Анализи

МАНУ престана да одбројува, но јавниот долг не престанува да расте

Јавниот долг е на чекор да направи престап на црвената линија од 50% од бруто домашниот производ (БДП) што ја исцрта Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот последен извештај. Бројчаникот на МАНУ го снема, но Фискалната стратегија на властите открива дека за две години ќе се задолжат за уште 2 милијарди евра, а јавниот долг ќе достигне до 52,4% од БДП.

Економистите оценуваат дека брзината со која се зголемува јавниот долг на Македонија е загрижувачка / Фото: Shutterstock

Економистите оценуваат дека брзината со која се зголемува јавниот долг на Македонија е загрижувачка / Фото: Shutterstock

Јавниот долг е на чекор да направи престап на црвената линија од 50% од бруто домашниот производ (БДП) што ја исцрта Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во својот последен извештај. Бројчаникот на Центарот за компјутерски науки при МАНУ што од секунда во секунда мереше како расте долгот на државата, покажа дека јавниот долг изнесува 4,2 милијарди евра, што е 49,2% од БДП. Оваа апликација покажа дека државата го задолжила секој граѓанин по 2.088 евра, и дека само за камати, секој ден државата треба да плаќа по околу 382 илјади евра.

Меѓутоа, иако бројчаникот на МАНУ престана да одбројува откако владејачката партија ВМРО ДПМНЕ со соопштение до јавноста остро го нападна претседателот на МАНУ и самата институција, јавниот долг не престанува да се зголемува.

Тоа го покажува и Фискалната стратегија на Владата до 2018 година доставена до Парламентот, каде што властите испланирале да ги зголемат задолжувањата во следните две години до ниво кога јавниот долг ќе достигне 52,4% од БДП, што би било еднакво на околу 5,6 милијарди евра.

Таки Фити: За шест години јавниот долг е практично дуплиран

Таки Фити: За шест години јавниот долг е практично дуплиран

Планот на Министерството за финансии открива дека државата до 2018 година ќе се задолжи за уште 2 милијарди евра, од кои над 1 милијарда ќе позајми од домашните банки, пензиските фондови и осигурителните компании, а останатите 950 милиони евра од странските кредитори со издавање еврообврзници. Во исто време, ќе треба да отплати долг од 1,1 милијарда евра.

Економистите оценуваат дека брзината со која се зголемува јавниот долг на Македонија е загрижувачка. Тие се загрижени што најголем дел од парите што ги позајмува Владата ги троши неполезно, односно за плати на јавната администрација, пензии, субвенции, а во исто време ефектот од кредитите врз економскиот раст е послаб, така што таквото финансиско поведение ја доведува во прашање способноста на државата еден ден да го врати долгот.

„Македонија се наоѓа на горната граница на задолжувањата. Притоа, мојот став е дека земја во развој како Македонија треба да се задолжува, за да ги финансира своите развојни потреби. Под развојни потреби ги сметам какви било инвестиции во инфраструктура – патна, железничка, образовна, здравствена, информатичка, истражувачка, односно сѐ што на среден рок ќе ја зголеми конкурентноста на економијата. Тоа ќе донесе повисоки стапки на раст кои ќе овозможат идните генерации многу лесно да ги отплатат кредитите кои ги земаат сегашните генерации. Оттука, ако Македонија позајмуваше само за вакви потреби, тогаш сегашното ниво на долг немаше да изгледа високо“, оценува универзитетскиот професор Марјан Петрески.

Тој вели дека не се спорни задолжувањата за изградба на патишта или друга јавна инфраструктура, меѓутоа, проблематични, според него, се задолжувањата за тековните буџетски потреби, односно за најавените зголемувања на административните плати, пензиите, социјалната помош.

Марјан Петрески: Македонија се наоѓа на горната граница на задолжувањата

Марјан Петрески: Македонија се наоѓа на горната граница на задолжувањата

„Тоа лесно може да се доведе во релација со нешто што би го нарекол предизборна компромитација. Во таков контекст, сегашното ниво на јавниот долг е на горната, би рекол, опасна граница, бидејќи не создава претпоставки за зголемување на отплатната моќ на економијата во иднина. Тоа треба да нѐ загрижува сите“, оценува Петрески.

Претседателот на МАНУ, професорот Фити, во своето последно интервју исто така истакна дека креаторите на економските политики треба да бидат крајно претпазливи во однос на создавањето на буџетските дефицити, бидејќи тие водат до кумулирање и пораст на јавниот долг на земјата.

