеле парите во Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) за угостителски услуги

Лосос, бифтек, цигари и алкохол нарачувал поранешниот заменик-министер за информатичко општество и администрација Тимчо Муцунски на државна сметка, додека бил на функцијата. Сметките што на негово име, плаќани преку фактура, биле направени во периодот од април до декември 2016 година, изнесувале околу 150 илјади денари или 2,5 илјади евра.

БИРН, преку Законот за слободен пристап до информации ги доби сметките за угостителски услуги што ги користеле екс министерката за информатичко општество и администрација, Марта Арсовска Томовска, заменикот Тимчо Муцунски, дополнителниот заменик министер Александар Кирацовски и државниот секретар Јахи Јахија. Според сметките, единствено екс министерката не трошела државни пари во кафеани.

Најскапи ресторански услуги користел Муцунски, во најголем дел направени во кафеаната „Рустикана“ во Скопје. Лосос во зелен сос од 650 денари, јунешки бифтек, јагнешко печење, морска риба, узо, лозова ракија, вино, пиво, виски и цигари се дел од работите кои тој најчесто ги нарачувал во ресторан.

На сметките не може да се види колку луѓе јаделе и пиеле за овие пари, а цехот се движел од 2 илјади денари, па сѐ до 13 илјади денари. Најчесто, овие сметки се правени во текот на работното време, но има и такви кои се правени по завршетокот на работата, односно сметката стигнувала на полноќ.

Од инфографикот што следува може да се види што било нарачувано во јуни минатата година во ресторанот „Рустикана“ во Скопје од страна на тогашниот заменик министер за информатичко општество и администрација. Само овој ручек на државна сметка чинел нешто помалку од половина просечна нето-плата во Македонија. 

Тогашниот државен секретар во Министерството, пак, Јахи Јахија, потрошил над 3 илјади евра во 2016 година за угостителски услуги. Тој јадел во ресторанот „Букет“, како и во две кафеани во Липково и во Куманово, а сметките што ги правел во еден ден, се движат од 2 илјади до 24 илјади денари.

За голем дел од трошоците на Јахија не ни беа доставени фискални сметки за да се види што точно било нарачувано, а на една од сметките може да се види дека државниот секретар во март минатата година потрошил 8.350 денари за 10 килограми лешници и индиски ореви.

Дополнителниот заменик министер од СДСМ, Александар Кирацовски, на државна сметка најчесто јадел во кафеаната „Букет“, која се наоѓа веднаш до Министерството. Тој од февруари до декември 2016 година за угостителски услуги потрошил речиси 90 илјади денари, од кои највисоката фактура на месечно ниво изнесува 27.400 денари. Според фискалните сметки, произлегува дека, на пример, во месец март, Кирацовски речиси секој ден јадел на државна сметка во ресторанот „Букет“, најчесто нарачувајќи чорби, сок, салати и кафе. Според дел од сметките, во неколку наврати биле нарачувани и алкохолни пијалаци.

За разлика од замениците министри и државниот секретар, најскромна во трошењето на буџетски пари за угостителски услуги била тогашната министерка Арсовска Томовска. Таа на фактура во 2016 година не користела угостителски услуги, а од службената кредитна картичка во текот на 2016 година потрошила над 28 илјади, најчесто за трошоци во странство. 

БИРН од сите министерства ги побара трошоците за угостителски услуги за 2016 година, а по истекот на законскиот рок од 30 дена, одговор добивме само од Министерството за информатичко општество и администрација и од Министерството за надворешни работи. Во тек е жалбена постапка за добивање одговори од останатите институции.