Истражувањa

Партиски игри: криенка со парите за избори

Владејачките партии на Балканот се сомничат дека користат донатори кои даваат пари преку посредници за да ги наполнат со пари од тајни извори касите од кои се троши за изборните кампањи. Како властите реагираат на оваа појава е тест за нивната независност

Пишува: Владимир Костиќ | Белград, Скопје

На почетокот, не побараа ништо за возврат.

Еден локален член на српската владејачка партија ѝ помогна да се вработи како учителка. Таа знаеше многу други кои имаа најдено работа во јавните институции или компаниите што ги предводеа луѓе со врски во Српската прогресивна партија. Тоа не е срамно, особено кога стапката на невработеност достигнува речиси 15 отсто.

Како што се наближувале претседателските избори во пролетта 2017 година, партијата почнала да ја кани на неделни состаноци. Александар Вучиќ, тогашниот премиер на Србија, бил кандидат на прогресивците за претседател на државата.

Победата за партијата би значела четврто последователно освојување на власта на претседателските и парламентарните избори во изминатите шест години и уште повеќе би ја зацврстила позицијата на Вучиќ како најмоќен човек во српската политика.

На еден состанок, еден функционер ја тргнал учителката настрана и ѝ дал пари во готовина: 40 000 динари, што во тоа време изнесувало околу 320 евра. Ова е од една голема донација, објаснил функционерот, не давајќи дополнителни детали. Дали таа би ги донирала повторно на партијата од нејзино име?

„Само го добив пликот со пари и бројот на сметката за да ги уплатам“, вели таа. „Сите знаеја за што станува збор кога отидов во банката. Тие веќе знаеја како функционираат плаќањата. Подоцна, им однесов потврда за извршеното плаќање како доказ дека сум ги уплатила парите”.

Стравувајќи дека може да ја изгуби нејзината работа, жената одби да биде идентификувана. Таа вели дека гледала како партиски функционери бараат и од другите присутни на состаноците да направат слични донации.

„Ако не го сторев тоа јас, ќе го стореше некој друг, што друго можев да кажам?”

Истражувањето на Балканската мрежа за истражувачко новинарство (БИРН) покажува дека ова не било изолиран случај, туку дел од моделот на прогресивците за користење донации преку посредници за да го прикријат вистинскиот извор на паричните средства за кампањи – што е незаконски според законот за финансирање на политичките активности во Србија.

И покрај тоа што беше невозможно да се пронајде потеклото на готовината за која постои сомневање дека е перење пари преку лажни донатори, истрагата открила докази за систематско непочитување на законот од страна на партијата на овие и на претходните избори.

Партијата не одговори на барањата за нивен коментар.

Истрагата, исто така, укажа на постоење на култура на неказнивост.

„Вучиќ, ги украде изборите!” – транспарент на демонстрантите откако Александар Вучиќ беше избран за претседател во април / Фото: Бета

БИРН може да открие дека антикорупциските власти барале обвинителите да покренат кривични постапки во врска со сомневањата за нелегална активност за време на изборите во 2014 година, но ниту едно лице не е обвинето, со што се фрла сомнеж врз независноста на српското обвинителство.

Аналитичарите повлекуваат паралела со другите поранешни југословенски републики, каде што политичките елити ги презедоа државните институции во своја корист, задушувајќи ја опозицијата.

Во соседна Црна Гора и Македонија, властите долго време ги занемаруваа наводите за незаконско финансирање на владејачките партии преку перење пари и други средства.

Но, борците против корупција ја посочуваат Македонија како студија на случај за тоа што може да се случи кога обвинителите ќе ги покажат забите.

По корупцискиот скандал што ја сруши владата, поранешниот македонски премиер и негови блиски соработници се под истрага за користење фиктивни донатори за перење пари. Тие, исто така, се обвинети за изборна измама.

