Анализи

Најмалку 40 македонски граѓани дневно се иселуваат во ЕУ

Во периодот од 2010-2013 година, само во земјите на ЕУ од Македонија се „испразнил“ еден град поголем од Тетово: вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство. Бројот на иселени лица е повисок од официјалната статистика што МВР ја испраќа до ДИК.

Мене ми е важно да живеам во општество кое добро функционира и се стреми кон истите вредности како и јас, вели Митко Вета, универзитетски истражувач кој се иселил од Македонија | Фото: Shutterstock.com

Мене ми е важно да живеам во општество кое добро функционира и се стреми кон истите вредности како и јас, вели Митко Вета, универзитетски истражувач кој се иселил од Македонија | Фото: Shutterstock.com

Бројот на иселени луѓе од земјава е далеку повисок од статистиката што МВР ја испраќа до Државната изборна комисија.

Членот на ДИК, Супхи Јакупи на седница на Комисијата завчера изјави дека според податоците што ги добиле од полицијата, до лани во странство се евидентирани 78.000 македонски граѓани. Според податоците што ДИК ги добива од МВР разликата на вкупно иселени меѓу 2014 и 2015 година е 9 илјади лица. Тоа значи дека од Македонија дневно само во текот на минатата година засекогаш заминувале по 24 граѓани.

Членот на ДИК, Јакупи за БИРН објаснува дека податокот за 78.000 иселени граѓани значи дека толкав број според МВР се евидентирани во странство, а не дека се иселиле во 2015 година.

Од 2010 до крајот на 2013, за само четири години, вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство во Европската Унија

„Тоа не се граѓани кои се иселиле само минатата година, како што пренесоа дел од медиумите, туку лица кои го пријавуваат престојот во странство и дел од нив се заминати и претходно. Во 2014 година, податокот за вкупен број на иселени лица што го добивме изнесува околу 69.000 лица“, објаснува Јакупи.

Анализата на БИРН пак која се базира на достапните податоци на европската статистичката служба Еуростат за периодот од 2010 до крајот на 2013 сепак покажува поголем тренд. Имено во тој период, за само четири години, вкупно 58.713 граѓани добиле прва дозвола за престој или државјанство во Европската Унија.

Тоа значи дека во тие четири години, само во земјите на ЕУ од Македонија најмалку по 40 македонски граѓани или повеќе од еден школски клас секој ден со спакувани куфери заминале кон Европската унија. Во тој период според статистиките на европската агенција од Македонија се „иселил“ цел еден град што според бројот на жители би бил поголем од Тетово.

Дополнително, ако се земе предвид дека одреден, но непознат број, македонски граѓани заминуваат да си ја пробаат среќата на европскиот пазар со бугарски пасош или работејќи на црно, тогаш е лесно да се претпостави дека бројката на иселени е уште повисока.

Огласниците и сега се преполни со понуда за работа со бугарски пасош во западните земји каде што се бараат електричари, водоводџии, ѕидари, бербери и готвачи во Германија, Словенија, Велика Британија и во други западни држави.

Според Стратегијата за демографски развој 2008-2015 што ја усвои Владата, годишно од државата се иселуваат помеѓу 10-15 илјади лица. Највисоко е учеството на населението од Полошкиот и Југозападниот регион.

Образованието е втора причина за иселување

Најголем број граѓани за првпат добиле дозвола за престој во ЕУ поради семејни причини, а државата која им издала најголем број вакви дозволи, но и државјанства, е Италија. Образованието, според Еуростат, е втората причина за доделување дозволи за престој на наши државјани.

Меѓу оние кои пред шест години заминале во Холандија е и Митко Вета, универзитетски истражувач кој студирал анализа на медицински слики на Универзитетот во Утрехт. Вета не спаѓа во групата млади луѓе кои сиромаштијата ги „избркала“ надвор од државата.

„Не се иселив поради економски причини – веројатно ако останев во Македонија ќе можев пристојно да заработувам. Мене ми е важно да живеам во општество кое добро функционира и се стреми кон истите вредности како и јас. Во моментот кога се иселив, Македонија не ги исполнуваше овие услови и немав надеж дека работите ќе се подобрат. Потоа се покажа дека сум бил во право“, вели струмичанецот Вета кој живее во Ајндховен и е постдокторски истражувач на универзитетот „ТУ Ајндховен“.

Образованието, според Еуростат, е втората причина за доделување дозволи за престој на наши државјани | Фото: Shutterstock.com

Образованието, според Еуростат, е втората причина за доделување дозволи за престој на наши државјани | Фото: Shutterstock.com

И покрај стравотната бројка на иселени по белиот свет за која алармираат странските извори на податоци, државните институции немаат направено официјална пресметка колку македонски граѓани си заминале.

Иселувањето, за кое сведочат напуштените куќи по селата, но и училиштата со сѐ помал број ученици, се смета за една од главните причини зошто се бега од пописот. Според пописните податоци од 1994 година, во странство живееле 173.611 лица.

Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, објаснува дека оваа институција води евиденција само за лицата кои официјално го пријавиле нивниот престој во странство. Според овие податоци, за 19 години, поточно во периодот од 1994-2013 година од Македонија заминале 11.380 граѓани, од кои речиси една четвртина само во периодот од 2009-2013.

„Иако по традиција сме народ со емиграција, во последните години е зголемено иселувањето на младите кои си одат од економски и социјални причини“, вели Герасимовски.

Одлив на мозоци

Темата за иселувањето, во недостаток на точни статистички податоци е повеќе предмет на партиски препукувања отколку на институционални анализи. Но, проблемот, независно од партиската афилијација е препознаен. Тоа го потврдува и резолуцијата за миграциската политика за период од 2015 до 2020 што минатата година ја усвои Собранието.

Во неа се наведува дека Македонија е меѓу десетте земји со најголем интензитет на одлив на мозоци.

„Во однос на образовната структура на мигрантите, истражувањата покажуваат дека последните пет години продолжи емиграцијата на високообразованите кадри. Тоа го потврдува и brain drain (одлив на мозоци) индикаторот на Светскиот економски форум, според кој во периодот 2009-2013 година Македонија се наоѓа во групата на десетте земји со најголем интензитет на brain drain (одлив на мозоци)“, пишува во Резолуцијата која е изгласана во Собранието.

Цели кои се предлагаат за да се спречи иселувањето се усогласување на продукцијата на кадри со пазарот на трудот, зголемување на вработеноста на лицата до 35 години во областите кои се карактеризираат со голема трајна емиграција, намалување на медицинскиот и инженерскиот кадар, како и поддршка за вработување на талентираните кадри.