Истражувањa

Политички убиства во Косово: Неказнети, но не и заборавени

Властите во Приштина и меѓународните мисии, не ги уапсија сторителите на повоените политички атентати и вооружени напади во Косово. Преживеаните се надеваат дека новиот суд во Хаг, ќе успее во тоа.

Сербезе Хаџиај, Приштина

Првото нешто што се слуша, е звукот на бавно движење на инвалидска количка. А потоа го слушате и неговиот глас. Фетах Руди, преживеал обид за атентат, во кој останал доживотен инвалид. И денес, после 17 години, ги чувствува последиците.

Во јуни 1999 година, Руди бил еден од косовските Албанци, кои биле затворени и мачени во затвор на Ослободителната војска на Косово (ОВК).

Неколку месеци подоцна, во декември 2000 година, Руди, член на Демократската лига на Косово (ЛДК), во тоа време партија предводена од Ибрахим Ругова, станал мета на насилството кое избувна по војната.

Овој 54-годишен човек раскажува дека сѐ започнало во почетокот на јуни 1999 година, кога Генералштабот на ОВК издал налог за негово апсење.

„Ми ги врзаа рацете и два дена ме тепаа во бањата која што ја делев со уште две други лица”, вели тој за БИРН, во својата куќа во селото Руд, во општина Малишево.

Го уапсиле бидејќи одбил да му помага на ОВК. Сепак, тој вели дека негова единствена вина е неговото членство во партијата на Ругова.

„Откако ме осудија на три месеци затвор, ме однесоа во една гаража во селото Кастерц. Таму бев затворен 16 дена, а готово беше кога НАТО влезе во Косово (во јуни 1999 година)”, додаде тој.

Војната во Косово заврши со интервенција на НАТО, која српските сили ги принуди да се повлечат од Косово и која доведоа до демилитаризација на ОВК. Сепак, политичкото насилство продолжи, во услови на ривалството меѓу ЛДК на Ругова и Демократската партија на Косово (ПДК), формирана од водечките фигури на ОВК.

Тензиите се појавиле уште во војната, со оглед дека военото крило на ЛДК, вооружените сили на Република Косово (ФАРК), кое, исто така, се борело против силите на Белград, функционирало одвоено од ОВК.

Руди бил застрелан на 15 декември 2000 година, кога се враќал од состанок на шефовите на ограноците на неговата партија.

Во овој период беа одржани првите повоени локални избори во Косово. Политичките тензии во општина Малишево биле големи, бидејќи разликата меѓу ЛДК и ПДК била многу мала, а советниците требало да гласаат за првиот човек на локалната извршна власт.

Руди вели дека бил нападнат кога излегол од состанокот, по што се упатил на гласање.

“Прво, со рафал од автоматско оружје беше запрен автомобилот. Потоа видов три лица во црвена Астра, кои пукаа во моја насока. Дури ги видов и нивните лица. Подоцна дознав кои се двајца од нив”, вели тој.

Иако поминаа повеќе од 17 години од овој настан, никој досега не е осуден за овој напад, што укажува дека судовите во Косово не успеале ефикасно да ги решат политички мотивираните повоени убиства и напади.

„Нема дилема кои се сторителите (на нападот). Тоа беше продолжување на казната што ми ја изрекоа за време на војната“, вели Руди.

Фетах Руди Фото: Сербезе Хаџиај/БИРН.

Жртва на вооружени банди

Според проценките дадени во извештајот на Амнести интернешнал од 2009 година, во периодот кога Косово беше под администрација на ООН, а по повлекувањето на српските сили, биле извршени околу 800 убиства, во континуирано насилство над Србите и другите етнички малцинства и членови на ЛДК.

Повеќето лица кои во периодот 1998 – 2000 година, наводно, биле киднапирани од страна на припадници на ОВК, а кои потоа исчезнале, биле или Срби, или Албанци кои се сметале за соработници на Србија.

„Членови на ОВК, кои ненасилната доктрина на ЛДК ја сметаа за еднаква на соработка (со Србија), убиваа припадници на оваа партија”, изјави за БИРН, Жан Кристијан Кеди, кој од 2000 до 2004 година беше претставник на УНМИК задолжен за правосудство и полиција.

Кeди нагласува дека воспоставувањето на нов судски систем во Косово, од страна на УНМИК, во голема мера било неуспешно.

