Истражувањa

Намалувањето на невработеноста нѐ чини речиси 60 милиони евра

За седум години, државата потроши 57 милиони евра за програми со кои се вработија 47.000 невработени луѓе. Според експертите, мали се ефектите врз намалување на проблемот со невработеноста

За седум години, или од 2008 година до крајот на јуни 2015 година, според податоците на Агенцијата за вработување, бројот на невработени се намалил за 124.188 луѓе.

Заклучно со јули 2015 година, во Агенцијата за вработување се регистрирани вкупно 219.175 невработени лица. Од 2007 година се спроведува Оперативниот план за вработување преку кој, според директорот на агенцијата, Влатко Поповски, се отвориле 47.000 нови работни места.

„Државата обезбедува буџетски средства за различни видови програми кои треба да отворат нови работни места. Сите модели се опфатени преку два канала: кредитирање, преку одобрување поволни, но условени кредити и преку доделување грант-средства, како еднократна помош за оние што сакаат да отворат сопствен бизнис. По оваа основа се отворении 47.000 нови работни места. Тоа се вработувања кои се реализирани како резултат на нашите програми за субвенционирање, обуки, практиканство, ИТ вештини, грантови“, вели директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски

Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски

Од Агенцијата велат дека клучни се двата модела, првиот е самовработување со неповратна помош, а вториот е самовработување со кредити, но целта е иста, да се отворат нови работни места.

Моделот за самовработување за прв пат почна да се спроведува во мандатот на поранешната директорка на Агенцијата, Билјана Јовановска. Од денешна дистанца, таа вели дека можеби не е тешко да се најдеш на листата на некои од овие програми, да земеш кредит за сопствен бизнис, но прашањето е колку и како да се преживее потоа и дали фирмите кои ги вработиле лицата, ги задржале на работа.

„Првичната идеја беше да се мотивираат и финансиски да се поддржат невработените лица, со крајна цел и тие да станат дел од семејството на приватниот бизнис. Но, оваа замисла, во 2010 година преминува во маркетинг стратегија чија крајна цел е по секоја цена да се намали бројот на невработени. Подоцна исчезнаа и идејата и замислата, а од 2010 година најважно е да се намали бројот на невработени по секоја цена. Дај им пари и пушти ги да се мачат. Им даваш 3.000 евра, а спасуваш 10.000 со тоа што веќе државата нема обврски да плаќа за нив здравство, паричен надомест или какви било финансиски социјални надоместоци, а мора тие да платат давачки по најразлични основи“, вели поранешната директорка Јовановска.

По една од овие мерки посегна и еден триесетгодишен скопјанец, кој во потрага по егзистенцијално решение за себе и своето тукушто формирано семејство, решил да ја искористи понудата на евтин државен кредит.

„Во потрага по решение се пријавив на еден од конкурсите за државна помош. Преку една од мерките дојдовме до кредит. Го почнав малиот бизнис. Почетокот беше тежок, администрација, документи, обврски, давачки, но бев решен дека ќе истрајам во обидот. По подолг период, некако почна да се покрива минусот на сметките. Кога помислив дека, ете, ќе дојдат подобри денови, следуваше удар. Соочен со постојани инспекции, плаќања, казни, само за неколку недели работите тргнаа надолу“, раскажува сега веќе невработениот скопјанец.

Од Агенцијата за вработување признаваат дека сите бизниси и работни места не преживуваат, но велат дека стапката на смртност на новоотворените фирми не е алармантна.

„Нашата анализа покажа дека смртноста на новоотворените бизниси се движи од 25% до 30%, односно дека досега преживеале меѓу 71% до 75% од новите фирми, што сметам дека е добро ниво на одржливост“, вели директорот Поповски.

Во периодот од 2008 до крајот на јуни 2015 од списоците на невработени бил регистриран одлив по сите основи на дури 784.195 луѓе. Агенцијата за вработување ги сумира податоците за одлив само на месечно ниво, но обработката на податоците на годишно ниво покажува фрапантни податоци според кои само за осум години, врз основа на „заснован работен однос“ биле избришани 343.931 лице, а дури 440.264 биле избришани по други основи, како нередовно пријавување или пензионирање.

Висока цена за намалување на сиромаштијата – има ли ефект?

Додека Агенцијата за вработување преброи дека во Македонија, заклучно со јуни 2015 година, има 219.175 невработени, според Заводот за статистика оваа бројка изнесува 256.596 лица, или стапка на невработеност од 26,8%.

Агенцијата за вработување во јуни 2015 преброи 219.175 невработени, а Заводот за статистика 256.596 лица

Агенцијата за вработување во јуни 2015 преброи 219.175 невработени, а Заводот за статистика 256.596 лица

„Намалувањето на невработеноста од 38 на 26,8 проценти, што значи за една третина, е најдобриот резултат на владата во последниве 9 години и е резултат на макотрпна работа каде што се спроведени бројни реформи. Kрајна цел e до крајот на 2017 и почетокот на 2018 невработеноста да биде под 22 проценти“, изјави вицепремиерот и министер за финансии, Зоран Ставрески, оценувајќи ги показателите за вториот економски квартал од годинава.

