Истражувањa

Може ли Комисија за вистина на Косово да придонесе кон помирувањето?

Во Косово течат подготовките за формирање на Kомисијата за вистина и помирување, и додека едни веруваат дека таа може да придонесе за градење на дијалог меѓу Албанците и Србите во Косово, критичарите тврдат дека тоа е политички инструмент на претседателот, Хашим Тачи.

Сербезе Хаџиај, Приштина

Големата дупка пред куќата на Агрон Лимани, во селото Мала Круша, често го враќа Агрон назад на 26 март 1999 година, кога тој ден, во попладневните часови, биле убиени неговиот татко, неговите браќа и вујко му, заедно со уште 109 други цивили.

Дотогаш, на местото на кое што денес се наоѓа дупката, имало друга куќа, но таа била урната од багерот кој ги пренесувал мртвите тела на жртвите.

Посмртните останки на дел од убиените подоцна биле откриени во блиската река, но повеќето од нив биле пронајдени долго време по убиството.

Останките на Агроновиот брат, Луан, кој кога бил убиен имал 21 година, биле пронајдени 15 години подоцна, во 2014 година, во масовна гробница во близина на Призрен. Посмртните останки на три лица, сѐ уште не се пронајдени.

„Не можеме да зборуваме за помирување додека гробовите се сѐ уште отворени. Прво да ги расветлиме злосторствата, да ги најдеме нашите луѓе и да донесеме правда“, вели Лимани за БИРН.

Агрон Лимани, пред својата куќа во селото Мала Круша. Фото: БИРН

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, минатата година покрена иницијатива за формирање на комисија за вистина и помирување, со цел, речиси две децении по војната, да даде основа за дијалог меѓу поделените заедници во Косово.

Тачи изјави оти мора да дојде до соочување со вистината за она што се случувало за време на војната, за луѓето во Косово да не останат заглавени во минатото.

„Косовското општество и Балканот во целина, и натаму се заложници на тие стари приказни и генерациите што се родени по војната и натаму своите врсници од другите заедници ги доживуваат како непријатели и како закана, а не како општество за соработка и соживот“, рече Тачи во март минатата година, на состанокот на консултативната група за формирање на Комисијата.

Дениса Костовицова, вонреден професор за глобална политика на Лондонската школа за економија и политички науки, вели дека има мали шанси за напредок, доколку насилното наследство на Косово не се реши врз основа на меѓусебно договорена фактичката состојба, која ги признава страдањата на сите жртви на конфликтот.

„Најголемиот тест за некаква шанса за успех на Комисијата, лежи во нејзината способност да ја убеди јавноста дека ова не е уште еден пример на политичка инструментализација на постконфликтната правда“, вели Костовицова за БИРН.

Во мај беше формиран подготвителен тим, иако сè уште не е јасно која е целта што Комисијата треба да ја постигне. Паралелно со ова, се поставуваат прашања, дали Србите од Косово, кои имаат различни наративи за судирот од Албанците, ќе бидат вклучени во овој процес.

Од друга страна, опозициските политичари во Косово тврдат дека претседателот Тачи ја покренал оваа иницијатива заради политички цели, а не заради искрената желба за помирување.

Ардиан Арифај, советник на претседателот Тачи и шеф на подготвителниот тим за формирање на Комисијата, истакнува дека целта е да се постигне помирување преку внатрешен дијалог меѓу заедниците.

„Оваа комисија ќе се занимава со првиот столб на справувањето со минатото, а тоа е правото да се знае, не со вториот столб кој се однесува на правото на правда“, вели Арифај за БИРН.

Искуството на воените жртви ќе биде појдовна точка на иницијативата, истакна тој.

„Ова се однесува на жртвите, на прифаќањето на жртвите и на признавањето на нивните страдања“, додава тој.

Сепак, некои од оние чии членови на семејството исчезнале за време на војната и чии останки до денес не се пронајдени, сметаат оти забрзувањето на потрагата по исчезнатите лица и гонењето на нивните убијци, треба да бидат главна грижа на власта.

Години минуваат, но поделбите остануваат

Силвана Маринковиќ. Фото: БИРН

Во утринските часови на 19 јуни оваа година, Силвана Мариновиќ запали свеќа во манастирот во Грачаница, во спомен на нејзиниот сопруг Горан.

Пред 19 години, Горан, кој тогаш имал 26 години, исчезнал додека од своето родно село, патувал со двајца свои соседи, кон Гњилане.

