Истражувањa

Повратниците во БиХ се соочуваат со повоени тензии и сиромаштија

Луѓето во Босна и Херцеговина, кои се вратиле во своите домови од кои избегаа за време на војната во оваа држава, велат дека се соочуваат со сиромаштија, дискриминација и повремено насилство, особено во местата каде што се национално малцинство.

Младен Лакиќ, Подвитез

Џамијата во Подвитез, која што беше нападната во 2016 година. Фото: БИРН

За да стигнете до селото Подвитез, кое се наоѓа во општина Пале, ќе ви треба повеќе време отколку што очекувате, бидејќи тие 20 километри колку што ви треба до селото, ќе ги поминете по стар, речиси уништен пат.

Селото денес е претежно населено со постари лица, кои се вратиле во своите домови што ги напуштиле во војната.

„Можете сами да видите, нема деца што се играат, само ние, старците и кучињата, тоа е сè”, вели Исмет Кадриќ, кој е роден во Подвитез. Тој го напуштил своето родно село во 1992 година, но по една деценија се вратил во него.

„Јас само ја сонував мојата куќа, повеќе не можев да издржам и решив да се вратам, иако синот остана во Зеница со своето семејство”, објаснува тој.

Од 2.2 милиони лица кои ја напуштиле Босна и Херцеговина за време на војната 1992-1995, се вратиле вкупно 1.025.011.

Од нив, 72% се повратници во Федерацијата БиХ, околу 26% во Република Српска, а само 2% во Дистриктот Брчко.

Многу повратници се сиромашни, повеќето од нив живеат во села, претежно населени со постари луѓе. Младите, пак, заминуваат во градовите или се селат во странство, во потрага по подобар животен стандард.

Кадриќ вели дека чувствувал и среќа, и тага, кога се вратил во Подвитез.

„Бев среќен што сум тука, но гледајќи ги празните куќи, мојот дом без врати, беше тешко … но војната уништи многу повеќе од тоа”, ни вели овој 69-годишен човек.

Повеќето од куќите во селото се напуштени, бидејќи нивните сопственици починале, а нивните деца не сакаат да се вратат, додава тој. Според пописот од 2013 година, населението на Подвитез брои 49 лица, една третина од населението што живеело тука пред конфликтот.

„Тука имавме училиште, но сега е празно. Не ги обвинувам, тешко е да се воспитуваат деца тука, но не може сите да живеат во град, некој мора да работи во полињата и да произведува храна”, вели Кадриќ.

Тој додава дека е ангажиран околу своите овци и кравата. Неговиот син често доаѓа да го посети.

„Нема ништо полошо од мрзеливоста и јас ќе работам сѐ додека можам да стојам на нозе”, додава тој.

Повратниците се цел на напади

Куќа во Подвитез. Фото: БИРН

Депопулацијата и стареењето на населението не се единствените проблеми со кои се соочуваат местата како што е Подвитез.

Синот на Кадриќ, Рамиз, раскажува дека непознати напаѓачи, кои до денес не се уапсени, ја нападнале локалната џамија во 2016 година.

„Таа е заклучена, имамот доаѓа тука од време на време, бидејќи нема доволно луѓе за да ја врши редовно верската служба”, додава тој.

Иако поминаа повеќе од две децении од крајот на војната, повратниците во местата во кои денес се национално малцинство, понекогаш се цел на оние кои не сакаат тие да се вратат.

Така, во Соколац, околу 40 километри од Сараево, каде што мнозинството население е од српска националност, на 17 јануари беше запален автомобил во сопственост на семејство повратници од бошњачка националност.

Исмет Вражалица, сопственик на автомобилот, вели дека не се сомнева во своите соседи: “Имам добри соседи, тоа не е поврзано со фактот дека сум Бошњак, сигурен сум во тоа, иако полицијата сѐ уште работи на случајот”, вели тој.

Како што велат експертите, БиХ е претежно мирна земја и бројот на етнички мотивирани инциденти е мал.

