Регион

Мектиќ негира оти признал дека во Сребреница се случил геноцид

Младен Лакиќ, Сараево

Драган Мектиќ. Фото: Анадолија

 

Мектиќ во саботата негираше дека за хрватскиот весник „Вечерњи лист“ изјавил дека масакрот во Сребреница во 1995 година бил геноцид и истакна дека весникот погрешно го цитирал.

Според „Вечерњи лист“, Мектиќ рекол оти „постојат релевантни документи кои го докажуваат геноцидот и оти Србите мора да го признаат тоа“.

Лидерите на босанските Срби негираат дека масакрите извршени во 1995 година претставуваат геноцид, и покрај пресудите на Судот на БиХ и на меѓународните судови.

„Да погледнеме во Германија, повторно германскиот парламент пред некој ден се извини за холокаустот. Ние, Србите, мора да ја поминеме оваа катарза и да го признаеме геноцидот“, изјавил, според „Вечерњи лист“, Мектиќ.

„Никој не може да врши злосторства, како што се оние во Сребреница, во мое име. Тоа го направија болни умови и тие луѓе треба да се процесираат“, додал тој, пишува „Вечерњи лист“.

Сепак, по објавувањето на текстот, Мектиќ за медиумите изјави дека тоа не е она што тој го кажал.

Како што јавува РТРС, јавен сервис на босанскиот ентитет, Република Српска, Мектиќ изјавил: „Апсолутно така не го искоментирав ова прашање врзано за Сребреница и во целост го отфрлам и негирам“.

Додал оти тој, всушност, зборувал за изјавата што во 2000 година ја дал претседателот на Република Српска, Милорад Додик.

Сепак, Мектиќ признал дека во Сребреница било извршено „страшно злосторство“.

Околу 8.000 Бошњаци, во јули 1995 година, беа масакрирани, откако силите на босанските Срби ја зазедоа Сребреница – што е најлошо злосторство во Европа по Втората светска војна.

За овие злосторства, пред Судот на Босна и Херцеговина и пред Хашкиот трибунал, на вкупно 637 години затвор, беа осудени 38 лица, додека три лица добија казна доживотен затвор.