Регион

Протести за и против наградата што град Загреб му ја додели на Седлар

Собранието на град Загреб, му додели награда на контроверзен режисер на документарен филм за усташкиот концентрационен логор Јасеновац, и покрај тврдењата дека во филмот се минимизираат злосторствата извршени во овој логор, во Втората светска војна.

Jаков Седлар. Фото: Бета

Пишува: Свен Милекиќ, Загреб

Собранието на град Загреб во средата му ја додели наградата на град Загреб – и 4.000 евра – на контроверзниот режисер Јаков Седлар, чиј документарен филм за поранешниот концентрационен логор Јасеновац, предизвика големо незадоволство на еврејската и српската заедници, на левичарите и антифашистите, но, исто така, меѓу другите, и на израелските дипломати.

Тој за оваа награда беше предложен на почетокот на овој месец, од страна на Комитетот за јавни признанија, на чело со градоначалникот Милан Бандиќ.

Еден од членовите на комисијата, ТВ водителот, Романо Болковиќ, изјави дека тој не присуствувал на седницата на комитетот на која бил усвоен предлогот Седлар да биде предложен за наградата, додека други двајца членови, економистот Јосип Тица и експертот за односи со јавноста, Александра Колариќ, гласале против.

Другите членови, претседателот на градскиот одбор на ХДЗ, Андрија Микулиќ, градоначалникот Бандиќ, Ана Стављениќ-Рукавина, Јелена Павичиќ-Вукичевиќ, Јосиф Петрач и Роберт Балиќ, гласале за.

До спорот околу наградата што му е доделена на Седлар дојде поради неговиот документарец „Јасеновац – вистината“, во кој се зборува за логорот Јасеновац, кој го водело профашистичкото усташко движење. Се верува дека во него биле убиени повеќе од 83.000 Срби, Евреи, Роми и антифашисти.

Антифашистичката лига на Република Хрватска, го обвини Седлар дека ги минимизира злосторствата извршени во овој логор, и во јули минатата година против него поднесе кривична пријава поради „јавно поттикнување на насилство и омраза“.

Оваа организација тврди дека Седлар, со својот филм, ги целел етничките и верски малцинства во Хрватска, особено Србите.

Филмот побуди негативни реакции кај хрватските Евреи, по неговото премиерно прикажување во Загреб, во април минатата година. Амбасадорката на Израел во Хрватска, Зина Калај Клајтман, упати отвореното писмо во кое нагласи дека филмот „се обидува да ревидира многу историски факти и ги навредува чувствата на луѓето кои ги изгубиле своите најблиски во Јасеновац“.

Новинарот Лоренс Крниќ докажа дека Седлар во својот филм користел фотомонтажа на насловната страница на хрватскиот весник „Вјесник“ од 1945 година, во обид да покаже дека комунистите, кои истата година ја презедоа власта, ги фалсификувале фактите за Јасеновац.

Пред добивањето на наградата, во средата, пред Градското собрание, протестираа две помали ривалски групи. Едната против одлуката за доделување на наградата на Седлар, а другата во знак на поддршка.

„Веруваме дека Јаков Седлар ја фалсификува вистината и дека не заслужува награда“, рече во име на групата која протестираше против наградата, Рада Бориќ, активист за човекови права и заменик претседател на движењето „Нова левица“.

Наспроти нив, Зорица Грегуриќ, од Здружението на хрватски бранители на Татковинската војна 91, изјави дека нејзината група дошла за да му даде поддршка на „реномираниот хрватски режисер“.

„Тој храбро се фати во коштец со оваа тема и навистина објективно ја прикажува состојбата, поткрепувајќи го прикажаното со документација и факти“, рече Грегуриќ.

Претставници на еврејската и на српската заедница, како и на Антифашистичката лига, во вторник испратија отворено писмо до Градското собрание, барајќи од пратениците да одбијат да му ја доделат наградата на Седлар.

Во писмото тие истакнуваат дека во филмот, Јасеновац е прикажан како работен логор и дека во него „се минимизираат и обезвреднуваат жртвите во Јасеновац, се негира холокаустот и геноцидот, извршени од страна на усташкиот режим“.

Отворено писмо до Градското собрание упати и првиот ловец на нацисти од центарот „Симон Визентал“, Ефраим Зуроф, во кое истакнува дека филмот се обидува да ја „смени историјата на Независната Држава Хрватска, НДХ, и да го негира степенот на ужасните злосторства извршени во концентрациониот логор Јасеновац“.

„Неговиот обид да го смали бројот на невини Срби, Евреи, Цигани и хрватски антифашисти, кои беа убиени од страна на усташите во Јасеновац, е навреда за жртвите и причина за остра критика, а не награда на градот Загреб“, се вели во писмото на Зуроф.

Седлар во вторникот, исто така, испрати отворено писмо, во кое вели дека тој никогаш не минимизирал ничии злосторства.

„Никогаш, ниту во еден свој филм или јавен настап, не сум поттикнувал на омраза, никогаш не сум се обидел да сокријам некое или нечие злосторство, никогаш, со ниту една мисла, не сум рекол ништо позитивно за фашизмот. Фашизмот (како и комунизмот) се зла кои само болен човек може да ги поддржи и промовира“, се вели во одговорот на Седлар.

Нагласува дека само сакал да поттикне дискусија и да ги допре, како што вели, обвиненијата на комунистите, кои го стигматизирале хрватскиот народ, преувеличувајќи го бројот на починати во логорот. Тoj потенцира дека Јасеновац функционирал и по 1945 година, како логор на смртта, кој го воделе комунистите, што е генерално дискутабилно тврдење.

„Фашистите во иднина ќе се појавуваат од редовите на антифашистите“, заклучува Седлар во своето писмо, тврдејќи дека оваа реченица ја кажал британскиот премиер од Втората светска војна, Винстон Черчил. Сепак, здружението „Винстон Черчил“, кое е одговорно за чување на неговото наследство, негираше дека ова се зборови на Черчил.

Текстот е објавен и на „Балканска Транзициска правда“