Регион

Нова интернет страница за војните во 90-тите за наставниците на Балканот

Џана Брканиќ, Сараево

Едукативен материјал на EUROCLIO за војните во 90-тите

Асоцијацијата на европски едукатори по историја, EUROCLIO, во соработка со здруженијата на наставници и едикатори по историја од поранешна Југославија, покренаа нова интернет страница, која нуди материјал кој може да им помогне на наставниците, во наставата по историја, за војните во деведесеттите години.

Веб-страницата наречена Devedesete.net е резултат на двегодишниот проект, „Изучување на историјата, која тоа сѐ уште не е“.

„Ова е период кој се памети на различни и често многу спротивставени и меѓусебно исклучувачки начини“, пишува на страницата.

Историјата на војните од деведесеттите, во поранешна Југославија, е доста чувствително и контроверзно прашање во сите земји, велат креаторите на новата страница и додаваат оти овие теми, во некои земји од регионот, целосно се воведени во наставата, во некои само делумно, а во трети воопшто не се.

Александар Тодосијевиќ од Здружението за општествена историја на Србија, Euroclio, кој работеше на создавањето на страницата, вели дека сегашната ситуација во регионот е таква, што „Хрватите сѐ уште живеат во деведесеттите години, во Србија се однесуваат како деведесеттите години воопшто да не се случиле, додека во БиХ владее најголем хаос, поради големиот број на наставни програми и планови“.

„Нашата идеја беше да им покажеме на наставниците дека постојат материјали надвор од наставната програма, кои можат да се користат во предавањата за војните во деведесеттите години, на модерен и одговорен начин. Тоа се различни бази на податоци, литература, документарни и играни филмови, музејски поставки, меморијали, како и проекти на различни невладини организации“, вели Тодосијевиќ.

Меѓу материјалиte се и пресудите на Хашкиот трибунал, како и два филма на БИРН Босна и Херцеговина (БИРН БиХ) – „Ми недостасуваш …“, документарен филм за семејствата на исчезнатите лица и „Нечуен крик“, кој зборува за траумите што и денес ги чувствуваат жртвите на сексуална злоупотреба во војната во БиХ.

Според Тодосијевиќ, наставниците, користејќи ги овие материјали, ќе ги учат децата и на помирување.

„Во јавноста секогаш се зборува за ’своите жртви’, секоја страна смета дека најмногу страдала, и кога би се предавало на таков начин, кај децата ќе се предизвика лутина или би се развил еден вид на омраза, а тоа би било одлична подготовка за нови конфликти и судири“, заклучува Тодосијевиќ.