Вести

Мал пожар во новата фасада на Владата

Малиот пожар, кој утринава избувна во изолацијата на новата барокна фасада на Владата е локализиран. Како што рече командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје Благоја Менковски, точните информации за причините за пожарот треба да ги даде Министерството за внатрешни работи

Пред Владата утрово пристигнаа четири против-пожарни возила, а со нив и командантот на скопската Противпожарна бригада Благоја Менковски | Фото: Г.Ризаов

Пред Владата утрово пристигнаа четири против-пожарни возила, а со нив и командантот на скопската Противпожарна бригада Благоја Менковски | Фото: Г.Ризаов

Пожарникарите веќе го локализираа малиот пожар кој утрово избувна во новата барокна фасада на зградата на Владата. Пожарот избувнал, според првичните информации, во електричната инсталација по што огнот ја зафатил и изолацијата на фасадата.

На самото место утрово околу 9 часот пристигнаа четири против-пожарни возила, а на предната страна од зградата беше забележлив чад.

Командантот на Противпожарната бригада на Град Скопје Благоја Менковски, кој лично го гаснеше пожарот, потврди дека истиот е локализиран и не е дозволено да се прошири. „Материјалната штета е незначителна, а Министерството за внатрешни работи треба да ги соопшти причините за пожарот“, вели Менковски.

Новата барокна фасада пред помалку од две седмици беше, исто така, оштетена. Имено, рано утрината на 29 октомври, непознат сторител тогаш истрела два куршуми од поголем калибар кон зградата на Владата. Немаше повредени.

(фото галерија)