„УНМИК не успеа да ги заштити сведоците. Ние не можевме да најдеме држава подготвена да ги прими сведоците. За да успеете, ви треба гаранција за нив, но, исто така, и да ги користите истите техники кои се користат, на пример, во Италија, за криминалците кои соработуваат (во предметите поврзани со мафијата)”, објаснува Кеди.

Вака поранешните официјални претставници на ООН, како што е Кеди, ја опишуваат ситуацијата во која повоено Косово стана жртва на неконтролираните вооружени банди, кои извршија голем број на злосторства.

Во текот на изминатите 17 години, Руди поминал низ стотици медицински прегледи и третмани, но само двапати, меѓународните обвинители, го сослушале за неговиот случај.

Прв пат исказ дал пред обвинителот на УНМИК во 2001 година. Втор пат во 2011 година пред обвинителот на Мисијата за владеење на правото на ЕУ во Косово (ЕУЛЕКС).

Еден месец пред нападот врз Руди, бил извршен атентат врз Џемаил Мустафа, советник на Ругова. Мустафа бил убиен пред влезот на зградата во која живеел во Приштина, во ноември 2000 година.

„Додека давав исказ за ЕУЛЕКС, италијанскиот обвинител ми објасни дека форензичката експертиза открила дека еден од куршумите со кој сум бил погоден, бил испукан од истиот пиштол со кој бил убиен Џемаил Мустафа”, вели Руди.

ЕУЛЕКС не одговори на прашањето на БИРН, кои политички атентати европската мисија досега ги гонела.

„ЕУЛЕКС не може да даде информации за тековни истраги или истраги што ги води Специјалното обвинителство”, нѝ одговори портпаролот на ЕУЛЕКС.

Обвинителите на ЕУЛЕКС, сé уште не им префрлиле ниту еден случај поврзан со политички мотивираните убиства, на косовските обвинители.

„Сè е поврзано не само со несогласувањата во војната, туку и со угледот и влијанието што ЛДК го имаше по војната. Отстранувајќи некои од најблиските соработници на Ругова, тие (поранешните припадници на ОВК) се обидоа да се ослободат од ЛДК и да ја зголемат својата моќ“, објаснува Руди.

Седиштето на Специјализираните совет. Фото: Европол

Нов суд, нова надеж?

Со текот на годините, Руди имал сѐ помалку надеж дека ќе ја постигне правдата.

Новиот суд, формиран во 2015 година, со поддршка на Европската Унија, кој функционира во согласност со законите на Косово, а чие седиште е во Хаг и во кој се ангажирани меѓународни судии и обвинители, има за задача да се справи со воените злосторства и со убиствата извршени на политичка или етничка основа, во периодот јануари 1998 – декември 2000 година.

Клинт Вилијамсон беше шеф на Специјалниот истражен тим на ЕУ, кој имаше за задача да ги истражи наводите за овие злосторства, кои прв пат беа спомнати во извештај на Советот на Европа. Тој вели дека по завршувањето на истрагата во 2014 година, се дошло до сознание дека некои елементи на ОВК биле вклучени во насилствата и заканите против политичките противници.

„Овие лица ја сносат одговорноста за кампањата на прогон, насочена против Србите, Ромите и другите малцинства во Косово, но и кон други косовски Албанци кои тие ги етикетирале или како соработници на Србите или, што бил почест случај, едноставно како политички противници на раководството на ОВК“, изјави на прес-конференција во Брисел, Клинт Вилијамсон

Се очекува, новиот суд во Хаг, чиј назив е Специјализирани совети и Специјализирано обвинителство, првите обвиненија да ги поднесе веќе оваа година, што повторно им влева надеж на жртвите, како што е Фетах Руди.

„Имам доверие дека овој суд ќе биде поинаков”, ни рече Руди.

Отворање на старите рани

Новата истрага за повоеното насилство во Косово, за некои луѓе значи отворање на старите рани.

Шпетим Хардарај, чиј татко Смајл Хардарај бил убиен во јануари 2002 година, очекува новиот суд да го разгледа и неговиот случај, иако мандатот на судот не го вклучува времето во кое се случило убиството на неговиот татко.

„Постојат индикации и сведоштва дека неговото убиство било дел од однапред планирано сценарио, но тој бил убиен подоцна”, објаснува Хардарај.

