Регион

Милошевиќ „немал команда” над српските лидери во Хрватска и во БиХ

Одбраната на поранешниот шеф на Службата за државна безбедност (СДБ) на Србија, Јовица Станишиќ, тврдеше пред судот во Хаг, дека Слободан Милошевиќ имал “влијание, но не и команда” над лидерите на Србите во Босна и Херцеговина и во Хрватска.

Радоша Милутиновиќ, Белград

Станишиќ и Симатовиќ во судница. Фото: ММКТ

Адвокатот на Јовица Станишиќ, во средата, пред Механизмот за меѓународни кривични трибунали (MМКТ) во Хаг, изјави дека локалните Срби, кои наводно учествувале во злосторства, не му биле потчинети на раководството во Белград, како што се тврди во обвинението.

Сведокот на обвинителството, Џон Вилсон, пред судот рече дека Милошевиќ имал „ефикасно влијание” врз лидерите на Србите во Хрватска и во БиХ.

Вилсон, кој во 1992 и 1993 година бил шеф на воените набљудувачи на Обединетите нации (ООН) и соработник на меѓународните претставници, наведе оти не сугерирал дека Милошевиќ официјално е одговорен за делата на српските лидери надвор од Србија.

Според обвинението против Станишиќ, тогашен шеф на СДБ на Србија и против неговиот помошник, Франко Симатовиќ Френки, Милошевиќ бил на чело на здружен злосторнички потфат, со цел присилно и трајно отстранување на Хрватите и муслиманите од големи делови на територијата на Хрватска и на БиХ, со цел реализација на српската доминација.

Овој потфат на Милошевиќ, се вели во обвинението, го спроведувале Станишиќ и Симатовиќ преку СДБ на Србија.

Станишиќ и Симатовиќ се обвинети за прогон, убиства, депортација и присилен трансфер на хрватски и муслимански цивили за време на војните во Хрватска и во БиХ.

Во текот на вкрстеното испрашување, бранителот на Станишиќ, Вејн Џордаш, презентира документ на ООН, од март 1993 година, за „новата улога на Милошевиќ како миротворец“.

Вилсон одговори дека „ставот на Милошевиќ се менувал со текот на времето” и дека тој не бил доследен.

„Тој често ќе најдеше причина да не направи нешто, а понекогаш ќе излезеше во пресрет токму пред средбите со меѓународните делегати”, потенцира Вилсон.

Тој го прифати тврдењето на адвокатот на Станишиќ, дека Милошевиќ во тоа време бил повеќе наклонет, со цел да ги симне санкциите против Србија, да ги притисне лидерите на Република Српска Краина и Република Српска, да ги прифатат меѓународните планови.

Според зборовите на Вилсон, поради ова, односите меѓу Милошевиќ и српските водачи „се влошиле”.

Тој ја прифати сугестијата на Џордаш дека владата на Милошевиќ „барала од сите народи во БиХ да се договорат”.

Одбраната на Станишиќ го оспори тврдењето на сведокот дека командантот на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, во 1992 година, му бил „подреден“ на тогашниот началник на Генералштабот на Југословенската народна армија (ЈНА).

Вилсон, сепак, остана на изјавата дека „во мај 1992 година, Младиќ јасно покажувал знаци на подреденост на командантот на ЈНА”.

Додаде дека тоа не значи оти Младиќ, во исто време, не му бил подреден на претседателот на Република Српска, Радован Караџиќ.

На прашањето на бранителите, дали генерал Младиќ од Белград „добивал наредби во 1991 и 1992 година”, Вилсон одговори дека тоа може да го потврди само за инцидентот на аеродромот во Сараево, во мај 1992 година.

Вилсон го започна своето сведочење во вторник, кога рече дека „Црвените беретки” и паравојската на Аркан, со злосторства етнички ја чистеле територијата на Хрватска и на БиХ.

Во декември минатата година, откако Апелацискиот совет на Хашкиот трибунал ја отфрли првостепената пресуда со која тие беа ослободени, Станишиќ и Симатовиќ изјавија дека не се виновни за злосторствата за кои се обвинети.

Советот, на 15 декември, процени дека имало погрешна примена и толкување на законот, кога Станишиќ и Симатовиќ беа ослободени од обвиненијата. Тој наложи процесот да се обнови и сите сведоци и докази да бидат повторно изведени пред нови судии.

Вкрстеното испрашување на Вилсон продолжува во четврток.

Објавено и на Балканска транзициска правда