Регион

Најавена кривична пријава против Даут Харадинај

Невладинa организација од Косово, соопшти дека ќе поднесе кривична пријава против пратеникот Даут Харадинај, поради неговите закани дека на Косово нема да има Срби, доколку неговиот брат, некогашниот премиер, Рамуш Харадинај, биде екстрадиран во Белград.

Пишува: Сања Соврлиќ, Митровица

Од невладината организација Центар за мир и толеранција, за БИРН велат дека планираат, во понеделник, до Општинскиот суд во Митровица, да поднесат кривична пријава против Даут Харадинај, за ширење на национална омраза, заради неговите коментари за протерување на Србите од Косово.

„Очекуваме обвинителот да дејствуваат согласно пријавата и да отвори истрага за господинот Харадинај“, изјави за БИРН, Ненад Максимовиќ, директор на оваа невладина организација.

Даут Харадинај. Фото: Фејсбук

Да потсетиме, на почетокот на овој месец, Даут Харадинај, пратеник на Сојузот за иднина на Косово, изјави дека ќе има војна доколку Франција го екстрадира неговиот брат, Рамуш Харадинај, во Србија, за да се соочи со судење по обвинението за воени злосторства.

„Ако сакаат Косово да биде без Срби, тогаш нека се шегуваат“, изјави Даут Харадинај на 7 април.

Од Центарот за мир и толеранција велат дека имаат намера да поднесат кривична пријава, бидејќи овој пратеник го прекршил кривичниот закон, со предизвикување на омраза кон Србите во Косово.

„Таа (изјава) не само што предизвика вознемиреност и страв во целата српска заедница, туку со неа беше сторено кривичното дело, поттикнување на национална, расна и верска омраза, нетолеранција или непријатност“, се вели во најавената пријава.

Како што е наведено, косовските Срби не треба да станат „заложници на политичките односи меѓу Србија и Косово“.

Од Центарот за мир и толеранција велат дека досега повеќе од 15 невладини организации на националните малцинства, како и голем број на поединци, ја поддржале нивната иницијатива, а во тек е и собирање на потписи за поддршка.

Сепак, ниту еден невладина организација на косовските Албанци не ни даде поддршка, нагласува Максимовиќ.

„Дури и организациите кои се занимаваат со човекови и со малцински права, останаа неми пред ова јавно изразување на омраза, од страна на член на парламентот на Косово“, додаде тој.

Коментарите на Даут Харадинај ги осудија и меѓународните мисии во Косово. Мисијата на ООН, Канцеларијата на Европската унија и амбасадата на САД.

Захир Танин, специјален пратеник на генералниот секретар на ООН и шеф на Мисијата на ООН во Косово, УНМИК, изјави дека „користењето на говор на омраза и заканувањето со етничко чистење“, е неприфатливо.

„Ги повикувам сите одговорни лидери да го осудат овој став, а ги повикувам и правосудните органи да преземат неопходна истрага во врска со овој инцидент и соодветни мерки согласно косовскиот закон“, изјави Танин.

Изјавата на Харадинај ја осуди и претседателот на Косово, Хашим Тачи.

„За косовските институции и за народот, заканувачките изјави упатени кон другите неалбански етнички групи поттикнуваат бес, омраза и освета“, напиша Тачи на својот профил на Фејсбук.

Апсењето на Рамуш Харадинај на аеродром во Франција, во јануари оваа година, врз основа на потерница што ја распиша Србија, која го обвинува за воени злосторства извршени за време на конфликтот во Косово, ги зголеми тензиите меѓу Белград и Приштина.

Францускиот суд во Колмар во неколку наврати ја одложи одлуката што треба да ја донесе во врска со барањето на Србија за негова екстрадиција.

Следното рочиште е закажано за 27 април.

Хашкиот трибунал досега два пати го ослободуваше Рамуш Харадинај од обвиненија за воени злосторства, сторени во воениот конфликт во Косово, во 1998 и 1999 година. Последен пат во 2012 година.

Меѓутоа, српските власти тврдат дека имаат нови докази за различни злосторства за кои Харадинај досега не е обвинуван.

Според нивните наводи, тој е осомничен за убиство на цивили, меѓу кои било и бебе од само две недели, како и за мачење и за силување на малолетник.

Францускиот суд, на 12 јануари го ослободи Харадинај од притвор. Меѓутоа, додека властите го разгледуваат барањето на Србија за негова екстрадиција, Харадинај, според одлуката на судот, мора да остане во Франција и да биде под судски надзор.