Мистериозна листа

Во Србија, БИРН ја пронајде учителката и четири други лица кои признале дека се лажни донатори од листата на имиња објавена на веб-страницата на Агенцијата за борба против корупција, независно државно тело задолжено за контрола на финансирањето на политичките активности.

Партиите во Србија се законски обврзани да ги пријавуваат готовинските парични текови за кампањата, вклучувајќи ги донациите, во рок од 30 дена по изборите. Агенцијата потоа ги објавува имињата на донаторите и износите како дел од рутинската проверка на финансиите на кампањата.

Но, оваа листа не беше иста како другите.

Прво, 98 проценти од индивидуалните донатори на прогресивците дале ист износ: 40 000 динари. Биле толку многу, што на агенцијата ѝ требало една недела да внесе 6 789 имиња во својата онлајн база на податоци.

Немало ништо илегално во сумите. Според српскиот закон, поединци можат да им дадат на политичките партии сума во вредност до 20 пати од просечната месечна плата, што во март изнесувала речиси 385 евра. И за разлика од другите земји во регионот, Србија нема ограничување на вкупните средства што партиите можат да ги соберат за кампања.

Но, криењето на изворот на донации е кривично дело, казниво со затвор до пет години.

Демонстрантите го споредуваат новоизбраниот српски претседател Александар Вучиќ со севернокорејскиот диктатор. На транспарентот пишува: „Спиеш ли мирно Ким Јонг Ум?“ Фотографија: Бета

Многумина кои ги контактираше БИРН одбија да коментираат, но петмина независно потврдија дека добиле 40 000 динари од страна на партиски функционери за донација на прогресивците во 2017 година.

Сите сакаа да останат анонимни.

„Ме повикаа една ноќ и ми кажаа да дојдам во канцеларијата на партијата”, вели еден 27-годишник. „Немаше дополнително објаснување по телефон”.

Колективно, армијата на загадочно унифицираните индивидуални донатори на прогресивците дала повеќе од два милиони евра за кампањата на Вучиќ – повеќе од една третина од неговиот вкупен буџет за кампањата од 6.5 милиони евра. Најголем дел од парите биле од државниот буџет во согласност со изборните правила.

Вкупниот износ бил значително поголем од комбинираниот приход на 10-те други кандидати, кој изнесувал нешто повеќе од 4.3 милиони евра.

Таквата моќ за трошење им овозможи на прогресивците да организираат масовни митинзи, да ја излепат земјата со билборди и да ги задушат весниците со реклами.

Всушност, партијата потрошила 83 отсто од своите финансии за кампањата само на рекламирање – над 5.3 милиони евра, повеќе отколку вкупните комбинирани трошоци на сите други кандидати.

’Чист како солза’

На крајот, Вучиќ победил со високи 55 отсто од гласовите по изборите за кои оние што ги следеле велат дека биле нарушени со купување гласови, заплашување и контрола на медиумите. Вториот кандидат добил 16 отсто.

