Вести

Новинарите до Владата: Ќе ве сметаме за соучесници

Врие од незадоволство и револт кај дел од новинарската фела, по вчерашниот инцидент кога во семејната куќа на новинарот и уредник на ТВ Нова Борјан Јовановски непознато лице кое се претставило како Тодор Александров оставил погребен венец со напис „Последен поздрав“.

Новинарите го вратија венецот со натпис „Последен поздрав“ до Владата | Фото: З. Ричлиев

Новинарите го вратија венецот со натпис „Последен поздрав“ до Владата | Фото: З. Ричлиев

Новинари, граѓани и претставници од невладиниот сектор се собраа пред Владата за да го вратат венецот, бидејќи сметаат дека тоа е институцијата од каде што почнува говорот на омразата, а институциите се должни да ги спречат јавните повици за линч кои сè почесто ги има во јавноста.

Цветковска: Владата го овозможи овој амбиент | Фото: З. Ричлиев

Цветковска: Владата го овозможи овој амбиент | Фото: БИРН

„Тоа не значи дека ние мислиме дека Владата го нарачала венецот, туку овозможила амбиент во кој одредени луѓе ќе се дрзнуваат да се закануваат по живот на новинари и на луѓе кои размислуваат различно и пишуваат критично. Многупати сме имале случаи на национални телевизии на поголема група на новинари се повикувало на линч, но јавниот обвинител не реагирал. Затоа, овој венец со последен поздрав ќе заврши тука во Владата како опомена дека можеби утре некој навистина ќе биде ликвидиран и тој товар ќе го носат овие луѓе тука“, изјави новинарката од ТВ Нова Сашка Цветковска.

Вчера попладнето, додека уредникот на ТВ Нова Јовановски бил на пат, во куќата на врата заѕвонило непознато лице. Вратата ја отворила неговата сопруга, а во домот биле и нивните две малолетни деца. Човекот, кој имал околу триесетина години, со вербални напади и пцовки ѝ го предал погребниот венец завиткан во кеса на сопругата на Јовановски и се претставил како Тодор Александров. Веднаш потоа, тој избегал.

По смртта на Никола Младенов, ништо не може да не изненади со оглед на фактот што тој загина под сомнителни околности изјави колешката на Јовановски, Билјана Секуловска која го фрли венецот венецот пред владата

Новинарката Билјана Секуловска го фрли венецот  пред владата

Била повикана полиција, а увид извршила и крим-техника. Биле земени отпечатоци, направен бил записник, а погребниот венец го зела полицијата како доказ.

„Ова што се случи ме шокираше и мене и моето семејство. Моите малолетни деца беа сведоци на еден грозен чин, кој секако е предизвикан од институциите кои и покрај сите предупредувања не преземаат ништо за да го спречат говорт на омраза и серијата повици на линч портив сите опоненти на власта. Но, ова секако нема да ме спречи и понатаму да ја работам мојата работа онака како што отсекогаш сум го правел, професионално“, изјави Јовановски.

Неговите колеги се револтирани од грозоморниот чин.

„По смртта на Никола Младенов, ништо не може да не изненади со оглед на фактот што тој загина под сомнителни околности. Она што ние го бараме е полициска заштита за нашиот колега Борјан Јованоски, а доколку тоа не биде овозможено ќе сметаме дека постои дирекно соучесништво на луѓето кои го направија овој злостор со властите, односно МВР“, рече Билјана Секуловска, уредник во ТВ Нова.

Згрозена од смртната закана кон Јовановски, неговата сестра, новинарката Светлана Јовановска рече дека ова е заканата која најмногу ги потресла.

Од многубројните закани кои сме ги добивале со Борјан и другите колеги кои се осмелуваат да пишуваат критички текстови, оваа најмногу не потресе, рече сестрата на Јовановски | Фото: З. Ричлиев

Сестрата на Јовановски, новинарката Светлана Јовановска | Фото: БИРН

„Од многубројните закани кои сме ги добивале со Борјан и другите колеги кои се осмелуваат да пишуваат критички текстови кон работењето на Владата, оваа најмногу не потресе. Нè потресе затоа што дома синоќа беа и децата на Борјан, кои се тресеа од возбуда, не знаеја како да реагираат, а ние не знаевме како да им објасниме што се случува. Ова е нецивилизиран начин на изразување и станува опасен“, рече Јовановска.