Маринковиќ вели дека на ден како овој, таа е целосно изгубена и оти не знае како да им ја објасни загубата на Горан на своите две ќерки. Помладата имала само шест месеци кога нејзиниот татко исчезнал.

„Поминаа деветнаесет години, а многу малку нешта се променија. Една генерација помина, но многу поделби меѓу нас останаа“, вели таа за БИРН.

Маринковиќ денес води локално здружение на исчезнати лица за централниот регион на Косово, во кое членуваат 63 српски семејства, кои сѐ уште чекаат да слушнат нешто за судбината на своите најблиски.

Таа нагласува дека политичарите во Приштина и во Белград не се грижат за тоа уште колку исчезнати лица има.

„Не верувам дека помирувањето може да се постигне преку комисии или други политички механизми. Тие не сакаат да го отворат прашањето за исчезнатите лица во рамките на дијалогот“, нагласува таа, алудирајќи на Бриселскиот дијалогот што се води меѓу Приштина и Белград, кој се одвива со посредство на ЕУ, при што прашањето за исчезнатите лица не беше ставено на маса.

Маринковиќ вели дека честопати се среќава со семејства на Албанци од Косово, кои имаат слични проблеми.

„Сѐ додека не се пронајдат останките на исчезнатите, а извршителите не бидат изведени пред лицето на правдата, ова ќе биде тешко за секого“, додава Маринковиќ.

Таа смета дека жртвите на војната на двете страни, не треба да го носат товарот на помирувањето.

„Има крв меѓу нас, изгубени се животи и тоа сите нѐ вознемирува. Пораснав две девојчиња со многу жртви. Една од нив никогаш не го запозна својот татко. Но, јас се обидов да ги одгледам без омраза“, истакна таа.

Меѓунационалните конфликти често ескалираа во неколку делови од Косово, а воените злосторства секогаш беа наведувани како причина за нив.

Две места каде што често се случуваа инциденти се Ѓаковица и селото Мушутиште, каде што посетите на српското население кое некогаш живеело тука, честопати беа проследени со протести на локалното албанско население.

Лимани вели дека обидите на Србите да се вратат во Мала Круша, по нивното заминување во јуни 1999 година, постојано се спречуваат со силни приговори на албанското население, кое верува дека тие ги поддржувале убиствата што се случиле во ова село.

Лимани вели дека локалното население меѓусебе склучило „пакт“, да не го купуваат земјиштето од Србите што живееле во селото.

„Масакрот не беше случајност. Имаме доволно докази дека повеќето од нив (жителите од српска националност) ги поддржувале убиствата. Тие не се дистанцираа од убиствата, не изразија жалење“, нагласи тој.

Минатата година во Косово беше уапсен Дарко Тасиќ, поранешен жител на ова село, на кого денес му се суди за воени злосторства. Тој е обвинет за ограбување и уништување на имот, но се товари и дека палел и фрлал во река тела на жртви.

Критики на противниците на Тачи

Претседателот на Косово, Хашим Тачи, во својот кабинет во Приштина, во 2017 година. Фото: ЕПА/Валдрин Џемај

Европската унија инсистира Косово и Србија да ги нормализираат своите официјални односи, како еден од критериумите за напредокот на двете земји кон членство во европскиот блок – и бара тие да ги решат споровите од минатото.

„Сите земји мораат, со зборови и со дела, недвосмислено да се обврзат оти ќе го надминат наследството од минатото, со помирување и решавање на отворените прашања, особено на гранични спорови, уште пред нивното пристапување во ЕУ“, соопшти Европската комисија по усвојувањето на стратегијата за Западен Балкан, во февруари оваа година.

Сепак, и покрај четиригодишните преговори предводени од ЕУ во Брисел, кои резултираа со потпишување на неколку договори, помирувањето сé уште е многу проблематично прашање.

Формирањето на Комисијата е обид на косовските власти да покажат оти продолжуваат со овој процес.

Но, Авдулах Хоти, шеф на пратеничката група на опозициската Демократска лига на Косово (ЛДК) во Собранието, вели дека Комисијата е „непотребна и штетна“ за долгорочната кохезија на косовското општество.

Хоти истакнува дека „целиот свет веќе ја знае вистината“ за војната во Косово и дека во земјата нема „никаков конфликт меѓу заедниците“.