Обвинувања во Црна Гора

Обвинувањата за перење пари за време на изборна кампања долго време ја окупираа политиката во Црна Гора, каде владејачката Демократска партија на социјалистите (ДПС) беше на власт повеќе од две децении под раководство на Мило Ѓукановиќ.
Критичарите го опишуваат малиот сосед на Србија и надежен кандидат за влез во ЕУ како феуд воден од политичките елити. Тие ја обвинуваат ДПС за злоупотреба на државни средства, злоупотреба на службената должност, изборна измама и купување гласови, наводи кои партијата ги негира.
Во октомври 2016 година, ДПС ја оствари својата седма директна победа на изборите кои беа во сенка на наводниот заговор за државен удар поддржан од Русија и длабоките поделби околу патот на Црна Гора кон членство во НАТО, што го доби во јуни оваа година.
Обвинителите ги истражуваат лидерите на опозицијата за можна вмешаност во наводниот државен удар.
Тие, исто така, ги разгледуваат и наводите дека Небојша Медојевиќ, водачот на главната опозициска алијанса, Демократскиот фронт, перел пари за да ја финансира коалицијата за време на изборите во 2016 година, што тој го негира.
Критичарите велат дека обвинителите не се подготвени да ги истражат наводите за слични случаи на перење пари од страна на владејачката ДПС, која сѐ уште е предводена од Ѓукановиќ, иако тој се повлече од функцијата премиер минатиот октомври.
Во 2011 година, локалните медиуми ги објавија имињата на лицата кои негирале дека им дале пари на ДПС, иако нивните имиња се појавиле на листата на донатори на Државната изборна комисија.
Обвинителите започнаа истрага за случајот на почетокот од 2012 година, но само откако антикорупциската група МАНС поднесе кривична пријава против партијата за евентуално перење пари.
Пет години подоцна, ништо не се случи. Канцеларијата на специјалниот државен обвинител одби да даде коментар.
Во меѓувреме, наводите не ги обесхрабрија донаторите да продолжат да донираат на ДПС. На изборите во 2016 година, поединечните донации изнесувале половина од сумата на партијата за изборна кампања, што чинела околу 680.000 евра.

„Особено распространети … беа извештаите за притисоци врз вработените во државните и институциите поврзани со државата за поддршка на г. Вучиќ и за обезбедување поддршка на каскаден начин од подредените вработени, членовите на семејствата и пријателите”, се вели во извештајот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ) објавен во јуни.

Во 22.25 часот на 2 април, кратко време по објавување на резултатите, Вучиќ застанал на подиумот во седиштето на Прогресивната партија лоцирана во бизнис-областа во Белград. На човекот, кој беше министер за информации на српскиот моќник Слободан Милошевиќ кон крајот на 90-тите години, не му беа непознати слоганите.

Неговата победа била „чиста како солза“, им изјавил тој на новинарите.

Следниот ден, илјадници демонстранти, претежно млади луѓе, излегоа на улиците во градовите низ цела Србија, со свирчиња и удирајќи на различни садови.

„Вучиќу, ги украде изборите“, извикувале демонстрантите. „Спиеш ли мирно, Ким Јонг Ун?”, пишувало на еден од транспарентите, споредувајќи го Вучиќ со лидерот на Северна Кореја.

Протестот во Србија против диктатурата, како што организаторите ги нарекоа демонстрациите, потсетуваше на неодамнешните немири во Црна Гора и во Македонија, каде што демонстрантите повикаа на оставка на долгогодишните владетели, обвинувајќи ги за корупција, злоупотреба на моќ и изборна измама.

Протестите, исто така, беа одек на масовните демонстрации во 2000 година, со кои беше соборен Милошевиќ по спорните избори. Но, за разлика од тогашните изливи на гнев, протестите против Вучиќ ја изгубија силата по неколку недели.

И покрај тоа што улогата на претседателот во голема мера е церемонијална, критичарите велат дека со овој резултат се отвори патот за Вучиќ да ја зграпчи власта во земјата во која политичкото покровителство и клиентелизам одат заедно со притаениот авторитаризам.

„Резултатите ги уништија институциите како што се парламентот и владата, кои сега се функции на претседателот”, вели Зоран Гавриловиќ, директор на Бирото за социјални истражувања, белградска истражувачка организација.

Имајќи на ум дека следните парламентарни избори нема да се одржат до 2020 година, Вучиќ и прогресивците во моментов изгледаат несоборливи.

Финансиски отпечатоци од прсти

Како лице на српските надежи за влез во Европската унија, Вучиќ проектираше слика за стабилно лидерство во турбулентниот регион, дури и кога домашните критичари го обвинуваа за местење на системот во корист на владејачката партија.

Тој стана премиер во 2014 година, пресвртна година во која прогресивците го освоија првото апсолутно мнозинство во парламентот од соборувањето на Милошевиќ. Вучиќ претходно беше министер за одбрана и вицепремиер по изборите во 2012 година, преку кои прогресивците станаа владејачка партија.