Домашните безбедносни и статистички институции немаат посебни податоци за злосторствата извршени од омраза, во врска со етничката или верска припадност, па вакви податоци се достапни само во Мисијата на ОБСЕ во БиХ, која месечно објавува графички приказ на податоците за злосторствата извршени од омраза, наречен „Монитор на омраза”.

Во текот на 2017 година, ОБСЕ забележал вкупно 172 инциденти мотивирани од омраза. Дванаесет вклучувале физичко насилство, додека во 37 случаи се работело за оштетување на верски објекти или сквернавење на гробишта.

„Секој напад врз повратниците потребно е да го сметаме за напад врз сите нас, на општеството како целина, како и на сето она што е направено во однос на повторната изградба на доверба и соживот во БиХ”, изјави Семиха Боровац, министер за човекови права и бегалци на БиХ, по инцидентот во Соколац.

„Без разлика дали се работи за Бошњак или за некој друг, не смееме да дозволиме ова да помине неказнето, а очигледно е дека казните за овој вид на злосторство, извршено од омраза, треба да бидат уште построги”, изјави за БИРН, Един Рамиќ, министер за раселени лица и бегалци на БиХ.

Бошњаците не се единствените кои се цел на напади. Во ноември 2017 година, беа оштетени неколку надгробни споменици на православните гробишта во Сараево, што ги вознемири Србите во главниот град на БиХ, кој е населен претежно со Бошњаци.

Повратниците секојдневно се соочуваат со проблеми – а најголемиот е сиромаштијата, вели Мирхуниса Зукиќ, претседател на Унијата за одржливо враќање и интеграција.

„Овие случаи каде што мотивот може да биде етничко злосторство се крајно сериозни, но за жал, ова е само дел од проблемите на повратниците ширум земјата”, додаде Зукиќ.

Куќи без електрична енергија

Фото: БИРН

Се проценува дека за време на војната во БиХ, биле уништени 450.000 куќи. По војната 327.000 се реновирани или во целост обновени.

Но, сепак, 7.500 лица и денес живеат во повеќе од 100 колективни центри – привремено сместување што го обезбедила државата за оние кои чекаат трајно решавање на станбеното прашање. Некои се внатрешно раселени лица, а други се повратници.

Министерството за бегалци на БиХ, во 2016 година, започна проект вреден повеќе од 15 милиони евра, со цел да се обезбедат домови за 438 семејства. Овие активности се дел од регионалниот проект за решавање на станбеното прашање на оваа категорија на лица, поддржан со 583 милиони евра, средства обезбедени на донаторската конференција во Сараево што се одржа во 2012 година, која беше заеднички организирана од Босна и Херцеговина, Хрватска, Србија и Црна Гора.

Целта на овој регионален проект, кога станува збор за БиХ, е до крајот на 2018 година, да се обезбедат станови за повеќе од 5.400 бегалски семејства, односно за вкупно 14.000 лица.

Сепак, според извештајот на Министерството за бегалци на БиХ, објавен во септември минатата година, на реновирање или целосно обновување чекаат уште 9.828 куќи низ целата држава.

И покрај овие проекти, Унијата за одржливо враќање и интеграција, нагласува дека во околу 3.000 куќи на повратници, сè уште нема електрична енергија. Исто така, на многу места, патиштата и основната инфраструктура се во многу лоша состојба.

„Знам дека вие (новинарите) понекогаш сакате да имате приказна за Срби кои нападнале Бошњаци, но верувајте ми, подобро е да пишувате за патот, немаме асфалт, а кога врне дожд, како да поминуваме низ езеро, а не по пат”, вели Исмет Вражалица, сопственикот на автомобилот кој беше запален во јануари.

Вражалица додава дека тој и неговото семејство се вратиле во селото Педише, во општина Соколац, пред 18 години.

„Тешко беше повторно да се продолжи со животот, но тоа чувство кога сте во вашиот дом, во вашата земја, не може да се смени со ништо”, вели тој.

