Вести

Поради законот за абортус, жените со денови носат мртов плод во себе

Невладините организации жестоко реагираат, откако Уставниот суд пресече дека абортусот останува ограничен како што предвидува Законот за прекин на бременоста. Тие даваат бројни примери каде што животите на жените биле ставени на коцка поради долгите процедури што ги предвидува законот

Наташа Бошковска, Игор Јадровски и Неда Чаловска/ Фото БИРН

Наташа Бошковска, Игор Јадровски и Неда Чаловска/ Фото БИРН

До невладините организации стигнуваат алармантни примери за жени кои сакале да ја прекинат бременоста, но поради бројни регулативи и долги процедури, биле оневозможени.

Невладините организации ХЕРА и Реактор денеска излегоа со реакција, откако Уставниот суд пресече дека абортусот останува ограничен како што предвидува Законот за прекин на бременоста.

„Дискусијата врз која се донесе негативната одлука изобилуваше со лични убедувања дека абортусот е убиство, морални оценки, односно поврзување на абортусот со неверство, како и идеолошки убедувања со кои абортусот се поврзува со „либерални вредности“ и со истополовите бракови кои го загрозуваат одржувањето на нацијата“, вели Игор Јадровски од ХЕРА.

Невладините организации наброија неколку примери каде што жените со денови носеле мртов плод во себе, бидејќи лекарите морале да ги почитуваат процедурите што им ги наложува законот, па на тој начин животот им бил ставен на коцка.

„Една жена во 25-тата недела од бременоста открила дека носи бебе со џуџест раст и токму поради тие причини сакала да абортира. Но, лекарката сакала да ја убеди дека прави грешка, при што ја убедувала дека и нејзина другарка има криви нозе, па ништо не ѝ фали. Таа ѝ рекла дека ако го роди детето, тоа може нема да биде здраво дете, ама ќе биде паметно“, велат од невладините организации кои овој закон го дадоа пред Уставниот суд.

ХЕРА и партнерските организации тврдат дека во наредниов период ќе ги искористат сите меѓународни механизми за да ги заштити правата на жените на абортус.