Регион

Одбраната бара ослободување на обвинетите за палење на куќи во хрватско село

Одбраната на обвинетите смета дека презентираните докази, на судењето на тројца поранешни српски борци, не докажале оти тие, во 1991 година, го запалиле хрватското село Нова Дренчина, додека обвинителството побара да бидат осудени.

Свен Милекиќ, Загреб

На судењето на Никола Лаѓевиќ, Предраг Радишиќ и Деан Тишма, поранешни членови на 2. баталјон на вооружените сили на самопрогласената Република Српска Краина (РСК), одбраната и обвинителството, во четвртокот, пред Окружниот суд во Загреб, ги изнесоа завршните зборови.

Тие се обвинети дека во октомври 1991 година, ги палеле и уништувале куќите во селото Нова Дренчина, чие население речиси во целост било од хрватска националност.

Им се суди во отсуство, а се претпоставува дека живеат надвор од Хрватска.

Вишња Галешиќ, бранител на Лаѓевиќ, кој наводно бил командант на 4-от вод на баталјонот, рече дека „не е спорно оти селото било запалено и оти тоа го направиле непознати сторители или српски паравоени единици“.

Меѓутоа, како што рече, судот „не утврдил надвор од разумно сомневање“, дека членовите на овој вод го сториле тоа.

Посочи дека некои сведоци изјавиле оти селаните од српска националност ѝ се придружиле на единицата и дека тие се потенцијално одговорни за некои палења.

Галешиќ додаде дека немало физички докази – документација или наредби – кои би докажале дека Лаѓевиќ навистина бил командант на водот.

Ова, како што истакна, значи дека тој не е одговорен што не ги спречил или санкционирал злосторствата извршени од неговите наводни подредени.

Се осврна на фотографиите презентирани како доказ дека обвинетиот Тишма „бил во единицата која носела четири букви С на кирилица, со бел орел“.

Изјави оти ова укажува дека сторителите биле дел од Белите орли, паравоена единица поврзана со Српската радикална партија.

Галешиќ рече дека во Нова Дренчина, Белите орли му биле потчинети на српскиот паравоен командант Драган Васиљковиќ, познат како Капетан Драган.

Според неа, таа дошла до овој заклучок врз основа на фотографиите на кои што Васиљковиќ се фотографирал со наводните извршители на палењето на селото.

Лаѓевиќ, наводно, бил командант на вод, а Радишиќ и Тишма негови подредени, кога српските сили во октомври 1991 година, го нападнале селото, откако хрватската одбрана на градот Петриња, во чија близина се наоѓа селото, била разбиена.

Според сведоците, поранешни припадници на хрватската војска (ХВ), српските сили го нападнале селото, при што палеле куќи и плевни. Според сведоците, куќите биле уништувани и со тенкови.

Припадниците на ХВ прво се повлекле, а подоцна се вратиле и го нашле селото полу уништено.

Следел втор напад на српските сили, кога околу 80 од 120 куќи колку што имало во селото, биле запалени.

Две постари жени од хрватска националност, изјавија дека го преживеале нападот.

Главниот доказ против Тишма е писмото што тој му го напишал на својот брат, во ноември 1991 година, во кое тој, наводно, зборува за злосторствата.

Но, адвокатот на Тишма, Фране Бобинац, рече дека треба да се направи графичка анализа на писмото за да се утврди дали обвинетиот навистина го напишал.

Бобинац додаде дека „нема ниту еден директен доказ” што укажува на фактот дека обвинетиот го сторил злосторството.

Претставничката на хрватското обвинителство пред судот изјави дека доказите и сведоците укажуваат „на фактот дека Лаѓевиќ бил командант на водот”.

Рече дека паравојникот Никола Симиќ изјавил дека „на 21 септември 1991 година, бил префрлен во единицата под команда на Лаѓевиќ … и дека отишле во селото и го запалиле“.

Обвинителството тврди дека, иако Лаѓевиќ знаел за извршените злосторства, не сторил ништо за да ги спречи или да ги санкционира сторителите.

Обвинителката истакна дека сведоците на фотографиите го препознале Радишиќ како човек кој ги палел куќите во селото и дека главниот доказ против Тишма е писмото до неговиот брат.

Пресудата ќе биде изречена во вторник.