Вести

Отштетите ги зачестија пријавите за напади од кучиња

Активисти бараат отштета да се плаќа само ако се најде кучето што нападнало некој граѓанин| Фото: БИРН

Вкупно 50 напади од кучиња-скитници пријавиле граѓаните во полицијата оваа зима, покажуваат дневните билтени на Министерството за внатрешни работи. Пријавите биле почести во периодите кога некои медиуми објавиле прилози дека за напад од улично куче следува отштета од локалните власти. Здруженијата, повикувајќи се на искуствата од соседните земји, укажуваат дека е можно да се лажираат напади од улични животни за да се земе отштета.

МВР не извести за ниту еден напад во ноември, но на почетокот од декември веќе имало неколку. На 2 декември еден маж бил нападнат во Драчево и побарал лекарска помош, на 7 декември во Аеродром шест лица пријавиле напади од кучиња на иста локација, а на 8 декември во Маџари биле нападнати жена и шестгодишно дете, кои биле пренесени во Инфективната клиника.

На 10 декември национална телевизија објави прилог со наслов „Кој ќе ви плати отштета ако ве касне куче скитник“. Во информацијата се вели дека Град Скопје и јавното претпријатие „Комунална хигиена“ исплаќаат отштета ако граѓаните тужат, а се прераскажуваат и неколкуте напади што се случиле во претходните денови.

Во следните две недели во полицијата биле пријавени 16 напади. Во билтените на МВР за овој период не е регистриран инцидент со куче скиник само на 11, 12, 18 и 20 декември, а во сите други денови биле пријавувани по еден или два напада.

Од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека тие примери докажале дека е лесно да се лажира напад од улично животно и потоа да се бара отштета од локалните власти. Според нив, можни се и случаи во кои напад од куче на соседот се пријавува како каснување од бездомно куче

Од крајот на декември до почетокот на февруари МВР известува за напади од кучиња на секои три до четири дена, понекогаш и еднаш неделно.  Дел од овие пријави не биле за истиот ден, на пример на 26 декември скопјанка пријавила дека нејзината 15-годишна ќерка била нападната на 20 декември, а на 9 јануари 82-годишен скопјанец ѝ изјавил на полицијата дека го каснало куче на 4 јануари.

На почетокот на февруари зачестуваат инцидентите, па во полицискиот билтен од 3 февруари се забележани три напади, а од 5 февруари два, како и по еден на 8 и на 11 февруари.

На 12 февруари се објавува текст со наслов „Ако ве касне куче скитник, ви следува отштета од Град Скопје“. Во него се вели дека лани до градот биле поднесени вкупно 68 тужби за кои се исплаќале отштети од 60 илјади до 180 илјади денари. Информацијата беше преземена од повеќе други портали, кои во насловите информираа за висината на отштетата, поради што таа доби големо внимание на социјалните мрежи.

Од тој ден до 17 февруари секој ден во билтените на МВР има барем по една информација за напад од куче скитник. Најмногу пријави, три, имало на 14 февруари.

Од Град Скопје велат дека според нивните информации од почетокот на годинава досега имало десетина барања за отштета, што одговарало на просекот од претходните години. Но, Градот има информации само за граѓаните што веќе тужеле и тужбите стигнале до нив. Годишно се добивале по шеесетина тужби, но ако се суди според пријавите во МВР таа бројка веќе е исполнета во првите месеци од годинава.

„Унапредувањето на процесите за хуман третман на бездомните животни ќе придонесе во иднина да се намали бројот на нападите. Со тоа ќе се подобри и грижата за здравјето на граѓаните и благосостојбата на животните, а ќе бидат заштедени и средствата за исплаќање на обесштетување“, одговорија од Градот.

Во Србија во 2012 година беше откриена шема во која граѓани се самоповредувале со различни предмети, дури и со сварени вилици од угинати кучиња, за да можат да пријават дека биле нападнати од куче-скитник и да побараат отштета. Од здружението за заштита на животните „Анима Мунди“ велат дека тие примери докажале дека е лесно да се лажира напад од улично животно и потоа да се бара отштета од локалните власти. Според нив, можни се и случаи во кои напад од куче на соседот се пријавува како каснување од бездомно куче.

„Затоа процесот на давање отштета мора да има измени. Таа треба да се исплатува само ако се најде конкретното животно што го извршило нападот и ако се утврди дека тоа е улично“, вели Наташа Кнежевиќ од „Анима Мунди“.

Според неа, голем проблем е што во земјата нема датабаза на сопственици на животни, па не може секогаш да се докаже дали нападот бил од куче што има сопственик или не. Кнежевиќ смета дека најчесто нападите се од кучиња што имаат сопственик, но се чуваат во т.н. лабаво сопствеништво.

„Се додека не воведеме законска рамка што ќе го гарантира одговорното сопствеништво, со најстроги казни за напуштање, како и со задолжителна обврска за стерилизација освен за регистрираните одгледувачи, ние ќе имаме вакви проблеми“, заклучува Кнежевиќ.