Регион

Преименуван плоштадот „Маршал Тито“ во Загреб

Градското собрание на Загреб, гласаше за преименување на плоштадот што го носеше името на поранешниот југословенски претседател, Јосип Броз Тито, по притисокот од десничарите, кои се обидуваат да го избришат наследството од комунистичката ера.

Свен Милекиќ, Загреб

Tаблата поставена на плоштадот „Маршал Тито“ во Загреб. Фото: Анадолија; Стипе Мајиќ

Советниците во Градското собрание на Загреб, со 29 гласа за и 20 против, по полноќ гласаа за предлогот за преименување на плоштадот „Маршал Тито“, во плоштад „Република Хрватска“.

„Со ова, плоштадот „Маршал Тито“ ѝ останува на историјата и се надевам дека ќе остане таму“, рече по гласањето, Андрија Микулиќ, претседател на Градското собрание.

Градоначалникот на Загреб, Милан Бандиќ, предлогот за преименување го даде во јуни.

Со цел, по завршувањето на локалните избори во мај оваа година, да обезбеди мнозинство во Градското собрание, Бандиќ ја прифати иницијативата на новоформираната десничарска партија, предводена од контроверзниот поранешен министер за култура, Златко Хасанбеговиќ и историчарката Бруна Есих.

Хасанбеговиќ и Есих изјавија оти барале преименување на плоштадот, поради повоените злосторства на Тито и кршењата на човековите права извршени под негова власт, како и поради бришење на наследство, како што рекоа, на тоталитарниот комунистички режим.

Хасанбеговиќ јавно ја критикуваше антифашистичката борба во Хрватска и во Југославија, поради што некои сметаат дека овој потег е дел од актуелните обиди на десничарите да го елиминираат антифашистичкото наследство во Хрватска.

Од деведесеттите години, па наваму, многу улици што носеа имиња на антифашистички борци или единици се преименувани, а околу 3.000 антифашистички споменици се делумно или целосно уништени.

Објавено и на Балканска транзициска правда