Регион

Необележанa гробница во Белград крие жртви на егзекуции по Втората светска војна

Во елитна населба во Белград, во необележана гробница, закопани се жртви што комунистичката власт ги егзекутирала по Втората светска војна. Нивните семејства бараат во знак на сеќавање да им се подигне траен споменик.

Членови на семејствата на дел од жртвите во Лисичји поток во Белград. Фото: БИРН; Миливоје Пантовиќ

Членови на семејствата на дел од жртвите во Лисичји поток во Белград. Фото: БИРН; Миливоје Пантовиќ

Пишува: Миливоје Пантовиќ, Белград

Мирната населба Лисичји поток, дел од елитната населба Дедиње во Белград, опкружена со дрвја и нови згради што се надвиле над нив, можеби е, според некои историчари, место каде што се наоѓа најголемата масовна гробница во српскиот главен град, каде што по Втората светска војна биле стрелани стотици луѓе.

„Мојот татко е веројатно тука. Тој бил лекар во воената болница, што ја веделе окупациските (германски) сили и режимот на Милан Недиќ (нацистички соработник и тогашен премиер на Србија). Неколку дена по ослободувањето на Белград, партизаните дошле по него“, вели за БИРН, Слободан Ѓуриќ, претседател на Здружението на политичките затвореници од Белград.

Ѓуриќ, е роден во 1943 година, за време на окупацијата, и не се сеќава што се случило во октомври 1944 година, кога советските и југословенски партизански сили го ослободиле Белград од нацистичка окупација. Сепак, добар дел од своето време посветил на потрагата по вистината за неговиот татко и за другите лица кои во тоа време исчезнале.

„Мајка ми рече дека татко ми бил во затвор четири дена и дека станал сенка. Изгубил пола тежина“, вели тој.

„Го испрашувала ОЗНА (југословенската тајна полиција). Веднаш по ослободувањето, партизаните го уапсиле, ѕаедно со уште 15 негови колеги. Сите исчезнаа“, додаде тој.

Верува дека неговиот вујко бил во група од 29 лица од Кошутњак, која била ликвидирана во Лисичји поток.

„Врз основа на сведочењето на некои луѓе, тој бил против новата држава и затоа бил убиен. Се разбира, сиот негов имот бил конфискуван“, нагласи тој.

„Ова место, Лисичји поток, би било совршено место за изградба на споменик во чест на оние кои биле убиени од страна на партизаните. Некои од нив сѐ уште лежат тука, под овие нови згради“, вели тој, посочувајќи кон неодамна изградените објекти.

Историчарот Срѓан Цветковиќ е поранешен секретар на Државната комисија за пронаоѓање и обележување на сите тајни гробници во кои се наоѓаат останки на стреланите во екот на репресивниот комунистички режим, по војната, па се до 1953 година.

Според Комисијата, режимот, од септември 1944 година, убил 59.554 луѓе. Во Белград, потврдени се имињата на 3.615 од нив.

Цветковиќ за БИРН вели дека во Лисичји поток треба да се подигне споменик на убиените.

„Лисичји поток е најголемата масовна гробница во Белград. Луѓето, и невини и виновни, биле убиени од тајната полиција без судење. Тоа е причината зошто ова место треба да биде обележано“, нагласува тој.

Додаде дека луѓето биле водени во локалната полициска станица, каде што биле испрашувани, а потоа биле транспортирани во Лисичји поток и ликвидирани.

„Методологијата била ноќе да се носат околу 50 до 100 луѓе на ова место и тоа траело неколку месеци по ослободувањето (на Белград). Ова е прва фаза на сталинистичката револуција во Србија. Покрај соработниците, комунистите стрелале и политички противници и класни непријатели, но и лица кои имале малку повеќе (имот) од другите“, вели Цветковиќ.

Вакви егзекуции, според него, кон крајот на 1944 година се вршеле ширум ослободената територија на Србија, а досега се ексхумирани само две вакви гробници, во селото Змијанац кај Зајечар и во фабриката на Фиат во Крагуевац. Скелети од жртви биле пронајдени на двете места.

„Комунистите овој несигурен период го искористиле да го ’исчистат’ населението од ’елементите’ кои можеле да му наштетат на идниот режим. Во тоа време, комунистите ја присвоиле антифашистичката борба, а сведоците исчезнувале“, рече тој.

Истакнува дека гробниците во Лисичји поток и на други места во Србија, никогаш не биле ексхумирани, бидејќи „државните институции немале волја“ да го сторат тоа.

„Сега тоа не е ниту можно, бидејќи на местата на масовните гробници се изградени објекти“, вели тој.

Како што информира, постојат бројни сведоштва, дека Лисичји поток е масовна гробница, што беше потврдено дури и од лица кои биле инволвирани во убиствата.

Сепак, вели тој, ексхумацијата на останките на жртвите не е најважната работа.

„Нашата цел не е да одиме низ Србија и да раскопуваме стари гробови. Тешко е да се идентификуваат луѓе кои биле стрелани. Нашата цел е да се задржи културата на сеќавање, да ги обележиме местата каде што тие биле убиени и закопани. Сакаме да го зачуваме споменот на времето кога сталинистичкиот режим бил присутен во Србија“, рече тој.

Цветковиќ истакна дека, иако поминале неколку децении, во Србија нема споменици за жртвите на комунистичкиот режим.

Во Лисичји поток, сепак, е изградена спомен-чешма на кралот Александар Караѓорѓевиќ, кој беше убиен во 1934 година. Ѓуриќ вели дека оние кои биле егзекутирани од страна на комунистите, како неговиот вујко, заслужуваат симбол на сеќавање.

„Се кажувало дека овие жртви биле транспортирани во Русија, дека исчезнале, но тие се наоѓаат тука. Ако не можеме да ги идентификуваме нивните коски и гробови, тогаш би било соодветно да им подигнеме некакво обележје. Тоа би била пристојна работа“, заклучи тој.