Актуелно

Правосудна бомба: Мијалков, Груевски и Јанкулоска на чело на судовите

На дванаесетата по ред политичка бомба Заев презентираше аудио снимки од кои се гледа спрегата меѓу Судскиот совет, Врховниот суд, МВР, УБК и обвинителството – институциите кои според Устав треба да бидат независни една од друга, но сите ги обединува еден заеднички именител – припадност на владејачката партија.

„Директорот на УБК Сашо Мијалков е ‘капо ди тути капи’ во судскиот систем“, рече Заев.

„Директорот на УБК Сашо Мијалков е ‘капо ди тути капи’ во судскиот систем“, рече Заев.

Тројца луѓе го држат судството во свои раце – директорот на УБК Сашо Мијалков, премиерот Никола Груевски и министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев презентирајќи ја 12-тата по ред политичка бомба.

Тој презентираше аудио снимки за тоа како се именуваат судиите во земјава и нарачки за донесување судски пресуди во корист на власта. Од снимките може да се види спрегата меѓу Судскиот совет, Врховниот суд, МВР, УБК и обвинителството – институциите кои според Устав треба да бидат независни една од друга.

Од денешните снимки можеа да се чујат и гласовите за кои СДСМ тврди дека се на поранешниот министер за правда Блерим Беџети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери од коалицискиот партнер ДУИ како преговараат да дадат едно „нивно“ место во Вишото јавно обвинителство, но за замена да добијат места во судството.

Гласот за кој СДСМ тврди дека е на Мијалков лично им се јавува на две судијки за да им честита дека се примени, а се договара и частење за новите работни места. Според аудио материјалите, поранешната претседателка на Судскиот совет Александра Зафировска изборот за судии го препраќала до премиерот, а истиот завршувал во рацете на Мијалков и Јанкулоска, која пак водела тефтер со подобни и неподобни судии.

„Директорот на УБК Сашо Мијалков е ‘капо ди тути капи’ во судскиот систем“, рече Заев.

Чекан по глава за непокорните

Во разговор кој наводно се води меѓу министерката за внатрешни Јанкулоска и министерот за финансии Ставрески, тој се заканува дека „ќе му го загорчи животот“ на Кирил Доневски, човек кој работел кај него, а потоа бил примен во Апелацискиот суд.

„Не го повлекува од кај мене барањето, игра на картата да изминат 30 дена пошто по автоматизам му следува решение… од понеделник немало да иде на работа и ме изнервира право да ти кажам, сакам таму животот да му го загорчам“, вели Ставрески и ја прашува Јанкулоска дали може по партиска линија да се јави некој и да рече: „не може ова да се вработи, по партиски треба да биде вработувањето, а не ни е партиски“.

Во овој разговор, Ставрески наводно вели дека станува збор за човек кој е „чесен, вреден бистар“, меѓутоа „не се покорува и тера по свое“.

„Криво ми е за целава ситуација вака што настана, ама штом сака сила да покажува, ќе добие удар со чекан, па да види на кого покажува сила“, вели Ставрески.

Договорања за судбината на судските предмети

„Слушај, оди кај Љупка Арсениевска, претседателка на Апелација. Таа ептен наша е“, вели Маневска и додава дека „преку неа завршиле и за друг предмет“

Љупка Арсениевска, претседателка на Апелација 

Во еден од разговорите кои наводно се водат меѓу Филимена Маневска (поранешна судијка во Апелацискиот суд, сопруга на поранешниот министер за правда Михајло Маневски) и братот на директорот на УБК, Влатко Мијалков, се разговара за да се заврши работа за одреден предмет.

„Слушај, оди кај Љупка Арсениевска, претседателка на Апелација. Таа ептен наша е“, вели Маневска и додава дека „преку неа завршиле и за друг предмет“.

Инаку Арсениевска беше избрана за претседател на скопска Апелација во 2011 година и сè уште раководи со второстепениот суд.

Во друг разговор кој наводно се одвива меѓу министерката Јанкулоска и шефот на кабинетот на премиерот, Мартин Протоѓер, тие договараат дека одредена кривична пријава за жената на негов пријател треба да биде отфрлена. Според разговорот, може да се сфати дека сопругата на извесен Диме направила сообраќајка и ѝ била поднесена кривична пријава.

„Океј ако ѝ пуштиле пријава, ама да падне треба кривичната“, вели Јанкулоска.

„Да да да“, одговара Протоѓер.

„Нели така се договоривме?“, прашува Јанкулоска и го замолува да ѝ даде податоци за предметот.

Во друг разговор Јанкулоска наводно го замолчува Мијалков, пред Врховен суд да падне предметот за извесен Сашо Величковски. Според разговорот може да се сфати дека тој бил повреден во воениот конфликт во 2001 година и добил отштета, а МВР поднело тужба со која си ги барало парите назад. Јанкулоска сега инсистира тужбата од МВР да падне пред Врховен бидејќи станува збор за нивни човек.

„Што треба да правиме ние“, прецизно прашува Мијалков.

„Да го изгубиме спорот. Ние, МВР, пред Врховен“.

„Добро. Прати ми број и готово“, вели тој.

Тефтери со имиња на судии

Во сите разговори може да се чуе дека гласот кој наводно е на Мијалков, кога зборува за избор на судии, зборува во прво лице, иако правосудниот систем, според Устав, треба да биде комплетно независен од извршната власт

Сашо Мијалков

Во сите разговори може да се чуе дека гласот кој наводно е на Мијалков, кога зборува за избор на судии, зборува во прво лице, иако правосудниот систем, според Устав, треба да биде комплетно независен од извршната власт.