Официјалната статистика покажува дека во изминатите години стапката на невработеност се намалува и според досега изнесените оценки на владата тоа е резултат, пред сѐ, на активните програми за вработување и самовработување.

Сумата за буџетска поддршка за нови работни места од година в година расте. Деталната анализа на податоците добиени преку анализа на буџетот на Агенцијата за вработување, покажува дека во последните девет години за програми за вработување се потрошиле 57 милиони евра, според следнава динамика:

Додека од една страна, годишно се одлеваат милионски суми на евра за сузбивање на невработеноста, дел од економистите оценуваат дека ваквите скапи мерки засега имаа повеќе популистичка, отколку економска димензија. Според Маја Геровска-Митев, универзитетската професорка која е дел од многубојни истражувања посветени на социјалните и активните политики за вработување, досегашните владини мерки за вработување не се решение за проблемот на структурната невработеност.

„Субвенционираното вработување, само по себе, не може да ги подобри квалификациите на невработените, ниту да гарантира дека работникот ќе остане на пазарот на трудот по истекот на условите за субвенционираното вработување. Исто така, другата причина е што нема понуда за активирање на долгорочно невработените, односно на оние кои немаат образование или имаат низок образовен степен. Недозволиво е во услови на висока стапка на долгорочна невработеност оваа категорија лица да нема соодветна понуда на поддршка за вработување“, вели професорката Геровска-Митев.

Официјалните податоци од Агенцијата за вработување покажуваат алармантни податоци за стуктурата на невработените, токму според степенот на образование. Така, заклучно со вториот квартал од 2015 година, на листата активни невработени имало 122.257 лице. Од нив 47.135 или 38,5% биле без образование, таргет-група која, според професорката Геровска-Митев, е најпроблематична и за која е потребно структурно решение.

Без решение за недоволната стручна подготовка и отсуството на работни квалификации, според економистите, нема да има ниту решение за длабоката невработеност.

Економскиот истражувач Бранимир Јовановиќ, кој е и член на левичарското движење „Солидарност“, смета дека мерките за субвенционирање на вработувањата ќе имаат краткотраен ефект кој ќе заврши откако ќе заврши и програмата, односно мерката за субвенционирање.

Јовановиќ, повикувајќи се на достапната статистика, вели дека мерките за вработување ја намалиле невработеноста од 36 отсто во 2006 година на 28 отсто во 2014 година, а вработеноста е зголемена за 110.000 нововработени. Но, тој вели дека податоците не можат да се анализираат изолирано од состојбата на сѐ уште високата стапка на сива економија.

„Според едно мое истражување, 70.000 од овие 110.000 нови вработувања се, всушност, само премин од сивата економија. Тоа не значи дека нема пораст на вработеноста, туку само дека тој пораст е многу помал од она што го кажуваат официјалните податоци, т.е. околу 40.000 лица. Најголемиот дел од овие 40.000 лица веројатно се вработени во јавниот сектор. Главната причина лежи во тоа што речиси сите мерки за вработување на оваа влада се однесуваат на намалување на трошоците за труд (преку намалување на даноците и придонесите), а не на адресирање на структурните проблеми“, вели економистот Јовановиќ.

Според годинашниот Оперативен план за вработувања, треба да се отворат 16.226 нови работни места. Дополнително, Владата во април го промовираше и проектот „Македонија вработува“, преку кој, заклучно со февруари 2016 година, се вработиле 13.000 луѓе.

„Овој проект дава резултати и ќе продолжи да се реализира до крајот на април. Им носи значителни заштеди на компаниите и тоа од 1.500 до 2.000 евра за секое отворено работно место“, изјави заменикот министер за труд и социјална политика, Диме Спасов.

Дали само државните кредити и неповратната помош можат да бидат решение за невработеноста?

Мерките за вработување и самовработување беа дочекани различно од страна на бизнис заедницата за која владата понуди дополнителни поволности, но и обврски доколку искористи некоја од мерки за отворање нови работни места.

Од Сојузот на стопанските комори на Македонија велат дека ефектите од владините мерки за вработување треба да бидат видливи во текот на оваа година.

Дел од бизнисмените велат дека владините мерки се популистички и не се долгорочно решение за намалување на невработеноста

„Знаеме дека трошоците кај компаниите во значителен дел се за плати. Мерките за вработување на млади лица, како и новите сет-мерки од проектот ‘Македонија вработува’, потоа субвенционирање директни вработувања во компаниите, обуки за нововработени, се повеќе од добредојдени за компаниите кои имаат план за проширување на својата дејност и имаат потреба од нови вработувања“, посочуваат од Сојузот на стопанските комори на Македонија.

Дел од бизнисмените велат дека владините мерки се популистички и не се долгорочно решение за намалување на невработеноста.