„Состојбата со задолженоста на земјата стана загрижувачка поради следниве причини: динамиката на пораст на јавниот долг е неодржлива – за шест години тој, фактички, е дуплиран; бруто надворешниот долг на земјата (овој го содржи и долгот на корпоративниот сектор) надмина 70% од БДП и според овој критериум земјата е високо задолжена; нормалното сервисирање (исплата) на долгот е во тесна корелација со извозните приходи на економијата, а Македонија сѐ уште е земја со слаби извозни перформанси; земјата во голема мера го редуцираше својот фискален простор со непродуктивни јавни инвестиции. Оттука, за да се избегне понатамошно зголемување на товарот на долгот (со сите негативни импликации што произлегуваат од тоа), неопходно е да се утврди јасна динамика на фискална консолидација, т.е. на намалување на буџетските дефицити, се разбира, преку елиминирање на непродуктивната владина потрошувачка“, истакна Фити.

Според бројките во Фискалната стратегија до 2018 година, власта планира да го намали буџетскиот дефицит до 2,6% од БДП во 2018 година. Сепак, во следните три години, Владата ќе потроши 875 милиони евра повеќе отколку што ќе собере во државната каса од даноци и придонеси, така што овие пари ќе мора да ги позајми.

Економската политика на оваа власт и во следните три години не отстапува од досегашните правци. И во најновата Фискална стратегија, планирани се зголемувањата на платите во јавниот сектор, на пензиите и на социјалната помош.

„Ќе продолжи стриктната контрола на новите вработувања“, се обврзува власта во Фискалната стратегија, иако во последните осум години, бројот на вработени во јавниот сектор е зголемен за четвртина. Властите во Стратегијата не кажуваат колку ќе ги зголемат платите на административците, туку објаснуваат дека „планираното зголемување на платите ќе биде резултат на детални пресметки за секоја фискална година, согласно можностите на буџетот, а во зависност од фискалната кондиција и ефектите од надворешните економски движења“.

За пензиите пак, најавено е годишно зголемување од по 5%, односно 650 денари линеарно, и исто толкаво зголемување и на социјалната помош.

Во Стратегијата пишува и дека „ќе продолжи спроведувањето на дисциплинирана буџетска потрошувачка со нагласен акцент на рестриктивност и ригорозна контрола на помалку продуктивните трошоци, за сметка на зголемување на инвестициските вложувања во капитални проекти“.

Загриженост и кај меѓународните кредитори

Дека брзото темпо на акумулирање на долгот во текот на последните неколку години е загрижувачко, предупреди и претставникот на ММФ во Македонија, Патрик Житон.

„Високиот јавен долг може да го ограничи капацитетот на фискалната политика за заштита на економијата ако се случи нешто лошо и неочекувано. Македонија беше во можност да ја користи фискалната политика за да се бори против рецесија по глобалната финансиска криза, бидејќи нивото на јавен долг на крајот на 2008 година беше на многу ниско ниво. Оттогаш јавниот долг се удвои. Земјата, исто така, се соочува со поголеми потреби за трошење поради неповолната демографија, како што се трошоците за здравствена заштита и пензии. Тоа е причината зошто ние препорачавме да се ограничи буџетскиот дефицит, кој е најголем извор на акумулација на долгот и да се создаде простор за фискалната политика“, вели Житон.

ММФ во последниот извештај предупреди дека Македонија треба да запре со задолжувањата за да не надмине буџетски дефицит од 3% од БДП и јавен долг поголем од 50% од БДП, иако Мастришките критериуми дозволуваат 60% од БДП.

„ММФ препорачува фискална консолидација што ќе го задржи нивото на јавен долг под границата од 50% од БДП. Властите се обврзаа дека буџетскиот дефицит исто така ќе се намали под 3% од БДП, меѓутоа допрва треба да се видат мерките како ќе се направи тоа. Имајќи ги предвид ниските даноци и отсуство на поголема ревизија на јавните финансии, ММФ препорачува тоа да се постигне преку поголема ефикасност на наплатата на даноците од една страна, но и кратења на трошоците. Јавните финансии се во голема мера насочени кон плати и социјални трансфери што не е добро за земја во развој којашто има значајна потреба од инвестиции во инфраструктура“, забележа ММФ во извештајот.

