Анализи

Плаќаме скапи СМС-пораки без пазарна логика

Веќе девет месеци, со одлука на регулаторот АЕК, македонските мобилни оператори меѓу себе си наплаќаат по 75 проценти пониска цена за СМС-пораките. Истовремено, една порака во малопродажба сè уште чини пет денари плус ДДВ. Компаниите посочуваат дека реалната цена е намалена бидејќи нудат пакети со бесплатни пораки

Последното нешто на што помислуваме кога праќаме СМС-порака од две-три реченици или 160 карактери, за која плаќаме 5,89 денари, е дека некој профитира од тоа | Фото: amanky / Foter / CC BY-NC-ND

Последното нешто на што помислуваме кога праќаме СМС-порака од две-три реченици или 160 карактери, за која плаќаме 5,89 денари, е дека некој профитира од тоа | Фото: amanky / Foter / CC BY-NC-ND

Македонските мобилни оператори девет месеци ја држат цената на СМС-пораките непроменета при што, според груба пресметка, заработуваат екстрапрофит кој се брои во милиони.

Од Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) потврдуваат дека постои простор за намалување на цената во малопродажба, но тие не се надлежни за овој дел од пазарот. Мобилните оператори, пак, велат дека реалната цена е далеку помала ако се пресметаат бесплатните СМС-пораки во пакетите што ги нудат.

Според одлуката на АЕК од 1 декември минатата година, цената на СМС-пораките во големопродажба од 2 падна на 0,5 денари за порака. Тоа е пад од 75 проценти што остави простор за намалување на малопродажната цена на СМС-пораките за најмалку 1,5 денари за порака.

Но, ниту еден од четирите мобилни оператори не одлучи да го искористи намалениот трошок и да понуди поконкурентни цени за сите СМС-пораки. Особено е интересно што ваквата можност не ја искористија ниту помалите мобилни оператори што се обидуваат да го зголемат својот пазарен удел.

Последното нешто на што помислуваме кога праќаме СМС-порака од две-три реченици или 160 карактери, за која плаќаме 5,89 денари, е дека некој профитира од тоа.

Всушност, тоа е една од најстандардните бизнис-услуги во светот на новите технологии. Кога станува збор за Македонија, една од земјите со најскапа мобилна телефонија во Европа, услугата за кратки пораки (Short Message Service) е вносен бизнис.

Со цена од околу 0,1 евро за порака,
Македонија е меѓу земјите од
Европа со највисоки цени за СМС-
пораки. Во земјите од ЕУ, цената
на СМС-пораките изнесува
најмногу 0,06 евра, односно 3,7
денари и тоа во роаминг

Во првите три месеци од 2014 година во Македонија се испратени приближно 22 милиони СМС-пораки, според последниот извештај на АЕК. Мобилните оператори за нив меѓусебно си наплатиле 11 милиони денари. По старата цена би наплатиле 44 милиони денари или половина милион евра повеќе. Толку отприлика се намалени трошоците кои ги имаат сите четири оператори заедно за три месеци само за големопродажната цена.

По сегашната цена од 5,89 денари со вклучен ДДВ, за овие пораки треба да се потрошени 129 милиони денари или нешто над 2 милиона евра во малопродажба.

Но, оваа цена не е онаа што би требало да ја формира слободниот пазар. По пазарна логика, по потегот на АЕК, официјалната цена на СМС-пораките треба да се намали на околу 3,5 денари. Во тој случај, 22 милиони пораки би чинеле приближно двојно помалку – околу 76 милиони денари или 1,2 милиони евра.

Меѓутоа, точниот износ кој тие го наплатиле за овие пораки во малопродажба не може да се знае бидејќи точната бројка на наплатените СМС-пораки се чува како деловна тајна.

По сегашната цена од 5,89 денари со вклучен ДДВ, за овие пораки треба да се потрошени 129 милиони денари или нешто над два милиони евра во малопродажба | Фото: David Rothwell (rothwell172) / Foter / CC BY

По сегашната цена од 5,89 денари со вклучен ДДВ, за овие пораки треба да се потрошени 129 милиони денари или нешто над два милиони евра во малопродажба | Фото: David Rothwell (rothwell172) / Foter / CC BY

Директорот на АЕК, Роберт Орданоски, вели дека Агенцијата нема директен механизам за влијанието врз малопродажните цени, туку само врз големопродажните.

„Но, индиректно, економските законитости велат дека кога на компаниите им се намалува трошокот за набавка, тогаш за да бидат поконкурентни на пазарот, би требало да ја намалат цената кон крајните потрошувачи“, вели Орданоски.