Венецот со напис „Последен поздрав“, новинарите го фрлија кон Владата, каде што имаше зголемено полициско присуство. Новинарите фрлија и каранфили и свеќи кон објектот на Владата.

Згрозување од настанот

Новинарскиот пленум веднаш излезе со реакција за случајот и побара од министерката за внатрешни работи во рок од 24 часа да го расчисти случајот.

„Овој умоболен чин кој длабоко го потресе семејството на нашиот колега и сите членови на Новинарскиот пленум, го сфаќаме како мафијашка порака од Фамилијата што ја владее Македонија до критичките медиуми и новинари – што не очекува сите од ред ако и се спротивставуваме на власта!“, се вели во вчерашната реакција на пленумот.

Погребниот венец беше оставен пред Владата бидејќи новинарите ја сметаат за директен соучесник во ширењето говор на омраза | Фото: З. Ричлиев

Со реакција за вчерашниот инцидент во семејната куќа на Јовановски се огласи и владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, Здружението на новинари (ЗНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), Македонската асоцијација на новинари (МАН), како и голем број на граѓански активисти.

Од ЗНМ тврдат дека „испраќањето венец со порака последен поздрав во домот на новинарот Јовановски е кукавички чин вперен против сите новинари во Македонија“.

Закани по живот и за новинарот Бојаровски

Новинарот Зоран Бојаровски вчера добил закани по живот на социјалната мрежа „Фејсбук“, откако објавил колумна во „Слободен печат“ и на „Плусинфо“за митовите и заблудите на
самопрогласувањето на автокефалијата на МПЦ.

Бојаровски настанот го пријавил во полиција каде што било идентификувано лицето за кое се претпоставува дека ја испратило заканата. За смртните закани против Бојаровски известена е и делегацијата на ОБСЕ.

„Прилично сум вознемирен од овој настан. Ова е уште една од серијата, во последно време, сосема отворени и грозоморни закани по слободата и слободните луѓе во Македонија“, изјави Бојаровски за „Плусинфо“.

„Силно се солидаризираме со Јовановски а на испраќачите на ваквите закани им порачуваме дека новинарите во Македонија со вакви застрашувачки пораки нема да се одвратат од нивната мисија да ја информираат јавноста за реалноста во Македонија“, се вели во реакцијата на ЗНМ.

МИМ ги повикува надлежните органи веднаш да ги пронајде сторителите, а од институциите побара недвосмислено да го осудат и јавно да се дистанцираат од овој гнасен чин.

„Овој чин сериозно ја нарушува безбедноста на новинарите, ги поткопува заедничките напори на институциите и целата професионална медиумска заедница за подобрување на медиумскиот амбиент ииспраќа многу лоша слика и порака кон меѓународната јавност за состојбите со слободата на изразување во Република Македонија“, се вели во соопштението.

Со реакција се јави и владејачката ВМРО-ДПМНЕ.

„Вакви настани за ВМРО-ДПМНЕ се целосно неприфатливи и штетни, како лично за новинарот Борјан Јовановски и неговото семејство, така и за целокупната атмосфера во државата. Во последните месеци видовме повеќе настани во кои новинари беа изложени на местенки, смени од позиции во нивните медиуми, забрани на емисии, физички напади и навреди. Сето тоа штети на новинарството, но и на државата“, се вели во соопштението.

Чести напади кон критичките новинари

Јовановски: Институциите не преземаат ништо за да ги спречат повиците за линч

Јовановски: Институциите не преземаат ништо за да ги спречат повиците за линч

Ова не е прв пат Јовановски да се најде на тапет во медиумите блиски владејачките структури и од власта. Во една прилика во октомври 2011 година премиерот Никола Груевски го издвои Јовановски како новинар кој работи за ЕУ за да го деградира имиџот на земјата. Премиерот тогаш изјави дека Јовановски е „многу добро познат на македонската јавност и е вклучен во сенка на скандали и афери“, додавајќи дека „тој не е повеќе новинар“, по затворањето на А1 телевизија.

Оваа изјава следуваше откако Јовановски постави прашање до тогашниот евроамбасадор во Македонија Ерван Фуере дали препораката на Европската комисија за почеток на преговорите за членство на Македонија во ЕУ е под закана.

Чести се нападите против него и против новинарите кои се критички настроени спрема власта и на социјалните мрежи и во медиумите, етикетирајќи ги како „соросоиди“, „платеници“, „предавници“ и слично.