Сомнежот за перење пари остави печат и врз двата изборни циклуси. Другите партии, исто така, имале сомнителни донатори, вклучувајќи ги и компаниите што давале великодушни суми и покрај тоа што објавувале дека имаат финансиски загуби. Но, прогресивците биле единствени во тоа што имале илјадници соработници кои ги донирале истите износи.

Овие суми станале финансиски отпечатоци за сомнителните активности за време на кампањите на прогресивците.

Ме повикаа една ноќ и ми рекоа да дојдам во канцеларијата на партијата

– анонимен човек кој вели дека е посредник во донирањето за владејачка партија во Србија

За време на парламентарните и претседателските избори во 2012 година, 98 проценти од 2 300 индивидуални донатори дале по 19 000 динари.

Сумата во подоцнежните кампањи била 40 000 динари. Во 2014 година, 95 проценти од над 2 800 донатори го дале тој износ, додека во 2017 година тој процент изнесувал 98 проценти од речиси 7 000 донатори.

Исклучок биле парламентарните избори во 2016 година, кога прогресивците добиле само 17 донации, сите по 40 000 динари. Поголемиот дел од парите за кампањата таа година дошле од сопствените ресурси на партијата, по промената на законот што овозможува мешање на редовни и средства за кампања.

Антикорупциската агенција веќе долго време имала причина да биде сомничава кон донаторите на прогресивците.

Во 2012 година агенцијата пронашла 33 донации за партијата од луѓе кои примале социјална помош, пишува во извештајот објавен на нивната веб-страница по изборите.

„Одредени придонеси од овие луѓе изнесувале 50 проценти или повеќе од годишната помош што ја добивале”, соопштила агенцијата, што предизвикало шпекулации дека многу дарежливите приматели на социјална помош се всушност сурогати за тајните донатори.

Истрагата на БИРН откри дека агенцијата, исто така, имала сериозна загриженост во врска со кампањата во 2014 година, откако добиле предупредување од посебното државно тело, Управата за спречување на перење пари, одговорна за финансиско разузнавање.

Четири дена по изборите, Агенцијата дознала за 135 банкарски трансакции во кои луѓето депонирале 40 000 динари на нивните сметки и веднаш го пренеле истиот износ на прогресивците како донации.

Речиси три години подоцна, во март, Агенцијата поднела извештај до обвинителите барајќи од нив да покренат кривични постапки во врска со трансакциите, во вредност од околу 46 000 евра.

Агенцијата се сомневала дека донациите се „всушност од нелегални активности, меѓу кои и перење пари”, се вели во извештајот, до кој ексклузивно дојде БИРН.

Во извештајот од Агенцијата, исто така, се наведуваат два сомнителни банкарски трансфери на други партии, еден во вредност од 5 600 евра на Социјалистичката партија на Србија и еден во вредност од 690 евра за Обединетите региони на Србија. Во извештајот се повикуваат обвинителите да преземат акција и во врска со овие трансфери.

Обединетите региони на Србија сега не функционираат, а прогресивците и социјалистите не одговорија на прашањата на БИРН за конкретната содржина на извештајот на Агенцијата или какви било потенцијални обвиненија поврзани со изборите во 2014 година.

Прогресивците, исто така, не одговорија на прашањата за петте лица кои признаа дека донирале како посредници во 2017 година и откритието на Агенцијата за донаторите кои биле на социјална помош во 2012 година.

Политичко мешање?

Запрашан за тригодишното одложување на Агенцијата при доставување на извештајот во однос на изборите од 2014 година до обвинителите, Божо Драшковиќ, поранешен член на одборот на Агенцијата, вината ја префрли врз „политичкото влијание”.

