Истражувањa

Пропагандната машинерија на Орбан влезе во Македонија

Во Скопје и во Будимпешта ги истражувавме Унгарците што се поврзуваат со Орбан и коишто вложуваат во македонските медиуми ТВ Алфа, Република и Курир

Пишуваат: Мери Јордановска, Скопје; Мартон Шаргади Наѓи, Будимпешта

Се брануваат македонските медиуми кои по својата уредувачка политика се блиски до ВМРО-ДПМНЕ. Во нив се влева унгарски капитал, се зголемуваат основачките влогови во компаниите, а за помалку од една година, три македонски медиуми добиваат газди од Будимпешта. БИРН и во Македонија и во Унгарија го истражуваше влезот на унгарскиот капитал и мотивите на Унгарците кои се поврзуваат со тамошниот премиер Виктор Орбан да вложуваат во медиуми како што се телевизија Алфа, и веб-порталите Република и Курир.

Кои се Чукиќ и Марков?

Адвокатското друштво „Чукиќ & Марков“ e основано во 2006 година од двајца адвокати – Серјожа Марков и Лазар Чукиќ. Марков во јавноста е познат и како брат на Маја Маркова, судијка во Апелацискиот суд во Скопје и поранешна сопруга на Иво Котевски, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2013 година Марков, со одлука на Владата на ВМРО-ДПМНЕ, беше избран и за почесен конзул на Република Молдавија.

Листата на клиенти на ова адвокатско друштво беше долга и објавена на нивната веб-страна, но подоцна беше отстрането поради ограничувањето издадено од Адвокатската комора. На листата на клиенти се наоѓаа Стопанска банка, Македонски телеком, ЕВН, фирмата за обезбедување СГС, оф-шор компанијата со седиште во Лугано Ексико, Државната лотарија на Македонија и многу други. Преку ова адвокатско друштво одеше купопродажбата на парцелите на плоштадот Македонија од државата на грчкиот бизнисмен Кондоминас, парцели кои подоцна завршија кај рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко.

Серјожа Марков, освен што се јавува како основач на адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, сопственик е на уште пет фирми – „Беверли Хилс Девелопмент“, „ЈМС Инвестмент“, „Фарел Сигарс“, „Бизнис Проперти Инвестмент“ и „Енерџи Еко Трејд Македонија“.

Истражувањето покажа дека адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“ се јавува како полномошник на двете унгарски фирми кои неодамна влегоа на македонската медиумска сцена. Станува збор за фирмите „Таргет Медиа“ ДООЕЛ чиј газда е Петар Шац од Будимпешта кој минатата година влезе во сопственичката структура на телевизијата „Алфа“ и „Адинамик Медиа“ ДООЕЛ, чија сопственичка Агнеш Адамик од Унгарија во последниов месец стана дел од сопствеништвото на порталите „Курир“ и „Република“.

БИРН изврши увид во Централниот регистар за овие две фирми со унгарски капитал кои стануваат дел од сопствеништвото на три медиуми чија уредувачка политика е блиска до сега опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Двете фирми, според официјалните документи, имаат еден заеднички именител – адвокатската канцеларија „Чукиќ и Марков“ која е ополномоштена од двајцата Унгарци во нивно име да ги потпишува и заверува сите документи кои се потребни во постапките за основање на фирмите. 

Иако „Чукиќ и Марков“ биле ополномоштени да ги заверуваат документите, од Фејсбук профилот на Адамик може да се види дека таа доаѓала во Македонија, за што сведочи и нејзина фотографија објавена во септември 2017 година кај Стариот театар од проектот „Скопје 2014“.  

Фирмата на унгарската државјанка Агнеш Адамик кон крајот на април годинава стана сопственик на порталот „Република“, а една недела подоцна влезе и во сопствеништвото на „Курир” откако адвокатското друштво ја средува целосната документација за упис во регистарот. Адресата која што се води како седиште на фирмата на Адамик, пак, води кон телевизијата „Нова“ на бизнисменот Сеад Кочан, која во моментов се соочува со финансиски проблеми, а отворена беше и претстечајна постапка.