„Јас не сум ги искористил мерките, но сепак сметам дека се работи за популистички мерки кои на долг рок нема да дадат резултати во намалувањето на невработеноста и зголемувањето на вработеноста. Потребни се долгорочни мерки и стратегии. Од друга страна, не треба да се мисли дека парите, односно субвенциите што ги дава владата за вработување лица, компанијата потоа нема на некој начин да ги врати преку зголемени давачки, даноци и сѐ друго“, вели бизнисменот Мендерес Кучи.

Од Стопанската комора на Македонија велат дека дел од нивните членки користеле субвенции за вработување и сметаат дека се позитивни. Но, сепак, посочуваат дека овие мерки не се доволни за намалување на невработеноста во земјава.

„Од фирмите што се наши членки кои ги користеле овие мерки, според нашите сознанија, вработени се вкупно 206 лица од кои 106 во текстилната индустрија, дел во градежништвото, чевларската индустрија, прехранбената индустрија, издавачката дејност. Според искажувањата на нашите членки не е реално да се очекува дека сите пријавени и ќе останат на работа, бидејќи тоа зависи и од нивната подготвеност да се справат со сите предизвици што ги носи работното ангажирање. Кај повеќето наши членки повеќе од половината пријавени останале на работа. Овие мерки се добри, но не се доволни, бидејќи невработеноста во нашата држава е структурен и догогодишен проблем“, велат од Стопанската комора на Македонија.

Министерството за труд и социјална политика, кое располага со еден од најголемите буџети, затоа што е надлежно за поддршката за невработените, не одговори на прашањата колку вкупните мерки за вработување го дадоа очекуваниот ефект, колку од отворените бизниси се успешни и зошто и покрај државните мерки за зголемување на вработеноста, и натаму имаме една од највисоките стапки на невработеност во Европа.

Во едно од најновите годишни истражувања на Европската комисија високата стапка на невработеност останува и натаму клучен проблем кој е нотиран со серија забелешки.

„Според последните податоци од Анкетата на работна сила (2014), стапката на долготрајна невработеност во Поранешна Југословенска Република Македонија е исклучително висока, изнесува 23,9% во 2013 година. Таа е повеќе од четири пати повисока во споредба со просечната европска стапка и од највисоката долгорочна стапка на невработеност кај земјите-членки на ЕУ (односно Грција, 18,5% во 2013 година)“, се наведува во извештајот на ЕК.

Наместо популистичка, одржлива стартегија за невработеноста

Економистите велат дека решенијата треба да се бараат многу подлабоко и системски.

„Намалување на невработеноста не можеме да очекуваме од парцијални пристапи како најновиот проект ‘Македонија вработува’, каде што главниот ефект врз креирањето на работни места се очекува од ослободувањето на работодавците за неплаќање на задолжителните социјални придонеси. Таквиот пристап е погубен, како за социјалната држава и нејзините фондови, така и за регуларните плаќачи на социјални придонеси, но и за свеста во однос на социјалните права“, оценува професорката Геровска-Митев.

Маја Геровска-Митев, универзитетска професорка

Маја Геровска-Митев, универзитетска професорка

Проблемот во слабите ефекти од мерките за вработување, аналитичарот Јовановиќ ги лоцира и во отсуство на вистински реформи во јавниот сектор.

„Клучниот предизвик е реформата на јавниот сектор. Потребно е да се подобри функционирањето на јавниот сектор, т.е. обезбедувањето на јавните добра и услуги. Проблемите тука, пак, потекнуваат од партизираноста, т.е. од сфаќањето дека оние кои на некој начин ја задолжиле владејачката партијата треба да бидат наградени за тоа преку вработување во јавниот сектор. Мора да се запре со ваквата практика. Мора еднаш конечно да се воспостави практика на објективно и професионално вработување, за што е потребна политичка волја која досега ја немало кај нас“, вели економистот Јовановиќ.

Новоотворените 47.000 работни места за девет години државата ја чинеле 57 милиони евра, или 1.213 евра по работно место, што претставува околку две и пол просечни бруто-плати. Меѓу луѓето кои посегнаа, но немаа успех е и средовечниот скопјанец кој сега треба да го врати кредитот што го зеде за отворање бизнис со камата.

„Ставив клуч на врата и на државата ѝ враќам повеќе од двојно од тоа што таа мене ми помогна“, вели тој.

Луѓето кои биле опфатени со Оперативниот план за вработување, а не успеале со бизнисот, се бришат од списокот на невработени.

„Околу 12% од пласираните кредити се проблематични пласмани, што сметам дека не е високо ниво. Има лица кои не ги враќаат навреме кредитите и тие се соочуваат со проблем“, вели директорот на Агенцијата за вработување, Влатко Поповски.

Со таков статус сега е и скопјенецот кој постегна по една од мерките и заврши како невработен, но и со изгубено право да биде на листата активни невработени кои имаат право на пристап до програмите за помош и поддршка за вработување.