Регион

Одбиено барањето на Младиќ за казнување на медицинскиот персонал во Хаг

Денис Џидиќ, Сараево

Ратко Младиќ во судницата во Хаг 2017 година. Фото: EПA-EФE/Питер Дејонг/Пул.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, вчера соопшти дека го одбил барањето на Младиќ, да покрене постапка за непочитување на судот против медицинскиот персонал во одделението за притвор во Шевенинген.

„Со оглед дека поднесоците на одбраната на Младиќ со кои се изразува незадоволство од медицинската нега во одделението за притвор, не покажуваат дека медицинскиот персонал свесно и намерно ја попречувал правдата, заклучувам дека одбраната на Младиќ не покажа дека постои сомневање оти персоналот е виновен за непочитување на судот“, стои во одлуката на претседателот на ММКТ, Теодор Мерон.

Одбраната на Младиќ бараше да се иницира постапка против шефот на медицинскиот персонал на единицата за притвор, лекарот Паулус Фалке, и против другиот медицински персонал, наведувајќи оти тие се виновни за влошување на здравствената состојба на обвинетиот.

Адвокатите на поранешниот командант на ВРС во неколку наврати поднесуваа претставки до судот, тврдејќи дека здравствената состојба на Младиќ во притворот му се влошила.

Тие бараа пресудата да се одлоќи, лекарите да се казнат, а Младиќ да се пушти на привремена слобода заради лекување, инсистирајќи дека тој не добива соодветна нега во притворот и дека му е потребна хоспитализација.

Во ноември минатата година, Трибуналот го осуди Младиќ на доживотен затвор, прогласувајќи го виновен за геноцид во Сребреница, за прогон на Бошњаците и на Хрватите низ Босна и Херцеговина, за тероризирање на цивилите во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски напади, како и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Младиќ беше ослободен од обвиненијата за геноцид во шест други општини во Босна и Херцеговина.

И обвинителите и одбраната поднесоа жалби против пресудата.

Младиќ е во хашкиот притвор од крајот на мај 2011 година, кога беше уапсен во Србија.