Европската комисија во својата есенска прогноза исто така нотираше дека оваа и наредната година буџетскиот дефицит ќе биде повисок отколку што претходно се очекуваше и оти јавниот долг ќе надмине 50% БДП. Комисијата е загрижена за фискалната консолидација и за одржливоста на долгот.

ММФ во последниот извештај предупреди дека Македонија треба да запре со задолжувањата за да не надмине буџетски дефицит од 3% од БДП и јавен долг поголем од 50% од БДП

„Вкупниот долг на државата се зголемува. Властите остануваат посветени на постигнувањата за буџетскиот дефицит под 3% до 2017 година. Но, сепак, среднорочната фискална стратегија на македонската Влада се чини премногу оптимистичка“, наведува Европската комисија.

Дека долгот на Владата се зголемува брзо предупреди и Standard & Poor’s во најновиот извештај, нотирајќи дека „задолжувањата за финансирање на буџетските дефицити до 2018 година ќе го оптоварат јавниот долг и покрај тоа што од почетокот на минатата година Македонија се раздолжи предвреме кон ММФ“.

Долг од 2,3 милијарди евра за економски раст од 2,3%

Во последните пет години, од крајот на 2010 година до крајот на минатата година, јавниот долг се зголемил за 2,3 милијарди евра, од 1,93 милијарди на 4,23 милијарди евра, или во релативна вредност од 27,2% од БДП на 46,5% според податоците на Министерството за финансии.

Во истиот период, кога властите го зголемија долгот на државата за нови 2,3 милијарди евра, економскиот ефект изразен преку пораст на БДП е просечна стапка на раст од само 2,3%.

Овие податоци ја отвораат дилемата колку е одржлив долгот на Македонија. Според економистите, за одржлив се смета долг чија камата е пониска отколку стапката на економски раст на една земја. Во нашиот случај, како што покажа бројчаникот на МАНУ, просечната камата на долгот е 3,3%, и за еден процентен поен повисока, отколку просечниот економски раст во последните пет години.

Со други зборови, капацитетот на економијата да го отплаќа овој долг расте со побавно темпо отколку самиот долг.

Каде исчезна бројчаникот на МАНУ?

Иако бројчаникот на МАНУ престана да одбројува откако владејачката партија ВМРО ДПМНЕ со соопштение до јавноста остро го нападна претседателот на МАНУ и самата институција, јавниот долг не престанува да се зголемува

Иако бројчаникот на МАНУ престана да одбројува откако владејачката партија ВМРО ДПМНЕ со соопштение до јавноста остро го нападна претседателот на МАНУ и самата институција, јавниот долг не престанува да се зголемува

Бројчаникот што неделава се појави на веб страницата на Центарот за компјутерски науки при МАНУ предизвика бурни реакции од владејачката партија ВМРО ДПМНЕ.

Во соопштение до јавноста, ВМРО ДПМНЕ напиша дека ќе ја третира МАНУ како „клон на СДСМ и соросовите медиуми“ сѐ додека Академијата јавно не се огради од бројчаникот.

Набрзо потоа стигна објаснување и од МАНУ, во кое прецизираа дека бројчаникот не бил нивни став и дека Центарот за компјутерски науки при МАНУ го објавил без тие да бидат информирани за тоа, за на крајот на денот целосно да го снема бројчаникот од интернет.

Народната банка исто така реагираше со коментар дека „параметрите за кои станува збор се од исклучителна важност за рејтингот кој Македонија го има дома и во странство, и силно влијаат на висината и условите под кои се задолжуваме дома и кон странство”. Од централната банка апелираа на внимателност при објавувањето вакви и слични податоци, поради намалување на можноста за грешки, а сѐ со цел објавување на реалната состојба која според НБМ, единствено може да биде резултат на детални статистички операции.

Економистите, пак, велат дека ваков калкулатор за јавниот долг не е новина, бидејќи го има во повеќе земји, дури и во опкружувањето.

„Мислам дека е позитивен момент за поздравување, во смисла на тоа дека ќе ја изгради свесноста во општеството за висината на долгот, и дека тоа не е долг на Владата, туку долг на сите нас. Апелирам, со оглед која институција го предлага, калкулаторот да биде надополнет со научна дебата, базирана на докази, односно базирана на научните истражувања од научниците кои тој калкулатор го креирале“, истакна професорот Петрески.