Анализи

Македонија вработува уште Албанци административци

Македонија ќе вработи повеќе припадници на етничките малцинства во државната администрација, за да ги исполни условите од мировниот договор од 2001 година, со кој беше ставен крај на вооружениот конфликт со албанските бунтовници.

Скопје | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Скопје | Фото: Синиша Јаков Марушиќ

Владиниот секретаријат за спроведување на Рамковниот договор, со кој се предвидува еднаква етничка застапеност во државната администрација, распиша конкурс за нови 150 работни места за етничките малцинства, иако многумина од веќе вработените, сè уште не се распределени на нивните вистински работни места.

Во буџетот за следната година, Македонија планира финансиските средства во висина од 11 милиони евра за плати на државните службеници, припадници на етничките малцинства, што е зголемување за 1.900.000 евра во однос на оваа година.

Според Охридскиот договор, со кој заврши шестмесечниот конфликт во земјата, Македонија треба да го зголеми бројот на државни службеници од редот на малцинствата, во обид да го рефлектира нивниот реален број во државата. Ова главно се однесува на најголемото малцинство во земјата, Албанците, кои сочинуваат околу една четвртина од вкупното населението и со години се недоволно застапени во јавниот сектор.

Сепак, заменикот премиер задолжен за спроведување на Рамковниот договор, Муса Џафери, признава дека многу нововработени припадници на малцинствата добиваат плати, а немаат вистински работни места, но, одби да го каже нивниот точен број.

„Дел од нив, сé уште се под Секретаријатот за рамковни прашања и чекаат да бидат распределени на соодветни работни места. Но, дел од нив веќе се распределени во други институции, на пример финансии, култура, образование… но сé уште се водат во евиденцијата на Секретаријатот, поради сложената бирократска процедура“, вели Џафери.

Тој најави дека до крајот на оваа година ќе подготви извештај, кој, меѓу другото, ќе го покаже точниот број на вработени припадници на малцинствата, на кои не им се доделени работни места и кои практично не работат ништо, за да ги заработат своите плати.

Редовно, прашањето за овие вработени лица, во годишните извештаи на Европската комисија за напредокот на Македонија, се оценува како недостаток.

Во последниот извештај објавен во есента 2013 година, Комисијата забележува дека трендот на „квантитативно вработување“ во администрацијата на припадници од малцинствата, продолжува, без оглед на реалните потреби на државните институции и нивната способност да ги апсорбираат нововработените.

Мерсел Биљали, професор по право на Универзитетот ФОН и поранешен албански пратеник,  неодамна за БИРН изјави дека шемата за вработување на малцинствата, не подразбира и регрутирање на квалификувани луѓе.

„Овој процес се претвори во механизам за неквалитетни вработувања на партиски послушници и активисти. Способните останаа надвор“, рече Биљали.

Податоците од канцеларијата на Народниот правобранител, покажуваат дека Македонија сé уште, на некој начин, е далеку од целосно остварување на својата цел за вработување на малцинствата. Минатогодишниот процент на Албанци вработени во државната служба беше 19 отсто, далеку од целта за вработување на 25 проценти, колку што брои албанското малцинство во Македонија.

Но, сепак, претставува и значителен напредок во однос на минатата деценија. Се проценува дека во 2001 година, за време на вооружениот конфликт, од вкупниот број на државни службеници, само седум проценти биле Албанци.

Текстот е објавен на страницата на Балканска транзициска правда