Неговото семејство, добило поддршка од државата, но сепак, поголемиот дел од средствата за реконструкција на куќата и за започнување на бизнисот со кој се занимаваат, ги обезбедиле сами, нагласува Вражалица.

„Нема поента да чекаме (политичарите) да направат нешто за нас. За кој било од нас. Ако сакате да имате пристоен живот, треба да работите напорно и да се надевате на најдоброто“, додава тој.

Иако автомобилот му бил запален, тој вели дека во секојдневниот живот нема инциденти и дека Бошњаците и Србите комуницираат без никакви проблеми.

„Ние работиме заедно, имам фирма што се занимава со шумарство. Има и Срби, но кога станува збор за бизнисот, ние не прашуваме кој е кој (по националност), бидејќи сите ние, без оглед на сè, треба да заработиме за леб, додека нашите политичари не прават ништо, освен што нѝ кажуваат дека не можеме да живееме заедно“, нагласува Вражалица.

Прашањето за идентитетот

Чешма со спомен-плоча поставена во чест на локален жител. Фото: БИРН

Освен безбедноста, за повратниците во БиХ е важно и прашањето за идентитетот, што е особено чувствително во местата каде што тие се национално малцинство.

Иако босанскиот, хрватскиот и српскиот јазик се официјални јазици во БиХ – според некои експерти, се работи само за варијации на истиот јазик – разликите во јазикот се предмет на долгогодишен спор.

Имено, во босанскиот ентитет, Република Српска (РС), Министерството за образование им наложи на училиштата, босанскиот јазик да го именуваат како „бошњачки”, со образложение дека уставот на РС не го познава терминот „босански јазик”.

Бошњачките повратници во РС реагираа бурно на ова, а родителите на учениците од бошњачка националност, во последниве неколку години, повеќепати протестираа поради ова, сметајќи ја ваквата политика за национална дискриминација.

Така, на 22 јануари, група родители, Бошњаци, од селото Липље, кај Зворник, во РС, одлучија да не ги испраќаат своите деца на училиште, бидејќи во училиштето се употребува терминот ‘бошњачки’, наместо босански јазик. Овој протест е последен во серијата протести во овој ентитет.

„Со години го имаме овој проблем во Република Српска”, изјави за БИРН, Мухарем Синановиќ, еден од родителите од село Липље.

Синановиќ нагласува дека децата ќе останат дома, сѐ додека не се реши ситуацијата.

„Ако ова не го решиме, ќе организираме протести, мора да се бориме за нашите права”, додава тој.

Претходните протести на родителите, резултираа со формирање на импровизирано училиште во местото Нова Касаба, во близина на Сребреница. Оценките што ги добиваат учениците се потврдуваат во Сараево, а нивниот мајчин јазик е заведен како босански.

Некои Бошњаци сметаат дека преименувањето на називот на јазикот е обид, со понижување, од РС да се избркаат останатите жители од несрпска националност.

Сличен проблем имаат и децата на српските повратници во училиштата во Мостар, во ентитетот Федерација БиХ.

„Ние направивме сѐ за да се избегне ситуација во која ова прашање може да биде политизирано на некаков начин, но факт е дека нашите деца посетуваат настава на босански и на хрватски, а не на српски јазик”, изјави за БИРН, Сања Бјелица – Шаговновиќ, мајка на ученик од Мостар, по националност Србинка.

Дејтонскиот мировен договор, со кој беше ставен крај на војната во БиХ, предвидува право на сите бегалци и раселени лица да се вратат во нивните предвоени домови.

Властите мора да осигураат безбедна средина за нивно враќање, односно, како што стои во мировниот договор, „без ризик од вознемирување, заплашување, прогон или дискриминација, особено врз основа на нивната етничка припадност, религиозни верувања или политички ставови”.

Но, во очите на некои повратници, заплашувањето и дискриминацијата допрва треба да се искоренат.