Смајл Хардарај, пратеник на ЛДК и поранешен член на ФАРК, бил убиен само 37 дена по свечената заклетва што ја дал како пратеник на првиот состав на Собранието на Косово по војната.

Единствен наводен случај на политичко повоено убиство што судството го разгледало, е убиството на Екрем Реџа, поранешен висок член на ОВК, во војната познат под прекарот Дрини. Тој беше убиен во мај 2000 година, пред неговата куќа во Призрен.

За ова убиство им се судеше на двајца припадници на ОВК, кои на крајот беа ослободени. Братот на Екрем Реџа, тврди дека убиството било политички мотивирано.

„Луѓето осомничени за убиството на Дрини, се поврзани со најмалку две политички партии. Јас не би ги поврзал само со една политичка партија“, изјави Реџа за БИРН.

Тој додава дека „доказите биле игнорирани” и изрази сомневање дека меѓународните претставници сакале случајот тивко да избледи.

„Кога судот го ослободи обвинетиот, другиот обвинител не се жалеше”, рече тој.

Жан Кристојан Кади

Приоритет на стабилноста, а не на правдата?

По две децении, јасно е дека Мисијата на ООН во Косово, не можеше да го реши повоеното насилство, вели поранешниот официјален претставник на УНМИК, Кади.

„Мисијата не беше способна да се бори против зголемената стапка на криминал, грабежи или да ги спречи политичките и злосторствата извршени на етничка основа”, вели тој.

Иако УНМИК и ЕУЛЕКС не казнија никого за повоените политички убиства, тие станаа неусогласен рефрен во косовската политика, кој доведе до континуирани обвиненија и контра обвиненија.

ЛДК тврдеше дека ПДК, заедно со т.н. разузнавачка служба на Косово, ШИК, поранешна тајна служба која беше блиска до нивниот политички опонент, ПДК, стои зад убиствата на нејзините членови.

Овие наводи ги негираа членови на ПДК, вклучувајќи го и поранешниот шеф на ШИК, Кадри Весели, денес претседател на Собранието на Косово.

Јакуп Красниќи, поранешен портпарол на ОВК, еден од најстарите членови на ПДК, вели дека по војната, многумина извршиле злосторства во името на ОВК, иако никогаш не биле дел од неа.

„Припишувањето на многу повоени убиства на ОВК, без никаква проверка или пресуда, е неправда”, изјави Красниќи за БИРН.

Тој смета оти тврдењето на ЛДК е смешно, особено со оглед на фактот дека партијата потпишала договор со нејзиниот политички опонент, ПДК, во 2014 година, со цел формирање на коалициска влада.

„Овие обвиненија се обид тие самите да се претстават себеси како жртви. Во 2014 година ЛДК им ја даде најголемата моќ на истите луѓе кои ги обвинува за убиствата – на претседателот на парламентот (Кадри Весели)“, потенцира тој.

Поранешниот претседател на ЛДК, Фатмир Сејдиу, сепак, тврди дека за време и по војната, членови на партијата биле цел на одмазда поради своите политички ставови, а злосторствата не биле кривично гонети, бидејќи УНМИК сакал да ја смири ситуацијата во Косово.

„Атентатите врз членовите на ЛДК не беа гонети, во обид, УНМИК, за време на неговиот мандат, да одржи некој вид на стабилност и мир”, нагласува Сејдиу.

Од Специјалното обвинителство на Косово, велат дека тие неодамна сослушале некои лица во врска со убиствата на Џемаил Мустафа и Енвер Малоку и обидот за атентат на Ибрахим Ругова во 2005 година, но без никакви резултати.

„Во своите изјави, лицата што ги сослушавме, не дадоа никакви информации што би овозможиле започнување истрага за кој било поединец“, велат од Специјалното обвинителство за БИРН.

Од таму додаваат дека Специјализираните совети не побарале да им биде префрлен ниту еден случај кој го обработувало косовското обвинителство.

Фетах Руди и денес ги чувствува последиците од раните што му биле нанесени кога во него биле испукани 14 куршуми, а климата на неказнување создадена во Косово, поради недостиг на обвиненија, и натаму е присутна.

Руди изрази надеж дека Специјализираните совети наскоро ќе преземат дејства, со кои на жртвите на повоеното политичко насилство, ќе им обезбеди правда.

„Со текот на времето, фактите можеби стануваат помалку јасни, но јас ништо не сум заборавил“, додаде тој.