Анализи

Преслекување на Скопје: од готово – вересија

Додека поголемиот дел од јавноста молчи, 420 милиони денари од парите кои токму од нивните џебови се одлеваат како даноци во буџетот на градот, ќе се трошат за скап, идеолошки мотивиран и неквалитетен „фејс-лифтинг“ загледан во минатото

Со буџетот на Град Скопје, кој беше изгласан на крајот од ноември во два часот наутро, за измена на фасадите во строгиот центар на градот предвидени се 420 милиони денари| Фото: С.Ј. Марушиќ

Со новиот буџет на град Скопје се предвидени вкупно 420 милиони денари за реконструкција, како што модерно се нарекува преслекувањето на зградите во строгиот центар со фасади кои по стилот се униформирани, а во јавноста се препознаени како барокни.

Подложени на овој манир, среќните или жртвите, зависи од аголот на гледање, се и зградите на Пелагонија, на ЕВН и ЕЛЕМ, објектот на Владата, Градскиот трговски центар, Палома бјанка, како и повеќе други станбени згради во строгиот центар на градот, како онаа над ресторанот „Пелистер“.

Токму намерата за менување на изгледот на Градскиот трговски центар (ГТЦ) досега наиде на најголем отпор кој деновиве повторно заживува. По големиот протест изминатата година, во кој скопјани го заобиколија ГТЦ, замреа активностите околу неговото преслекување во барок. Сега повторно се активираат и најавите за преобразба, но и отпорот против тоа. Се чини дека битката за другите згради, не помалку важни за архитектонскиот идентитет на градот, е предадена без борба.

Скап и бавен фејс-лифтинг на зградата на ЕВН

Иако првично беше планирано белиот мермер од сегашната фасада да биде целосно отстранет, инвеститорите сепак одлучиле тој да остане под новиот барок | Фото: Г.Ризаов

Зградата што може да се види и на предземјотресните разгледници од Скопје – зградата на ЕВН Македонија и ЕЛЕМ, уште од мај годинава е подложена на процесот на менување на изгледот. Но, се покажува дека таа бавно и тешко го добива својот краен барокен лик.Иако првично беше планирано белиот мермер од сегашната фасада да биде целосно отстранет, инвеститорите, сепак, одлучиле тој да остане под новиот барок. „Така е многу поевтино и побрзо, отколку да се отстранува“ ни велат луѓе вклучени во градежниот зафат, барајќи да останат анонимни.

Ја проверивме информацијата во институцијата што врши надзор врз менувањето на фасадата на првиот облакодер во Скопје – Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии. Оттаму ни потврдија дека мермерните плочи ќе се отстрануваат само до 6 метри висина, до каде што треба да се изградат бетонски основи за новата фасада.

Но, бавноста во отстранувањето на стариот мермер, кој се крши за да може да биде симнат, не е единствената причина поради која планираните градежни зафати доцнат.

„Целиот зафат е во почетна фаза и доцни поради проблеми со подземните инсталации. Тука се вклучени електро и телекомуникациски инсталации, како и дел од водоводната инфраструктура“, велат за БИРН од Заводот.

Од Заводот за испитување на материјали и развој на нови технологии посочуваат дека мермерот ќе се отстрани само до висина од 6 метри. Но, треба да „исчезнат“ уште 1.800 метри квадратни фасадна столарија | Фото: Г.Ризаов

Изворот што го контактираше БИРН објаснува дека сега практично работите се одвиваат „на слепо“, бидејќи се прескокнати геомеханичките испитувања поради подземните инсталации околу објектот. Ако се оштетат инсталациите при испитувањата, може да се случи дел од центарот на градот да снема струја.

„Наместо со точни резултати, сега се оди со претпоставки за дозволеното напрегање на притисокот“, велат од надзорниот орган.

За да се завршат новите измени на зградата, треба да се отстранат 1.800 квадратни метри фасадна столарија. Имено, треба да се дислоцира целиот систем за ладење и греење, кој е поставен при последната реконструкција.

Тука во моментот е сопрен процесот, бидејќи за да се отстранат стаклата од старата фасада, потребно е на вработените најпрвин да им се најдат резервни канцеларии.

Фотографија од зградата на поранешно Електростопанство на Македонија како што изгледала во 80-тите години од минатиот век, пред изградбата на ГТЦ | Фото: Џ.Зекировски/Flickr

Зградата се менувала, но не драматично

Зградата на Електростопанство на Македонија е изградена една година пред катастрофалниот земјотрес во Скопје, односно во 1962 година. Автор е архитектот Бранко Петричиќ.

„Зградата и претходно трпела промени на фасадата, но тие биле во согласност со решението на авторот, при што таа го задржувала својот респектабилен изглед“ , вели за БИРН архитектот Трајко Димитров.

„Сегашната фасада ја дизајнираше и реализираше покојниот архитект Ѕвонимир Никулски кон крајот на 70-тите години од минатиот век и тој целосно го испочитувал делото на колегата кој е автор на првичниот проект“ додава Димитров.

Додека за енергетската ефикасност можеби и може да се полемизира на експертско ниво, аргументот за адаптација на зградата за да се вклопи со изгледот на околните згради, не остава простор за дебата.

„Фасадата ги исполнува сите архитектонски и технолошки стандарди“, вели aрхитектот Мирослав Грчев кој бил советник при тогашната реконструкција.Втор пат фасадата е реконструирана во 2000 година. Тогаш е додадено стаклото и е полиран мермерот.,

Тој полемизира со аргументот за „енергетска ефикасност“ на зградата соопштен од страна на ЕВН како изговор за преслекувањето. Според него, при последната интервенција се користеле најнови cutting edge технологии, енергетски ефикасни стакла и други материјали со амортизациски период од 30 години.

„Не гледам никаков аргумент од технолошка или инженерска природа за промена на фасадата, особено не аргумент како зголемување на енергетската ефикасност“, вели Грчев.

Но, додека за енергетската ефикасност можеби и може да се полемизира на експертско ниво, аргументот за адаптација на зградата за да се вклопи со изгледот на околните згради, не остава простор за дебата.

Зградата на градежната компанија „Пелагонија“ спроти онаа на ЕВН и ЕЛЕМ е следната на ред за преслекување. Нејзината нова фасада ќе ја платат сегашниот сопственик, компанијата „Др Пановски“ и Град Скопје | Фото: Г.Ризаов

Според планираниот буџет на Градот и идната година 420 милиони денари од парите кои како даноци се слеваат во градската каса, ќе се трошат за скап „фејс-лифтинг“ загледан во минатото.

И тоа се само дел од парите. Компаниите сопственици на објектите, како „Др Пановски“ во случајот со „Пелагонија“ и ЕВН Македонија во случајот со зградата на поранешно ЕСМ, исто така плаќаат дел од цената. Покрај енергетската ефикасност, овие компании велат дека ги преслекуваат своите објекти за да бидат адаптирани на околината. Со истата онаа околина која квалитетот го менува со квази барокна шминка. Од готово – вересија.