„Вечерва расправаме за судство, за 1-ца, 2-ка, Врховен и Крушево“.

„Блерим (н.з. Беџети) ме бара, сака да бираме тројца обвинители на Основно јавно обвинителство“.

„Ние кога биравме судии во 1-ца… Имам овде забележано, 72-ка, Лидија Петровска. Кој ја предложи неа?“.

Ова се само дел од изјавите на Мијалков во негови наводни разговори со Јанкулоска, на што министерката одговара дека има тефтерче во кое што ги запишува имињата на судиите.

„Она (н.з. Александра Зафировска, претседателка на Судски совет) има напишано на рака, после тоа кога сме разговарале, значи сме ја штиклирале и уште еден плус и имам ставено“, вели Јанкулоска.

Во дел од разговорите може да се чуе дека Зафировска, која два мандати раководеше со Судскиот совет и сè уште е член, наводно го известува премиерот пред да распише оглас за судии

Александра Зафировска

Во дел од разговорите може да се чуе дека Зафировска, која два мандати раководеше со Судскиот совет и сè уште е член, наводно го известува премиерот пред да распише оглас за судии, а списоци доставува и до министерката Јанкулоска и директорот на УБК Мијалков.

Во две аудио снимки може да се чуе гласот за кој СДСМ тврди дека е на Мијалков, каде што тој им честита на Софија Лалиќиќ (актуелна судијка во скопскиот кривичен суд) и на Светлана Костовска, дека средил да бидат примени на работа.

„Ме зезаш“, возбудено прашува Лаличиќ.

„Не те зезам. Ајде, со среќа нека ти е. Само не збори на никој, ништо“, вели Мијалков и додава дека „кога ќе се заврши работата ќе се частиме“.

Инаку Лалиќ, претходно вработена во канцеларијата за односи со јавност во судот, стана најмладата судијка во Основниот суд Скопје 1.

Во друг разговор со извесна Светлана Костовска (вработена во УБК), Мијалков наводно вели: „Средив работа да бидеш избрана (н.з. за судија)“.

„Да?“, прашува Костовска.

„Да. Што значи ќе треба да ме частиш“.

„Ееее, цел живот ќе Ви бидам должна“, одговара таа.

Како се договарале вработувањата во судството?

Во разговорот кој наводно се води меѓу Шврговски и Јанкулоска, тој ја информира дека ветил работно место во обвинителството за синот на претседателката на Апелацискиот суд. Проблем било што тоа место веќе било ветено за ДУИ.

Разговор меѓу Шврговски и Јанкулоска

Во еден од разговорите што наводно се водат меѓу поранешниот државен јавен обвинител Љупчо Шврговски и министерката Јанкулоска, тој ја информира дека ветил работно место во обвинителството за синот на претседателката на Апелацискиот суд. Проблем било што тоа место веќе било ветено за ДУИ.

„Ај сега јас ќе му се јавам на Блерим (н.з. Беџети, поранешен министер за правда)“, вели Јанкулоска.

„И она е наш човек, знаеш како е…“, вели Шврговски.

„Да де да. Ќе му речам, молим те, следниот пат ќе ви го искомпензираме“, вели Јанкулоска.

За овој случај, понатаму разговараат Беџети и поранешниот вицепремиер Муса Џафери.

„Да, да, ама треба да ни дадат друго место…ајде размисли ти што може да ни дадат“, вели Џафери.

„И последниот пат кога имало избор на обвинители едно наше место му дадов на Михајло Маневски… И уште едно друго место му дадов на овој пријателов, негов човек беше“, вели Беџети.

Понатаму, тие разговараат за да се прими на работа синот на поранешниот претседател на Апелацискиот суд, Вели Ведат.

„Чувствувам дека имам долг кон него. Ме поддржал два пати“, вели Беџети.

„Аха… И он сака да биде обвинител? (н.з. синот на Вели Ведат)“, прашува Џафери.

„Да, да“, вели поранешниот министер за правда.

Член 8 став 1 од Уставот на РМ предвидува дека „темелна вредност на уставниот поредок на РМ е поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска

Инаку, Елвин Вели, синот на Вели Ведат, навистина беше примен да работи во Вишото јавно обвинителство во Скопје. Арсениевски, пак, синот на претседателката на Апелацискиот суд, сега е обвинител во Скопје.

Уште еден телефонски разговор од аудио снимките на СДСМ говори за ургенции при вработување. Во разговор кој наводно се води меѓу Јанкулоска и министерот Никола Тодоров, тој ја замолува да се прими на работа како судија во Управниот суд сопругата на деканот на ФИНКИ, Димитар Трајанов.

„Реално, за овој конкурс многу тешко, пошто више договорени се, поделени се со ДУИ, вака – така, на два дена пред избор се“, вели Јанкулоска ама сепак додава дека треба името на жената „да ѝ го пушти по порака, за секој случај“.

Урнисан правен систем

„Сега на сите им е јасно зошто некои судии делат правда така како што делат и зошто некои граѓани не можат да стигнат до правдата“, рече Заев

„Сега на сите им е јасно зошто некои судии делат правда така како што делат“, рече Заев

„Сите овие разговори сведочат како билo урнисано функционирањето на правниот систем и правната државата“, рече Заев.

Toj вели дека денешните објавени разговори докажуваат дека судските пресуди не се донесуваат, туку се нарачуваат.

„Сега на сите им е јасно зошто некои судии делат правда така како што делат и зошто некои граѓани не можат да стигнат до правдата“.

Заев уште еднаш повтори дека легитиметот на судската власт е целосно нарушен и дека не може судските процеси ни фер ни транспаретно да ги водат судии и обвинители кои на функции дошле преку вакви активности.