Актуелно

Новите хероини на македонската правда

Кои се Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, кои со својот настап предизвикаа лавина на реакции кога и го претставија на јавноста првиот предмет на специјалното обвинителство против високи функционери од владејачката партија, со кодно име „Титаник“.

„Не залудно Јустиција е жена“, коментираше вчера еден судија откако Фетаи и Ристоска, заедно со нивната претпоставена Јанева, излегоа на прес – конференција да ги соопштат деталите за случајот „Титаник“

„Не залудно Јустиција е жена“, коментираше вчера еден судија откако Фетаи и Ристоска, заедно со нивната претпоставена Јанева, излегоа на прес – конференција да ги соопштат деталите за случајот „Титаник“

„Амазонките“ на специјалната обвинителка Катица Јанева, Ленче Ристоска и Фатиме Фетаи, со молскавична брзина ги окупираа главните страници во македонските медиуми и ги преплавија социјалните мрежи.

Храбри, елоквентни, пркосни, се само некои од епитетите во многуте коментари за настапот на двете обвинителки. Можеби тоа се должеше на фактот што после долго време, за првпат јавна институција соопштува дека е отворена истрага и побаран притвор за високи функционери од владејачката партија, можеби поради нивниот изглед, став и ораторски вештини, но како и да е, ретко кој остана рамнодушен на моментот кога трите жени излегоа да ја соопштат веста која, без оглед на исходот, ќе биде запишана во историјата.

„Не залудно Јустиција е жена“, коментираше вчера еден судија откако Фетаи и Ристоска, заедно со нивната претпоставена Јанева, излегоа на прес – конференција, соопштувајќи ја веста дека е побаран притвор за бившите министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески и за уште шест други лица, под сомнение за изборни измами и злосторничко здружување.

Паѓаа и понуди за брак

На социјалните мрежи двете обвинителки беа нарекувани „хероини“, „примери за жени“,„жени со големо Ж“ па дури паѓаа и понуди за брак.

На Фејсбук се отвори и „Фан страна на Фатиме Фетаи“, која за кратко време доби над 7.500 поддржувачи.

„ Дур го читаш твитов Фатиме Фетаи доби 2.000 нови лајка на пејџот“.

„ Ленче и Фатиме се новите Бијонсе и Шакира“.

„Синоќа Шекеринска. Денес Јанева. Па Фатиме. Па Ленче. Пуштете им на ќерките вести, има на кого да се угледаат“.

„ Мали огласи: Барам маичка со Ленче и Фатиме“.

Кои се обвинителките кон кои јавноста ги впери очите?

Ристоска и Фетаи, освен самодоверба, елоквентност и работата на едни од најтешките предмети во македонскиот правен систем, ги поврзуваат и други работи – двете обвинителки се од западниот дел од Македонија, имаат по 32 години и важат за едни од поамбициозните кадри во скопското обвинителство, каде што претходно работеле.

Фатиме Фетаи, за да почне да работи во Специјалното јавно обвинителство, го прекинала породилното отсуство после 3 месеци

Фатиме Фетаи, за да почне да работи во Специјалното јавно обвинителство, го прекинала породилното отсуство после 3 месеци

Во разговор со дел од судската фела, ни беше кажано дека Фатиме Фетаи, за да почне да работи во Специјалното јавно обвинителство, го прекинала породилното отсуство после 3 месеци.

„Морам да го работам ова, пред мене е кариера, имам свекрва што може да ми го причува детето“, биле зборовите на Фетаи кога одлучила да го прифати новиот предизвик.

Сличен став имала и кога работела во скопското јавно обвинителство – дел од судиите дури ја прашувале дали некој ѝ ги има пишувано обвиненијата, бидејќи секогаш доаѓала на судења подготвена во целост и жестоко ги бранела ставовите на обвинителството.

Таа е родена во село Неготино, Гостивар. Завршува Правен факултет во Скопје, каде магистрира, а во гостиварскиот суд работи до 2011 година, кога се префрла во скопското јавно обвинителство. Таму работи до крајот на 2015 година, кога се префрла во Специјалното јавно обвинителство.

Според анкетниот лист за нејзината имотна состојба, нејзиниот сопруг зема плата од 11 илјади денари. Фетаи вози „Киа пиканто“ од 2008 година, поседува накит од речиси 10 илјади евра, а минатата година подига кредит од 72 илјади евра на 30 години и купува стан во Скопје. Освен ова, таа има подигнато уште еден кредит од 10 илјади евра во 2013 година, кој треба да го исплаќа во наредните 10 години.

Ристоска по потекло е од Тетово, а нејзината фамилија има историја во правосудниот систем, бидејќи и нејзиниот татко бил судија, кој сега е во пензија

Ристоска по потекло е од Тетово, а нејзината фамилија има историја во правосудниот систем, бидејќи и нејзиниот татко бил судија, кој сега е во пензија

Обвинителката Ленче Ристоска, која воедно е и портпарол на Специјалното јавно обвинителство пак, според анкетниот лист за имотната состојба, на свое име поседува градежно земјиште во Скопје, купено во 2014 година за над 4 илјади евра, вози „Рено Каптур“ купено минатата година за 15 илјади евра, а истата година подигнала кредит од 10 илјади евра.

Токму новиот автомобил на Ристоска предизвика внимание во јавноста минатиот месец, кога беше објавено дека таа со нејзиниот сопатник, излетале во провалија.

„Тоа беше незгода поради невнимание, бидејќи налетав на осојничаво место со мраз. Направив грешка и инстинктивно закочив, поради што излетавме во провалија од 13 метри. Најрегуларно си повикав полиција и се направи записник за да може потоа да се наплати осигурувањето. За среќа, јас и мојот сопатник поминавме без никакви повреди, но возилото е тотално оштетено“, раскажа за „Утрински весник“ обвинителката Ристоска.

Таа платила казна од 50 евра за сообраќајниот прекршок што го направила.

Инцидентот се случил попладнето на 27 декември лани, во близина на Македонски Брод.

„Тоа беше приватно патување со мој близок пријател. Јас сум планинар и често одам на Козјак. Сум била од секоја страна, но првпат одев по тој пат. Не можев ниту да замислам дека тој ден, кога температурата беше 16 степени, ќе налетам на осојничаво место со мраз од речиси три сантиметри“, објасни Ристоска.

Ристоска, која има 32 години, е кадар на Академијата за судии и јавни обвинители и важи за обвинителка која отсекогаш имала големи амбиции за својата кариера. По потекло е од Тетово, а нејзината фамилија има историја во правосудниот систем, бидејќи и нејзиниот татко бил судија, кој сега е во пензија.

Со името на Ристоска се врзува еден од двата судски предмети кои се водат против Мирослав Шиповиќ, претседавач со Советот на Општина Центар, а пред да премине во Специјалното јавно обвинителство, го водеше предметот за членовите на Управниот и Надзорниот одбор на „Макпетрол“.