Регион

Поништена одлуката за рехабилитација на четничкиот водач Никола Калабиќ

Филип Рудиќ, Белград

Никола Калабиќ. Фото: Викимедиа комонс; Вандал Б.

Апелацискиот суд во Белград, му го врати предметот на Никола Калабиќ, на судот во Ваљево, кој ја донесе првостепената пресуда со која четничкиот водач од Втората светска војна беше рехабилитиран, барајќи од судот да утврди дали Калабиќ учествувал во воени злосторства или не.

„Ова е затоа што лице кое извршило или учествувало во вршење на воени злосторства, нема право на рехабилитација според Законот за рехабилитација”, соопшти Апелацискиот суд.

Тој, исто така, му наложи на судот во Ваљево, да ги утврди околностите на страдањето на Калабиќ.

Барањето за рехабилитација на Калабиќ, го поднесе неговата внука, Весна Калабиќ, во 2012 година. Таа изјави дека југословенските власти го убиле поради идеолошки причини.

Четниците, за време на Втората светска војна, во која беа поразени од партизаните предводени од Комунистичката партија и Јосип Броз Тито, ги претставуваа српските ројалистички интереси.

Калабиќ беше командант на Горската гарда на југословенската војска во татковината. Со пресуда од 1946 година беше прогласен за „народен непријател“. Околностите околу неговата смрт никогаш не беа разјаснети.

Според некои историски извори, тој бил еден од четничките лидери кои на 26 ноември 1943 година склучиле формален договор за соработка со претставникот на германската воена команда за Југоисточна Европа, генерал-потполковник Ханс Фелбер.

Државната комисија за истрага на злосторства во Втората светска војна предаде писмото од април 1943 година, во кое наводно Калабиќ зборува за убиството на девет цивили.

Во една друга прилика, Калабиќ му рапортирал на четничкиот лидер, Дража Михајловиќ, дека неговите сили убиле неколку лица, главно Роми, во селото Копљаре, во централна Србија.

Во септември 1946 година во градот Мионица, Србија, е донесена судска пресуда со која Калабиќ е прогласен за „народен непријател“, а неговиот имот е конфискуван. Вишиот суд во Ваљево, го рехабилитираше во 2017 година.

Неговите останки никогаш не беа пронајдени, поради што 65 години официјално се водеше како исчезнато лице. Беше прогласен за мртов во 2011 година од страна на Основниот суд во Ваљево.