„Не постои омраза меѓу косовските заедници. И покрај сите жртви што ги имавме, а многу од нив сѐ уште не се вратени на својата почва, свесни сме дека српската држава беше агресор. Нашиот конфликт и нашата војна беа против државата Србија. Конфронтацијата со државата Србија и натаму трае“, додава тој.

Хоти нагласува дека Тачи ја основа Комисијата за да постигне „други политички цели“.

Косовскиот политичар, Ненад Рашиќ, кој беше дел од косовската влада, исто така ја критикува иницијативата, нарекувајќи ја „фарса“ наменета за „политичка потрошувачка“.

„Тоа не е искрена идеја, а самиот проект е нејасен, па затоа не може да се спроведе. Понатаму, идејата доаѓа премногу доцна“, вели за БИРН Рашиќ, претседател на Прогресивната демократска партија.

Спор напредок во гонењето на злосторствата

Владимир Лаѕаревиќ, еден од српските функционери, кој беше осуден за воени злосторства во Косово, во Хаг во 2014 година. Фото: ЕПА/Петер Дејонг/Пул

Воените злосторства и понатаму имаат големо влијание врз односите меѓу Албанците и Србите, а гонењето на сторителите е бавен процес.

Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ) донесе неколку пресуди против лица од српска националност, а пред новите Специјализирани совети на Косово со седиште во Хаг, ќе им се суди на поранешни припадници на Ослободителната војска на Косово, ОВК, за наводни воени злосторства во и по војната.

Пред Специјализираните совети допрва треба да бидат поднесени обвиненија, но според гласините, обвинети може да бидат високи политичари, меѓу кои и претседателот Тачи, кој негира дека учествувал во незаконски дејанија.

Критичарите се прашуваат дали неговиот говор за помирување и посетата на српските воени споменици, откако тој стана претседател, се навистина обид да ја смени сликата за себе, од поранешен политички лидер на ОВК во миротворец, кој се грижи за сите етнички заедници во оваа земја.

Дениса Костовицова вели дека верува оти новата Комисија може да има влијание, бидејќи „судењата не се доволни за да се исполни потребата за вистината“ за насилството во Косово во периодот 1998 -1999 година.

„Што се однесува до ова, влијанието на судските процеси во Хаг беше минимално. Според тоа, кога злосторства извршени во минатото би се разгледале низ процесот на вистината и помирувањето, тоа би можело потенцијално да има значаен придонес“, вели таа.

Ако Комисија се формира, Косово ќе биде првата земја од поранешна Југославија погодена од војна, која ќе има такво тело.

Босна и Херцеговина со години, без успех, се обидува да воспостави сличен механизам. Ваква комисија во 2003 година беше формирана од Државната заедница Србија и Црна Гора, но таа престана да постои една година подоцна.

И покрај долгогодишната кампања, не е формирана ниту регионалната комисија за утврдување на фактите за војните од 90-тите години, РЕКОМ. Застапниците на РЕКОМ велат оти веруваат дека ова тело ќе почне да работи во 2022 година. Косово се обврза дека ќе биде дел од него.

„Ако косовската Комисија успее да ги поврзе Србите и Албанците преку потребата од солидарност и сочувство за жртвите од војната, тоа ќе биде голем чекор“, вели Ана Марјановиќ Рудан, активист за човекови права од Србија и член на проектниот тим на РЕКОМ.

Беким Блакај, шеф на косовската канцеларија на Фондот за хуманитарно право, организација која ги следи судењата за воени злосторства во Косово, нагласува дека Комисијата мора да биде независна, доколку сака да успее.

„Таа треба да биде непристрасна и да биде прифатена од сите страни“, истакна Блакај за БИРН.

„Комисијата може да придонесе за разјаснување на минатото и за воспоставување на нормални односи меѓу двете заедници“, додава тој.

Сепак, Блакај, предупредува дека Белград може да ги отфрли наодите на Комисијата, што негативно ќе влијае врз перцепцијата на Србите во Косово во врска со тоа.

„Ако Србија не ја прифати работата на оваа Комисија, тогаш ќе биде тешко да се постигне помирување“, рече тој.

Агрон Лимани, од Мала Круша, вели дека луѓето како него, чии членови на семејството за време на војната биле убиени, само сакаат да ги најдат исчезнатите, а одговорните за тоа да бидат процесирани.

„Сѐ што сакаме е правда за нашите најблиски и да се најдат нивните останки. Јас не барам никаква одмазда“, истакнува тој.