Актуелно

Македонија повторно во мрежата на ФинФишер

Македонија е меѓу 32 држави во светот кои го користат малициозниот софтвер наречен ФинФишер за следење на комуникациите преку интернет, покажува најновиот извештај на истражувачката група Ситизен лаб од Универзитетот во Торонто.

За Македонија нема специфичен орган или институција кој го нарачал следењето на комуникациите преку ФинФишер

За Македонија нема специфичен орган или институција кој го нарачал следењето на комуникациите преку ФинФишер

 

На мапата на земјите за кои постојат сомневања дека нивните власти го користат софтверот се најде Македонија, заедно со Србија, Словенија, БиХ, Белгија, Чешка и други европски земји.

Според извештајот на истражувачката група „Ситизен лаб“ од Универзитетот во Торонто, ФинФишер софтверот овозможува пристап до целиот систем на корисникот и следење на неговата комуникација преку интернет. Без да знае корисникот, софтверот може да следи што пишувате на тастатура, има пристап до сите лозинки на компјутерот и на мобилниот телефон, може да се вклучи на вашата камера и микрофон.

Интересно е што за Македонија нема специфичен орган или институција кој го нарачал следењето на комуникациите преку ФинФишер. Истражувачите успеале да откријат 10 институции од вкупно 32 земји каде што е купен софтверот. На пример, во Белгија, како институција која е поврзана со користење на уредот е наведена федералната полиција, додека во Србија, Безбедносно-информативната агенција (БИА).

Серверите на ФинФишер пренасочуваат кон популарни страници

Додека повеќето од серверите на ФинФишер го користеле „Гугл“ (Google) или „Јаху“ (Yahoo), како страници кон кои пренасочуваат доколку се обидете да им пристапите, во Македонија се користат познати локални интернет-страници. При процесот на пребарувањето по серверите на „ФинФишер“, „Ситизен лаб“ лоцирале дека им се појавуваат страници кои се или времена копија на познати страници, или пак се пренасочува кон вистински страници.

Повеќето од серверите на ФинФишер при обид за лоцирање „се претставуваат“ како познати веб-страници

Повеќето од серверите на ФинФишер при обид за лоцирање „се претставуваат“ како познати веб-страници

Од „Ситизен лаб“ објаснуваат дека ФинФишер е софистицирана шпионска aлатка која ексклузивно им се продава на властите за следење на комуникации.

„Иако се рекламира како алатка за борба против криминалот, спајверот се употребува за високо профилирани случаи на злоупотреба на следењето на комуникациите. Меѓу 2010 и 2012 година, британската влада користела ФинФишер за да мониторира некои од топ адвокатските компании, новинари, активисти и опозициски политичари“, се вели во извештајот.

„Викиликс“ пред неколку години објави и видео преку кои ја претстави едноставноста на која се инсталира овој софтвер и колку е опасен.

Канадските експерти нагласуваат дека пазарот за нелегален софтвер како ФинФишер е тешко да се следи затоа што клучните играчи-од властите до програмерите, имаат интерес да ги кријат трансакциите. Во извештајот се алармира дека се зголемува бројот на држави кои го користат софтверот.

Пред две години се користела ИП адреса на „Македонски телеком“

Пред две години истата истражувачка група од универзитетот во Торонто објави дека како провајдер на шпионскиот софтвер ФинФишер во Македонија се користела ИП адреса од Македонски телеком, но не беше познато која институција го нарачала.

Во извештајот од 2013 година, Македонија првпат се најде на листата од 36 земји што го набавиле шпионскиот софтвер.

Дилемата за следењето на комуникациите преку интернет во меѓувреме ја отвори и лидерот на СДСМ, Зоран Заев, кој на една од прес-конференциите при објавување на „бомбите“, на новинарско прашање потврди дека има докази дека е следена комуникацијата на електронската пошта.

Како функционира ФинФишер?

Овој софтвер е единствен според тоа што е невоможно да откриете дека сте следени, бидејќи ниту еден антивирус не може да го детектира. Истиот се инсталира откако ќе добиете порака за надградба на некој од постоечките програми.

Во моментот кога ќе го дозволите тоа, а не сте во можност да препознаете дека станува збор за вирус, оној кој го користи софтверот може да следи се што правите, па дури и чукањето на тастатурата.

Овој софтвер е единствен според тоа што е невоможно да откриете дека сте следени, бидејќи ниту еден антивирус не може да го детектира

Овој софтвер е единствен според тоа што е невоможно да откриете дека сте следени, бидејќи ниту еден антивирус не може да го детектира

Финфишер е произведен од германската компанија Еламан ГМБХ во партнерство со британската групација Гама Груп Интернешнл.

Кога некоја влада ќе купи ваков шпионски софтвер, тие добиваат ФинСпај Мастер – сервер кој може да командува и контролира, кој е инсталиран во просториите на самата организација. Организацијата потоа може да инсталира анонимни посредници (прокси), кои во документацијата за ФинФишер се означени и како ФинСпај Релеи (релеј е направа која се користи за прекинување или воспоставување на струјното коло по пат на електромагнет кој ги затвора и отвора струјните контакти.), за да ја обезбедат локацијата на својот мастер. Инфицираните компјутери комуницираат со анонимниот посредник, кој вообичаено е инсталиран на ВПС (виртуелен приватен сервер) во некоја трета земја. Посредникот тогаш ја префрла комуникацијата помеѓу компјутерот на оној што се следи и главниот сервер.