Флеш Вести23/01/2018 12:40

Нов агрегатор на вести од светските медиуми

Тимот на агрегаторот на вести Тајм.мк денеска официјално го промовираше сајтот за прикажување вирални социјални постови од светските медиуми, наречен Популаст.

Овој агрегатор ги собира објавите кои биле постирани на социјалните мрежи (Твитер и Фејсбук) од последните 24 часа, недела и месец од 223 светски медиуми од типот на Indipendent, The Guardian, Financial Times, USA Today, Reuters, Vox, CNN, BBC и многу други. Дали некоја вест ќе се најде на Популаст зависи од бодовите што ќе ги собере веста, кои се пресметуваат според посебна формула.

Популарноста, од таму и името на сајтот „last popular news – populast“, се пресметува како зголемен интерес на читателите кон одредена објава споредено со другите објави од истиот медиум.

„Мотивацијата за изработка на овој сајт е да ги најдеме објавите кои пројавиле необично висок интерес кај публиката споредено со просечна објава од истиот медиум. Веруваме дека тие објави носат најмногу информации и интерес кај читателите“, вели Игор Трајковски, сопственикот на Тајм.мк.

Агрегаторот дава можност корисникот да го персонализира агрегаторот, односно според интересите да подеси брз пристап до омилените медиуми или пак да ги блокира медиумите од кои не сака да чита нови вести.