„Имајте на ум дека луѓето во Агенцијата добиваат дојави од одборот”, вели тој. „Ако одборот е независен, ќе изврши притисок врз директорот и другите за да ја завршат работата, но ако е под политичко влијание, луѓето ризикуваат да ја изгубат својата работа. Тоа е суштината на целата работа. Според моето искуство, тогаш тие го одложуваат”.

Јелена Ѓорѓевиќ, советник во Одделот за контрола на финансиските извештаи на политичките субјекти во Агенцијата за борба против корупција, вели дека агенцијата немала овластувања да истражува или да ги испитува сведоците, поради што е тешко да се покрене кривична пријава. Поради таа причина, таа ги испратила наодите до обвинителите, вели таа.

Обвинителството соопштило дека го вратило извештајот назад до Агенцијата за понатамошни проверки. Таа одби да коментира понатаму. До објавувањето на овој текст, обвиненија не се поднесени.

Прогресивците не одговорија на конкретни прашања од БИРН за извештајот на Агенцијата, за било какви потенцијални обвиненија поврзани со изборите во 2014 година или за признанието на петте посредни донатори во 2017 година.

Радован Лазиќ, претседател на одборот на Здружението на јавни обвинители, вели дека назначувањето на обвинителите во Србија е „политички процес пар екселанс“. Фотографија: Бојана Босанац

Немања Ненадиќ, програмски директор на телото за следење на корупцијата „Транспаренси Србија”, вели дека обвинителите имале обврска да ги проверат сомнителните донации за да дознаат од каде дошле парите.

„Ова никогаш не било направено и не постои веродостоен изговор за неуспехот на обвинителството да го стори тоа”, вели тој.

Во Србија, јавните обвинители се номинирани од страна на владата и потврдени од парламентот, што значи дека нивниот избор зависи од владејачкото мнозинство. Тие имаат мандат од шест години и може да бидат реизбрани речиси неограничено.

Единствен во регионот, системот е „политички процес пар екселанс”, кој ја отвора вратата за опструкција на правдата, вели Радован Лазиќ, претседател на одборот на обвинители на Србија.

„Кога обвинителите знаат дека по некое време повторно ќе бидат избрани од страна на политичарите, немаат причина да бараат грешка во нив”, вели тој. „Обвинителот е дури и мотивиран да не најде грешка за да може да добие нов мандат”.

Србија е рангирана на 118 место од 137 земји во однос на независноста на судството на последниот Индекс на глобална конкурентност  на Светскиот економски форум, со што е рангирана веднаш по Босна, Мавританија и Мозамбик.

Анализата на Светска банка од 2014 година покажа дека 25 отсто од судиите и 33 отсто од обвинителите во Србија сметаат дека правниот систем не е независен.

Кога обвинителите се независни…

Од другата страна на границата во Македонија, обвинителите исто така знаат многу за политичкото мешање. Но, некои го возвраќаат ударот, и борците против корупција велат дека нивниот пример нуди инспирација за истражителите во борбата против корупцијата во Србија и на други места.

Во Скопје, јавниот обвинител Ленче Ристоска се сеќаваше на една ноќ во 2016 година, кога таа и колегите доцна работеле во канцеларијата на новото Специјално обвинителство (СЈО) формирано за да го истражи криминалот во високите политички кругови.

Полицаец со полна полициска опрема стои пред една зграда во Скопје ишарана со боја за време на „шарената револуција“ во Македонија во 2015. Гневот заради обвинувањата за злоупотреба на власта на крајот доведе до пад на владата. Фотографија: БИРН

Слушнале врева надвор и отишле до прозорецот. Тоа биле немирни времиња во Македонија. СЈО било формирано како дел од кризниот договорот потпишан со посредство на ЕУ за разрешување на кризата по скандалот со прислушувањето кој ја парализираше земјата.

Виделе толпа луѓе кои викале: „Браво!” и „Само напред!”

