Вести

Обид за дебата за забелешките од Извештајот на ЕК за медиумите

Проблемите во медиумската сфера ги препознаваат и новинарските здруженија и Извештајот на ЕК, но не и тие што се директно посочени како нивни генератори – власта и институциите 

 Од денешната дебата | Фото: З. Ричлиев

Од денешната дебата | Фото: З. Ричлиев

На денешната средба иницирана од Секретаријатот за европски прашања на која присуствуваа новинарски здруженија се анализираа забелешките во однос на слободата на изразување и состојбата на медиумите нотирани во Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија во процесот на евроинтеграции.

На средбата конципирана како дебата вицепремиерот Фатмир Бесими го придружуваа претставници на Министерството за правда, Министерството за информатичко општество и администрација, претставник од Агенцијата за медиуми и други. Од новинарските здруженија беа застапени Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ), новоформираниот Совет на етика (СЕМ), како и претставник од Центарот за развој на медиуми (ЦРМ). Претставници од Македонската асоцијација на новинари (МАН) не беа присутни на средбата.

Вицепремиерот за европски прашања Бесими кој ја отвори работната средба ја искористи приликата да го изкаже своето задоволство од повторната препорака за членство во ЕУ, но и важноста на забелешките. Сепак, на прашањата на извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски кој реферираше на забелешките од Извештајот кои се однесуваат на состојбата со слободата на изразување и специфичните методи на Владата за контрола на медиумите, вицепремиерот одговараше декларативно и со намера за иден дијалог и решавање на состојбите, но во ниеден момент не ги именуваше проблемите, ниту пак одговори како ќе се решат, а тоа особено се однесува на прашањата во извештајот каде Владата и институциите се директно посочени како проблем.

Вицепремиерот Бесими во сличен дипломатски стил одговори и на прашањата за „случајот Кежаровски“, посочувајќи на заложбите за независност на Судството. Дури и на директното прашање од претставникот на ЗНМ, дали ќе ја искористи легалната можност за предлог за аболиција на Кежаровски вицепремиерот пренасочи кон консултации со Министерството за правда.

Во однос на „случајот Кежаровски“, претседателката на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници Тамара Чаусидис го повика да ги потврди своите декларативни заложби за слобода на изразување со тоа што ќе им се придружи на новинарите кои ќе го поддржат колегата на претстојната одлука на Апелацискиот суд наредниот петок. На овој предлог Фатмири Бесими не се изјасни.

На повикот од вицепремиерот од конкретни предлози, меѓу другото, Чаусидис побара од него но и сите структури на власта кои начелно се заложуваат за подобрувањенна состојбите со медиумите, јавно да се дистанцираат или да осудат евидентни примери за говор на омраза или вербално насилство од страна на институции, но и од некои медиуми.

Taa реагираше и на реториката на заменик премиерот за евроски интеграции, кој често го користи поимот „сликата за Македонија“, наместо да се концентрира на вистинските проблеми. Кон забелешките се приклучи и претседателката на Советот за етика Катерина Синадиновска која потенцира дека не е најважна сликата, па дури ни правата на новинарите туку правото на граѓаните да бидат информирани.

Во однос на забелешките за владиното селективно рекламирање вицепремиерот рече дека неодамна се објавија податоците за тоа колку чинеле и на кои медиуми биле пласирани кампањите, а го нотираше и предлогот на Билјана Петковска од МИМ да се предложи законско ограничување, односно да не се дозволи политичко рекламирање во и надвор од кампања на телевизија и радио, нешто што многу европски држави го практикуваат.

Вицепремиерот Фатмир Бесими и Државниот секретар за европски прашања Јован Андоновски | Фото: З. Ричлиев

Фатмир Бесими и Јован Андоновски | Фото: З. Ричлиев

Претседателката на Советот за етика Катерина Синадиновска реагираше на третирањето на позитивната забелешка од Извештајот за формирањето на Советот, нагласувајќи дека Советот е формиран од страна на новинарите, без каква и да е интервенција на институциите, така што и заслугите за тоа се на заедницата, а не на Владата.

Меѓу другото се дебатираше и за Законите за медиуми, каде свое излагање имаше претставникот на Министерството за информатичко општество Димитар Буковалов, кој тврдеше дека реалните ефекти од нив допрва треба да се очекуваат, а тоа го аргументираше со „успехот“ на измените на Законот за граѓанска одговорност и ефектот врз бројот на тужбите и пресудите. На ова реагираше извршниот директор на ЗНМ Драган Секуловски истакнувајќи го случајот на тужбата на директорот на Управата за државна безбедност Сашо Мијалков против „Фокус“ каде тој побарува финансиска компензација.

Директорката на МИМ, Билјана Петковска во текот на дискусијата побара од заменик претседателот на Владата, како нејзин претставник да ги констатира и признае проблемите за кои зборува Извештајот со цел да не се одржуваат бесцелни дебати, туку да се пристапи кон нивно решавање.

Од страна на претставниците на новинарските здруженија беше потенцирано тоа што е наведено во извештајот, односно дека тековното медиумско законодавство не е проблем, туку неговата селективна примена, а Дејан Георгиевски од Центарот за развој на медиуми појасни дека не е проблем тоа што има провладини и критички определени медиуми, туку мешањето на Владата во нивната работа.

Општ заклучок од средбата е дека новинарските здруженија, како и Извештајот на Европската комисија јасно ги препознаваат проблемите, но дека институциите се дистанцираат од нивно препознавање, како и решавање, за што дебатите не помагаат.