Регион

Нови Сад: Протест на десничари против прикажување на филм за Косово

Десетици активисти на десницата, се обидоа да го спречат прикажувањето на филмот за животот на Косово во Нови Сад, при што дел од нив влегоа во салата во која се прикажуваше филмот, но полицијата реагираше и ги исфрли надвор.

Маја Живановиќ, Белград

Протест на десничарите пред седиштето на НЗНВ. Фото: БИРН

Прикажувањето на филмот за секојдневниот живот во Косово, во Нови Сад, во понеделникот вечерта предизвика протести на неколку десетици членови на десничарските групи Заветници и Млада српска сила.

Тие се собраа пред седиштето на еден од копродуцентите на филмот, Независното здружение на новинари на Војводина, НЗНВ, каде што филмот се прикажуваше.

Демонстрантите носеа транспарент на кој пишуваше „За српските автошовинисти, подароци од Жолтата куќа” и фотографии на човечки органи, алудирајќи на фармата во близина на албанскиот град Бурел, каде што, наводно, припадници на Ослободителната војска на Косово, во 1999, носеле Срби, на кои им ги отстранувале органите.

Десничарите, држејќи фотографии на припадници на ОВК, се обидоа да влезат во просториите на НЗНВ и да ја спречат проекцијата. Дел од нив успеаја да влезат во зградата, но полицијата набрзо ги изнесе надвор.

НЗНВ во неделата, од безбедносни причини, ја откажа планираната проекција на филмот во киното Арена во Нови Сад и одлучи филмот да го прикаже во своите простории.

„По серија на закани и повици за линч, упатени до организаторите и публиката преку социјалните мрежи, од страна на екстремистички и профашистички организации, а земајќи го предвид фактот дека во исто време во киното Арена се закажани и настани кои вклучуваат голем број на малолетници, НЗНВ ја донесе оваа одлука, проценувајќи дека евентуалното националистичко дивеење и насилство, би можеле да ја загрозат безбедноста на децата“, се вели во соопштението НЗНВ.

Филмот за животот на Косово, во понеделник беше прикажан во просториите на НЗНВ. Фото: БИРН

Здружението нагласува дека одредени државни структури во Србија ги поддржуваат десничарските екстремисти.

„Има безброј докази дека екстремистичките организации кои промовираат насилство, како метод на политичка борба, се диригирани одреди на одредени државни и парадржавни структури, чија цел е заплашување на граѓаните кои мислат поинаку, како и задушување на човековите права и слободи”, се додава во соопштението.

Филмот, како што се објаснува, е вистинска приказна за вистински луѓе кои денес живеат во Косово, “полна со противречности и страсти, во која се испреплетени очајот и надежта во заедничкиот живот”.

Копродуцент на филмот е извршниот продуцент на емисијата на БИРН, „Животот во Косово”, Фаик Испахиу, во рамките на медиумската соработка меѓу БИРН Косово и НЗНВ.

Објавено и на Балканска транзициска правда