Регион

Пресудата со која беше осуден, може да му го загрози мандатот на Шешељ

Воислав Шешељ дава изјава во Белград. Фото: БИРН

Филип Рудиќ | БИРН | Белград

Адвокати и невладини организации од Србија, го повикаа српскиот парламент да констатира престанок на пратеничкиот мандат на водачот на Српската радикална партија, СРП, Воислав Шешељ, бидејќи судот во Хаг го прогласи за виновен за воени злосторства.

Адвокати и невладини организации од Србија тврдат дека на Шешељ, кого судот во Хаг го осуди на десет години затвор за злосторства против човештвото извршени во Србија, треба да му се одземе мандатот, бидејќи законот наведува дека мандатот престанува, доколку пратеникот со правосилна судска одлука е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Адвокатот, Катарина Голубовиќ, од Комитетот на правници за човекови права, ЈУКОМ, вели дека според законот, мандатот на Шешељ завршува автоматски, и дека релевантната парламентарна комисија за административни прашања мора да го признае овој факт.

„После тоа, извештајот на комисијата треба да се испрати до Собранието, кое носи заклучок (за престанок на мандатот на Шешељ)“, вели Голубовиќ за БИРН.

Српскиот закон јасно кажува дека мандатот на пратениците завршува ако тој или таа е осуден на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Механизмот за меѓународни кривични трибунали (ММКТ) во Хаг, во средата го осуди Шешељ на десет години затвор за поттикнување злосторства со националистички говори, кои за време на војната во 1992 година, ги држел во Војводина.

Сепак, во согласност со законот и деловникот за работа на Собранието, пратеникот лично мора да поднесе оставка до Собранието.

Првиот повик за одземање на мандатот на Шешељ го испрати Младинската иницијатива за човекови права, невладина организација која, меѓу другото, се бори и против учеството на осудените воени злосторници, во јавниот живот на Србија.

„Со оглед дека … сите пресуди на Жалбениот совет на ММКТ се обврзувачки за Србија, на Воислав Шешељ мора да му престане мандатот на народен пратеник“, се вели во соопштението на Младинската иницијатива за човекови права.

Претседателот на Адвокатската комора на Белград, Владимир Гајиќ, изјави дека Шешељ исполнува услови за автоматско разрешување од страна на Собранието и дека парламентарната комисија е должна да го заклучи истото.

„Се разбира, не треба да бидеме наивни, оти законите во Србија важат баш за сите граѓани“, напиша Гајиќ на Твитер.

Голубовиќ предупредува дека не постојат санкции доколку претседателот на парламентарната комисија, Александар Мартиновиќ, не го стави прашањето за мандатот на Шешељ на дневен ред.

И Шешељ и Мартиновиќ не беа достапни за коментар.

Сепак, членовите на СРП веќе ги отфрлија тврдењата дека мандатот на Шешељ треба да заврши.

Пратеникот на оваа партија, Немања Шаровиќ, оцени дека не постои причина на Шешељ да му се одземе мандатот, нудејќи нејасно објаснување.

„Тој е слободен човек и како таков се кандидираше и беше избран за пратеник“, им изјави Шаровиќ на новинарите во парламентот, пренесува новинската агенција Бета.

Од друга страна, претседателката на Извршниот одбор на СРП, Вјерица Радета, на Твитер, ја нарече Младинската иницијатива за човекови права „предавничка“ организација.

Судот во Хаг ја бара Радета поради непочитување на судот, бидејќи таа наводно се обидела да ги поткупи и да ги уцени сведоците на судењето на Шешељ.

Иако Шешељ беше осуден на десет години затвор, тој нема да ја отслужува казната, бидејќи помина 11 години во притворот во Хаг, каде што се најде во 2003 година.