Анализи

Очекувања од идниот прв полицаец: Расчистување на „бомбите“ и на изборниот криминал

Упатените очекуваат новиот министер да ѝ помага на специјалната обвинителка Катица Јанева во расчистувањето на „бомбите“ и на скандалот со прислушувањето и да го расветли евентуалниот изборен криминал преку прочистување на базите на податоци во МВР. 

„Надвор од секоја логика е новиот министер да не може да си ја врши работата во целост“, вели Павле Трајанов / Фото: МИА

„Надвор од секоја логика е новиот министер да не може да си ја врши работата во целост“, вели Павле Трајанов / Фото: МИА

Што ќе работи новиот министер во полицијата? Стравува ли некој од него и дали можеби токму тој е една од главните причини да се одолговлекува спроведувањето на договорот од Пржино? Ова се дел од најголемите дилеми во јавноста во пресрет на финалето од партиските преговори кои вчера имаа неуспешна епизода.

Денеска на полноќ истекува последниот рок до кога четирите најголеми партии треба да ги усогласат ставовите околу таканаречениот закон за „бомбите“ и за регулативата околу „свиркачите“, додека се очекува во Собранието да влезат измените на изборните правила. Договорот од Пржино предвидува до 20 октомври да бидат назначени нов министар за труд и социјала и нов прв полицаец по предлог на СДСМ, додека во Министерството за финансии, Министерството за земјоделство и во ресорот за Информатика и администрација, опозицијата треба да предложи заменици.

ВМРО-ДПМНЕ, според договорот, ќе предложи заменици во министерствата што ќе ги отстапи, во МВР и во Труд и социјала.

Со оглед на тоа дека во договорот од Пржино стои оти министерот за внатрешни ќе биде технички поставен, оваа формулација отвора дилеми што тој ќе работи и кои ќе бидат неговите најголеми задачи.

Поранешниот министер за внатрешни работи и актуелен пратеник, Павле Трајанов, смета дека надвор од секоја логика е новиот министер да не може да си ја врши својата работа во целост, бидејќи, како што вели, првиот полицаец треба да биде гарант за функционирањето на МВР, кое, пак, ја гарантира стабилноста на државава.

„Министерот за внатрешни работи заедно со специјалната јавна обвинителка за кусо време можат да ги проверат ‘бомбите’ и дополнително да откријат кој го вршел прислушувањето и кој ги користел добиените информации. Блокадата со Законот за ‘бомбите’ има за цел новиот министер да не може да ги третира ‘бомбите’ и јавноста да не биде реинформирана за нив“, вели Трајанов во изјава за БИРН.

Професорот од Факултетот за безбедност, Богданчо Гогов, пак, смета дека новиот министер треба да се концентрира само на, како што вели, изборниот криминал, односно на прочистување на полициските дата-бази и на избирачкиот список.

„Во Македонија полицијата стана алатка за добивање на избори и со неа се добиваат плус 10 пратеници. Нема време за големи истраги и за апсење министри, како што очекува дел од јавноста. Новиот министер ќе има една задача, а тоа е да вработи искусни и независни информатичари во Информативниот центар на МВР, оној што печати лични документи, и да го направи прочистувањето на изборниот список. Таму лесно ќе се утврди дали некој има пет лични карти и како тие се делени на луѓето од Пустец. Со самото тоа ќе имаме 50 проценти подобри услови за фер избори“, вели Гогов.

Тој потенцира дека сето ова ќе биде возможно ако новиот министер е човек кој некогаш бил во полицијата и разбира како функционира оваа институција.

Бомбите на Заев на „менито“ на новиот министер / Фото: СДСМ

Бомбите на Заев на „менито“ на новиот министер / Фото: СДСМ

„Кај нас администрацијата е крајно партизирана и новиот министер ако однатре не ја познава полицијата, шест месеци ќе му требаат да го совлада само тоа. Што може тој против 15.000 администрација, од која голем дел е партизирана?“, се прашува професорот.

Гогов вели дека во Уставот нема такво нешто како технички министер и потенцира дека новиот министер на хартија ќе ги има сите надлежности како и неговите претходници.

„Меѓутоа, тој веројатно ќе мора да почитува некој политички договор и ќе биде изложен на притисок од партиите, иако јас не верувам дека ќе најдат човек кој ќе им одговара на сите страни. Тоа е невозможно“, вели професорот.

Медиумите веќе шпекулираат за тоа кој може да ја преземе функцијата на првиот полицаец и како најсериозни се спомнуваат поранешен шеф на градската Управа за внатрешни работи од Скопје и пензиониран шеф на граничната полиција. А на списокот на опозицијата наводно се наоѓале и други поранешни полициски функционери, како и едно воено лице.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, во изјавата дадена во четири часот утрово кажа дека сѐ уште има време, до крајот на денот, партиите да се усогласат околу сите прашања кои треба да ги затворат до 20 октомври, како што предвидува договорот од Пржино.