Операторите откако се намалени цените на СМС-пораките во големопродажбата, нудат поголем број бесплатни пораки во пакетите што ги нудат за крајните корисници.

Од „Т-Мобиле“ потенцираат дека одлуката на АЕК имаше индиректно влијание врз цената на СМС-пораките бидејќи тие оттогаш нудат „атрактивни пакети на услуги со вклучени СМС-пораки кон сите мобилни оператори“.

„Имајќи предвид дека токму пакетите на услуги се најбарани од страна на крајните корисници, очигледно е намалувањето на ефективните малопродажни цени на СМС по регулацијата на АЕК“, велат од мобилниот оператор со најголем удел на пазарот во земјата.

И од ВИП операторот имаат сличен одговор на прашањето зошто официјалните цени на СМС-пораките не се намалени.

Операторите бараат јавна расправа за
поевтинувањето на роамингот

Пред реално да се намалат цените во роаминг во Македонија, Црна Гора, Србија и
БиХ, според неодамна потпишаниот протокол, од „Т-Мобиле“ и „Македонски
телеком“ велат дека се потребни консултации, дебата и детална анализа. Од
ВИП Операторот, пак, сметаат дека намалувањето на цените за роаминг ќе ги
намали нивните приходи. Двата оператора потенцираат дека ги поддржуваат
иницијативите и активностите кои носат долгорочна добивка за корисниците и сите
граѓани, но бараат да бидат интензивно вклучени во следните чекори „во согласност
со практиката во ЕУ“. И од ВИП и од Т-Мобиле имаат забелешки на транспарентноста
и нивната исклученост од процесот. „Во овој процес не беа вклучени
мобилните оператори како релевантни чинители кои ќе претрпат најголемо влијание,
со што се повредува транспарентноста и регулаторната предвидливост како едни од
најважните елементи во носењето на одлуки за било кој сериозен инвеститор“, велат од
ВИП. Во „Т-Мобиле“ сметаат дека „само така би се согледале долгорочните ефекти врз
развојот на пазарот на електронски комуникации, како и развојот и воведувањето
на новите технологии кои ќе ги следат светските трендови“. Посочуваат дека во ЕУ
за истите прашања претходеле интензивни јавни расправи и повеќе фази на консултации
и разработка.

„Во поголемиот дел од тарифините опции, во самата претплата се вклучени неограничен број на СМС пораки“, велат од ВИП. Тие додаваат дека „во пакетите со најниска месечна претплата, кои немаат вклучено СМС-пораки, за 149 денари месечна претплата може да се купат неограничен број на СМС-пораки“.

Но, цената на пораките во постпејд за пакетите без неограничен број на СМС-пораки е 4,9 денари со вклучен ДДВ.

„Во припејд, во зависност од тарифата, цените на една СМС-порака се движат од 2,3 до 5,9 денари со вклучен ДДВ“, додаваат од ВИП.

Но, за да добиете еден од пакетите со бесплатни пораки треба да потпишете договор за 24 месеци, односно за две години, со што прифаќате одредена цена и за разговор и за пораки кон странство, за интернет и слично.

На јавната расправа, којашто се одржа во просториите на АЕК во ноември минатата година на тема регулација на малопродажни цени, свои забелешки имале и „Т-Мобиле“ и ВИП-операторот, но тие не биле прифатени.

„Македонски телеком достави свои забелешки кон предлог регулацијата во насока дека во услови на развиена конкуренција и динамичен пазар нема потреба од строга регулацијата“, велат од „Т-Мобиле“ и додаваат дека „истиот тренд се случува и во земјите на ЕУ“.

Тие тврдат дека реалната ефективна цена на СМС-пораките е далеку пониска од 5 денари плус ДДВ „поради атрактивните пакети на мобилните оператори каде што се вклучени бесплатни СМС-пораки кон сите мобилни мрежи во РМ“.

Сепак, во Агенцијата кога ја носеле одлуката верувале дека ќе има директно влијание и официјално ќе се намалат цените во малопродажба. Тие сметале дека таа одлука е навистина значајна за крајните потрошувачи.

Со цена од околу 0,1 евро за порака, Македонија е меѓу земјите од Европа со највисоки цени за СМС-пораки. Во земјите од ЕУ, цената на СМС-пораките изнесува најмногу 0,06 евра, односно 3,7 денари и тоа во роаминг.

Статистиката на АЕК покажува дека бројот на испратени СМС-пораки во првите три месеци од годинава бележи пад од 3,40 отсто во однос на претходниот квартал, односно последните три месеци од 2013 година.

Но, на годишно ниво, односно споредено со првиот квартал од 2013 година, се забележува раст од 21,22 насто во испратените СМС-пораки.