Регион

Плакати со ликот на Ратко Младиќ залепени во Источно Сараево

Младен Лакиќ, Сараево

Плакатите со ликот на Ратко Младиќ, залепени на зградата на општина Источно Ново Сараево. Фото: БИРН

На прозорците на зградата на општина Источно Ново Сараево, во понеделникот беа залепени плакати со ликот на Ратко Младиќ.

„Никој не може да ги обвинува само Србите и само едната страна во војната, со ова не правиме ништо лошо и никој поради ова не треба да се почувствува навреден“, изјави за БИРН, градоначалникот на Источно Ново Сараево, Љубиша Ќосиќ.

Во ноември минатата година, со првостепена пресуда на Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија (МКТЈ), Младиќ беше осуден за геноцид и други воени злосторства. Се очекува жалба на оваа пресуда.

Ќосиќ рече дека плакатите се залепени како израз на поддршка и додаде: „Ратко Младиќ беше генерал на ВРС, во која беа нашите татковци, браќа и пријатели кои ја бранеа, одбранија и на крајот ја создадоа Република Српска“.

Во БиХ не постојат законски прописи со кои се забранува изразувањето на поддршка на лицата осудени за воени злосторства.

„Овде сите три страни (Бошњаците, Хрватите и Србите), имаат право да го направат ова, но јавноста реагира само кога ние ќе го направиме тоа и јас сум изненаден од притисоците и омразате што овие денови ги чувствувам“, рече Ќосиќ.

Поставувањето на плакатите го осудија претставниците на бошњачките жртви на војната

„За жал, ова не е ништо ново, со оглед дека овој вид на поддршка е речиси постојана“, изјави за БИРН, Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот.

„Многу е тешко што жртвите и преживеаните мора ова да го гледаат“, додаде Тахировиќ.

Јавниот сервис на Босна и Херцеговина, БХРТ, објави дека црно-бели плакати со ликот на Младиќ на 23 февруари за прв пат се забележани на општинската зграда, во која се сместени и боречката организација на Источно Сараево, Ракометниот клуб Славија, занаетско-претприемачките комори од регионот Источно Сараево и транспортното претпријатие Центротрас Источното Сараево.

Овие црно-бели плакати беа отстранети и на нивно место во понеделникот беа залепени нови, овој пат во боја, на кој Младиќ е облечен во униформа.