Вести

Протестите влегуваат во четвртата недела

По велигденските и по првомајските празници граѓанската иницијатива #Протестирам најавува нови собири во Скопје, традиционално во 18 часот пред зградата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и во уште неколку градови низ Македонија.

Продолжува Шарената револуција | Фото: Ванчо Џамбаски

Продолжува Шарената револуција | Фото: Ванчо Џамбаски

Влегуваме во четвртата недела на протестите што ги предизвика претседателот Ѓорге Иванов со неговата одлука да аболира 56 политичари и лица блиски до нив, а најава за уште една седмица на улиците беше вчерашниот првомајски протест кој го поддржаа и активистите на #Протестирам.

Главните барања на демонстрантите се упатени кон претседателот Ѓорге Иванов, да ја повлече одлуката за аболиција и да даде оставка.

12920524_1769400349945653_3979111660030698069_n

Покрај во Скопје, денеска ќе се протестира и во Струмица, каде зборното место е во 19 часот на локацијата позната како Старата полиција, а за прв пат револтот од одлуката на Иванов ќе ја искажат и гевгеличани. Собирот во Гевгелија е закажан за утре во 19 часот и 30 минути кај Пензионерскиот дом. Утре граѓаните ќе се собираат и во Штип, пред Основниот суд во 18 часот, а пред истата институција е закажан протест и во Тетово за 19 часот.

Еден од лидерите на партијата Левица, Здравко Савески, негов сопартиец и уште неколку демонстранти сѐ уште се во домашен притвор, под сомнеж дека учествувале во толпа.

Минатата недела им беше продолжена мерката на уште 30 дена, откако веќе поминаа осум дена во своите домови.

За денеска е закажано и судењето на двајца демонстранти Н.А. (30) и Ф.Н. (30) кои, како што објави МВР, на 14 април учествувале во групата што ја оштетила Народната канцеларија на претседателот, изнесувала инвентар оттаму и палела.

Пред македонскиот конзулат во Торонто, Канада вчера протестираа седумдесетина Македонци, додека претходниот ден помала група иселеници се појавија пред македонската амбасада во Прага, Чешка, додека претходно имаше протести собири на дијаспората во Лондон, Амстердам и во Хаг.

По Скопје излегуваат и граѓаните низ цела Македонија | Фото: Роберт Атанасовски

По Скопје излегуваат и граѓаните низ цела Македонија | Фото: Роберт Атанасовски

И додека стартува новиот бран на политичко незадоволство по улиците, политичките партии беа мирни за време на празниците. Минатата недела се појави информација дека еврокомесарот Јоханес Хан се обратил со писмо до четворицата лидери во Македонија и дека наводно побарал дијалог, пречистен избирачки список и реформа на медиумите, меѓутоа вчера неговата портпаролка Маја Коцијанчич демантираше дека постои писмо. Сепак, вчера и денеска стигнуваат информации дека амбасадорот на ЕУ во Македонија, Аиво Орав им се обратил до партиите со агенда многу слична на онаа која му се препишуваше на Хан.

Единствено ДУИ, преку портпаролот Бујар Османи најави дека ќе ги „ги разгледува нејзините политики во правец на заштита на интересите на Албанците во Македонија “ доколку не се договорат партиите на Македонците. Се очекува од денеска, по изборите ДУИ да го каже својот став околу датумот за изборите, 5. јуни.