Првичниот основен влог на фирмата е 5 илјади евра, но на 11 април годинава, Адамик уплатува уште 175 илјади евра, со што основната главнина на фирмата достигнува 180.000 евра. По зголемувањето на основачкиот влог, фирмата на Адамик влегува во сопственичката структура на „Република“ и „Курир“. Освен што се зголемува влогот на унгарската фирма, се зголемува и основачкиот влог на „Република“ – кон крајот на минатиот месец влогот расте од 5 илјади на 41.800 евра.

За разлика од фирмата Адинамик медиа, другата унгарска фирма која е дел од сопствеништвото на телевизијата Алфа, „Таргет Медиа“ е формирана со основачки влог од 5 илјади евра, кој засега останува непроменет.

Двајцата Унгарци кои влегуваат во македонските медиуми се блиски до партијата на Орбан

Агнеш Адамик во Скопје

Како што фирмите во Македонија ги поврзува адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“, така и двајцата Унгарци кои влегуваат во земјава со свој капитал ги поврзува една работа – државната агенција МТВА. Во јавниот сервис тие се инволвирани и пред доаѓањето на Виктор Орбан на власт, но и по неговото доаѓање во 2010 година, кога тие добиваат повисоки функции.

За да се долови прецизно нивната улога во процесот на реконструкција на јавниот сервис, првично би објасниле како функционираат унгарските медиуми, кои наликуваат на македонската медиумска пропагандна машинерија која што беше создадена за време на владеењето на Никола Груевски.

Па така, од унгарските медиуми со државен капитал, постојат телевизиските канали МТВ1 (М1), М2 и Дуна. Кога Виктор Орбан и неговата партија, Фидес, доаѓа на власт пред 8 години, голем број вработени остануваат без работа, па дури и средно-класниот менаџмент во речиси сите министерства, агенции и компании со државен капитал, а речиси 20.000 нови луѓе влегуваат во институциите и иницираат големи внатрешни промени.

Јавниот сервис е еден од оние сектори кој поминува низ целосна промена. Сите јавни медиуми, кои претходно биле различни ентитети, се соединуваат во еден, МТВА. Должност на МТВА е да ги решава прашањата поврзани со менаџментот, платите и финансиските конструкции на медиумската империја на јавните сервиси. 

Некои од вработените во националните медиуми, остануваат на своите работни места – дел од нив од претходно имале релации со Фидес, па така успеваат да ги задржат позициите.

Шац и Адамик се двајцата менаџери на средно ниво, кои биле оставени на функциите, па дури и промовирани од страна на партијата на Орбан.

Петар Шац

Па така, Агнеш Адамик во еден период е асистент директор за економија на националниот ТВ канал МТВ, сега М1. Пред доаѓањето на Орбан, таа го менаџира селењето на МТВ во ново седиште, нешто што во тој период претставува голем проект.

Раководството на Фидес подоцна ја унапредува и таа почнува да ја води канцеларијата за стратешка интеграција на МТВА. Ова значи дека таа била задолжена да го менаџира целото реструктуирање на јавните медиуми кои спаѓале под МТВА. Според објавите во медиумите, околу 2011-2012 година, Адамик  била задолжена за сите операции и одредени стратегии на МТВА.

Шац, пак, работел во Директоратот за бизнис и развој во МТВ. По 2011 година, тој бил назначен за Директор на продажниот сектор на МТВА, задолжен за маркетинг, промоција, продажба, но и за продуцентскиот дел, нешто за што тој говори во интервју објавено во 2011 година. 

Во еден момент, во 2012 година, од непознати причини, и Адамик и Шац го напуштаат јавниот сектор.

Пропагандата на Орбан се шири и во Словенија

Неколку години откако Шац го напушта јавниот сервис, тој повторно се инволвира во бизнисот со медиуми, но овојпат со приватните. Истото го прави и Адамик, која во 2012 ја основа фирмата „Динамика“, но барем според финансиските извештаи, фирмата не остварува значителни финансиски резултати.

