Регион

Можноста Харадинај да стане премиер на Косово, ја подели Србија

Одлуката на главната српска партија на Косово да го поддржи изборот на новиот претседател на косовскиот парламент, што веројатно ќе ја отвори можноста, поранешниот командант на ОВК, Рамуш Харадинај, да стане нов премиер на Косово, наиде на жестока осуда кај дел од српската јавност.

Пишува: Маја Живановиќ, Белград

Рамуш Харадинај. Фото: Бета/ АП, Висар Крјезиу

Одлуката на партијата Српска листа, да го поддржи изборот на Кадри Весели од Демократската партија на Косово (ПДК) за нов председател на парламентот, предизвика поделени реакции во Србија, при што десницата ја обвини оваа српска партија која делува во Косово, но и Белград, дека му се предале на воен злосторник.

Изборот на Весели за претседател на косовскиот парламент, ја отвара можноста, еден од политичките партнери на ПДК во коалицијата ПАН, поранешниот командант на Ослободителната војска на Косово, Рамуш Харадинај, да оформи влада.

Опозициското Движење на слободни граѓани (ДСГ), оцени дека е иронично што партија блиска до Белград, ефикасно му го трасираla патот на Харадинај да стане лидер на Косово.

ДСГ додава дека претседателот, Александар Вучиќ, додека бил премиер, и директорот на владината канцеларија за Косово и Метохија, Марко Ѓуриќ, го нарекувале Харадинај „убиец, силувател кој убивал деца и колел“.

„Денес, косовскиот СНС вообличен во Српска листа, влегува, со тој ист Харадинај, во власта“, наведува ДСГ.

Српските власти го обвинија Харадинај дека убивал, силувал и мачел српски цивили во крвавата војна во Косово, на крајот на деведесеттите. Тој негира дека извршил воени злосторства.

Србија, во долгогодишното настојување да го уапси, распиша и меѓународна потерница по Харадинај. Кога франсцуските власти го уапсија, а подоцна, на 27 април, решија да не го испорачаат во Белград, Вучиќ оваа одлука ја осуди како „срамна, скандалозна, неправедна и, пред сѐ, политичка“.

Покрај тоа, Српска листа, која има девет пратеници, во четвртокот гласаше, нов претседател на парламентот да биде политичкиот сојузник на Харадинај, Весели.

Изборот на Весели се случи еден ден откако лидерите на новата владина коалиција ПАН, Весели од ПДК, Харадинај од Алијансата за иднина на Косово (ААК), Фатмир Лимај од Иницијативата за Косово (НИСМА) и Беџет Пацоли од Алијансата за ново Косово (АКР), постигнаа договор со Српска листа да ги поддржат, за да добијат мнозинство во парламентот кој брои 120 места.

Партиите се борат да формираат влада уште од јунските избори.

Доцна во средата, според извештаите на медиумите, Српската листа постигнала договор со коалицијата ПАН, во замена за трета министерска функција, Министерството за земјоделие, кое претходно ѝ беше доделено на партијата на Пацоли, АКР. Српска листа ќе ги добие и министерствата за локална самоуправа и за враќање.

Од друга страна, претседателот на собраниската комисија за Косово и Метохија, Милован Дрецун, изјави дека учеството на Српска листа во новата косовска влада, не значи поддршка за Харадинај, оценувајќи дека оваа одлука е „добар потег“.

Меѓутоа, десничарите во Србија не се импресионирани. Така, движењето Двери ја обвини Српска листа, како и Вучиќ, дека ефикасно го признале Косово како независна држава.

„Вучиќ, кој неодамна целосно ја презеде одговорноста за преговорите за статусот на Косово и Метохија, со учеството на своите претставници, му овозможи на воениот злосторник Харадинај, да направи квазивлада, во квазидржавата Косово“ се наведува во соопштението на движењето Двери, објавено во четвртокот.

Ставот на Србија е дека никогаш нема да ја признае независноста на својата поранешна покраина.

Реакции, сепак посуптилни, стигнаа и од српските либерали. Лидерот на Либерално демократската партија, Чедомир Јовановиќ, изјави дека Србите на Косово мора да бидат дел од секоја владејачка коалиција на Косово.

Тој, исто така, нагласи дека, на меѓународно ниво, Харадинај го гледаат како актер кој сака да постигне траен договор помеѓу Србија и Косово.

Сатиричната интернет страница Њуз.нет, на оваа политичка ситуација ѝ даде хумористична нота, објавувајќи „вест“ во четвртокот, која вели дека поради влегувањето на Србите во владата на Харадинај, Србија, на три месеци ги прекинала односите со самата себеси.

Ироничната референца се однесува на одлуката на српската влада да го повлече својот амбасадор од Франција на консултации, откако француските судови одбија да го испорачаат Харадинај во Белград, поради судење.