„Беше многу охрабрувачки да се види дека конечно некој забележа и препозна дека она што го правиме е вистинската работа, дека не сме сами во тоа”, вели Ристоска. „Тогаш сфативме дека нема враќање назад”.

Луѓето надвор од прозорецот биле демонстрантите кои барале оставка од Никола Груевски, тогашниот премиер и водач на владејачката партија, позната по акронимот ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа се случуваше во периодот на кулминација по повеќе месечните немири познати како „шарена револуција”, според боите со кои демонстрантите ги боеја јавните згради и споменици.

Бесот избувна во 2015 година, откако лидерот на опозицијата, Зоран Заев, излезе со тврдење дека владата на Груевски стои зад незаконското прислушување на 20 000 лица и други злосторства, вклучувајќи и изборна измама, што Груевски го негираше.

Меѓу другото, СЈО ги испитува наводите дека Груевски и 10 соработници ја финансирале поранешната владејачка партија преку перење пари.

Под името „Талир“ [сребрена монета], истрагите за перење пари покриваат период од 2009-2015 година. Обвинителите се сомневаат дека партијата испрала најмалку пет милиони евра преку лажни донатори.

Транспарентност Македонија постојано ја истакнуваше загриженоста за перење пари пред обвинителите, државниот ревизор и даночните власти. Никој не презел акција, делумно поради тоа што луѓето чии имиња се појавија на листите на донатори одбија да потврдат дека биле дел од измамите.

„Луѓето не сакаа јавно да истапат заради страв од губење на работните места, или пак затворање на нивните продавници или пак казнување на други начини”, вели Слаѓана Тасева, претседателка на антикорупциската организација. „Нивното владеење беше владеење со страв, буквално”.

Во меѓувреме, СЈО се соочи со отпор од други државни органи, раскажува обвинителката Ристоска, вклучително и одложувања при доставувањето на бараните податоци и бришење на архивираните документи.

Членовите на новото Специјално јавно обвинителство во Македонија, формирано да го истражи криминалот во високите политички кругови, одржува прес конференција во Скопје. Обвинителката Ленче Ристоска е втора од лево. Фотографија: БИРН

Од 20 барања до судиите за задржување на осомничените во притвор, само две беа одобрени, иако таквите барања се обично рутински.

„Бев подготвена на сѐ, но едноставно не можев да поверувам дека моите колеги, судии или обвинители ќе си земат толку многу слобода во нивните толкувања на законот, едноставно за да ги оправдаат своите погрешни одлуки”, вели таа. „Тоа беше големо разочарување за мене”.

Но, специјалните обвинители продолжија да притискаат.

Во јуни, СЈО го обвини Груевски и блиските соработници за изборна измама. Поранешниот премиер, кој поднесе оставка на почетокот од 2016 година, но остана лидер на партијата, би можел да се соочи со 27 години затвор, ако биде прогласен за виновен по сите обвиненија.

Истрагите за перење пари продолжуваат, иако периодот за покренување нови обвиненија заврши. Според договорот што доведе до негово формирање, СЈО имал време од 18 месеци од приемот на прислушувањата за подигнување обвиненија. Крајниот рок истече на 30 јуни.

Сега има апели за интегрирање на СЈО во јавното обвинителство, за работата да може да продолжи непречено без оглед на условите во договорот.

Назад во Белград, Лазиќ од Здружението на јавни обвинители вели дека нема шанси наскоро обвинителите во Србија да ја извојуваат својата независност.

„Мислам дека е тешко да се извлече поука [од Македонија], бидејќи ситуацијата тука е што политичарите се недопирливи додека се на власт”, вели тој. „Тие [обвинителите во Македонија] ги покренаа овие обвиненија дури откога Груевски повеќе не беше на власт”.

Владимир Костиќ е белградски истражувачки новинар специјализиран за јавно финансирање, корупција и криминал. Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од Фондацијата ЕРСТЕ и Фондацијата Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.