Шац, пак, е основач на четири фирми во Унгарија – Рипост Медиа, Нувел Медиа, Мозго Мози и Целје Бт, сите поврзани со медиумскиот бизнис. Но, една од овие компании посебно се издвојува – Рипост Медиа е издавач на еден најтаблоидните и најпрофитабилните медиуми што се појавува на унгарскиот медиумски пазар, Рипост, кој е веб-портал и политички таблоид.

Компанијата е основана во 2015 од страна на Шац и Миклош Омолнар. Во овој таблоид кој е близок до политиките на Виктор Орбан, на пример, на една од насловните страни се тврди дека логото на политичкиот опонент на Фидес, Јоббик, има скриен исламистички симбол.

Насловна страна на „Рипост“

Фирмите на Шац не работат со голем профит, но во 2017 година посебно се истакнува Рипост, кој, според пишувањата на медиумите заработува дури 2,1 милиони евра од државни реклами.

Преку Рипост Медиа, Шац има удел и во Нувел Медиа, компанија која издава друг веб портал кој е близок до Фидес и до Виктор Орбан, Фактор.ху.

Петар Шац влегува во сопствеништвото на македонската телевизија „Алфа“ во јули минатата година. На Фејсбук страницата на телевизија Алфа веќе се промовира и порталот Рипост мк, кој нема импресум, а порталот се полни со содржини од октомври минатата година.

Нашето пребарување покажа дека зад овој нов македонски портал стои словенечката фирма „Рипост Залозништво“, чиј сопственик и директор е токму Петар Шац. 

Сето ова се случува во период кога е веќе изградена медиумската империја на партијата на Орбан, која со владини реклами, слично како во времето на Груевски, под своја закрила ги става медиумите. Ова е објаснето и во анализата на познатиот истражувачки новинар од Унгарија, Атила Баторфај, кој дава прецизна слика за состојбата со унгарските медиуми. 

„Владата и самиот премиер изградија сосема нови лојални медиуми и извршија притисок врз критичните или независни медиуми со административни, финансиски и пропагандни техники. Инструментите за притисок се слични на оние со Путин, Русија и со Ердоган, но Орбан ги употребува внимателно и поинаку, маскирајќи ги како т.н. ‘движење на слободниот пазар’ за да ги доведе во заблуда институциите на ЕУ“.

Но, патот на Шац, актуелен газда на телевизија Алфа, очигледно не застанува само во Унгарија. Според пишувањата на медиумите, свои конекции тој има и во Словенија, каде што Рипост има свое претставништво, па преку него влегува во „Нова 24 ТВ“. Оваа телевизија, како што пишуваат унгарските медиуми повикувајќи се на извештаи од  „Репортери без граници“ е пропагандна машинерија на поранешниот премиер Јанез Јанша, кој е голем поддржувач на Орбан. Токму Шац е еден од членовите во одборот на директори на „Нова 24 ТВ“. 

Словенечката „Рипост“ има удели и во фирмата Нова Обзорја д.о.о., која пак го објавува неделникот Демократија, исто така близок до политичката партија СДС на Јанша.

Сето ова, во унгарските медиуми беше пренесено како знак дека Орбан сака да влијае врз медиумите надвор од Унгарија и да ја загрозува независноста на медиумите и во соседните држави.

Петар Шац влегува во сопствеништвото на македонската телевизија „Алфа“ во јули минатата година. На Фејсбук страницата на телевизија Алфа веќе се промовира и порталот Рипост мк, кој нема импресум, а порталот се полни со содржини од октомври минатата година.

Нашето пребарување покажа дека зад овој нов македонски портал стои словенечката фирма „Рипост Залозништво“, чиј сопственик и директор е токму Петар Шац. 

За разлика од Шац, кој поседува медиуми во три држави (Унгарија, Словенија, Македонија), Агнеш Адамик е ново лице од Унгарија кое во последниве месеци се инфилтрира во македонскиот медиумски простор купувајќи ги „Курир“ и „Република“, но судејќи според изјавите на унгарските новинари, станува збор за тандем зад кој се кријат други, повисоки структури.