Репортажи

Речица е мала за големо казино

Низ главните улици на Тетово често се среќаваат објекти за игри на среќа | Фото: БИРН

Нагип Мемети го затворил својот дуќан за техничка стока околу пладне, го зел својот син Ерди и заедно дошле на протестот против отворањето ново казино во Мала Речица во Тетово.

„Не размислував многу кога го видов повикот и веднаш решив дека треба да дојдам. Ова ми е поважно, се работи за неговата иднина и за иднината на сите деца, да не застранат по лоши патишта“, ни рече тој.

Невообичаена комбинација од студенти, професори, спортски друштва, културно-уметнички здруженија, еколошки организации и исламски теолози, поддржани од опозицијата и разбрани од власта, се претстави како организациски одбор на протестот против казиното на кој се собраа неколку стотини луѓе. Но пораката им е единствена – не протестираат против едно казино во една тетовска населба, туку за да се преуреди оваа област во цела Македонија.

„Ова е прв случај кога заедно сме собрани сите граѓани, и студентите, и родителите, и децата, да го кренеме гласот. Сите треба да го видат ова и да не поддржат. Не смееме да дозволиме децата да ни завршат на улица. Казината се вовед и во други девијантни појави“, додаде Нагип Мемети и побрза повторно да го отвори дуќанот, сепак беше работен ден.

Делови од градот како „Лас Тетовегас“

Студенти, професори, теолози, активисти и граѓани се собраа на протестот во Мала Речица | Фото: БИРН

Низ светот постоеле примери во кои отворањето казина се ограничувало во туристички области, во рамките на поголеми хотели, или се воведувале други правила за коцкањето да биде што понедостапно за работничките семејства, за да не ги продлабочува социјалните проблеми. Експанзијата на автомат-клубови во Македонија (на кои најчесто пишува „казино“) предизвикува коментари дека коцкањето станало подостапно и од бурекот, бидејќи и пекарниците понекогаш затвораат, а коцкарниците, кои се наоѓаат веднаш до нив, работат по 24 часа.

На интернет-страницата на Министерството за финансии се објавени лиценците за организирање игри на среќа за 36 автомат-клубови низ земјава.Меѓу најголемите играчи на овој пазар во Македонија се компаниите „Мастербет“, „Апекс“, „Сенатор“, „Ма Гаминг“ и други, повеќето во сопственост на компании од Австрија.  За шестгодишна лиценца за автомат-клуб се плаќа 78.750 евра, а за казино 600.000 евра. Се плаќа посебно за секој отворен објект. Условите за добивање лиценца се многу повеќе поврзани со регуларноста во работењето на компанијата-барател (потекло на парите, потврда за редовна исплата на платите, доказ за техничката исправност на апаратите) отколку со локацијата каде што се отвора нов клуб. Тие се вообичаени на приземјата од станбените згради.

„Се работи за неговата иднина и затоа морав да дојдам“, Нагип Мемети со синот Ерди пред спорниот објект| Фото: БИРН

Шест лиценци се издадени во изминативе 12 месеци, од кои една во Тетово, но не за објектот пред кој се протестираше. Тој се уште ги нема добиено потребните документи и затоа градоначалничката Теута Арифи бара да се преиспита постапката.

Делови од градот навистина личат на „Лас Тетовегас“, како што гласеше еден од транспарентите истакнат на протестот. Особено на главната улица Маршал Тито и на улицата Илинденска.Карактеристично е за овие објекти да вложуваат многу труд и пари за да бидат видени. Фасадите со силни бои и со неонски реклами ги мамат погледите на  минувачите. Ги „хипнотизираат“ младите со шаренилото и со музиката, како што рече универзитетскиот професор по психологија Љуљзим Муртезани.

„Затоа мораме да кажеме стоп за оваа епидемија од казината“, порача тој на протестот, бурно поздравен од присутните.

Во организацијата е вклучена и тетовската еколошка организација „Еко герила“, која овојпат ја замени борбата против загадувањето на воздухот со борба против „загадувањето на општеството“.

„Ова не треба да остане само на Тетово. Ние се залагаме за цела Македонија да го следи овој пример“, ни изјави Аријанит Џафери од „Еко герила“.

Објектот пред кој се протестираше го предизвикал револтот на локалните жители и поради тоа што се наоѓа блиску до средното медицинско и  средното земјоделско училиште во градот, како и до Државниот тетовски универзитет.

Казина на три километри надвор од градовите

Казината се рак за општеството, порачаа демонстрантите | Фото: БИРН

Иако имаше организирани доаѓања од Гостивар, па дури и од Куманово, за поддршка на протестот во Тетово, сепак посетеноста беше далеку под 50-те илјади луѓе најавувани од организаторите. Сепак, на аголот меѓу улиците Илинденска и 164, каде што се наоѓа спорниот објект, имаше повеќе од доволно луѓе за локалните политичари да се обидат да го искористат моментот.

Локалните ограноци на БЕСА на Африм Гаши, како и на Алијансата за Албанците, ги поддржаа протестите и барањата истакнати на нив. Градоначалничката Теута Арифи се појави меѓу демонстрантите, ветувајќи дека ќе стори се што може за да не се отвори ова казино, но дека општината има ограничени овластувања.

„Имавме редовни средби со граѓаните што ја почнаа оваа иницијатива и тие имаат поднесено и петиција до нас. Го проверивме објектот и заклучивме дека ги има сите градежни документи, но нема дозвола за дејноста. Сепак нашите инспектори не се надлежни да направат нешто во врска со тоа“, им порача Арифи на присутните.

Бидејќи во процедура се измени на Законот за игри на среќа, на седница на советот на општина Тетово беа донесени заклучоци со кои се бара локалната самоуправа да има повеќе надлежности во оваа област. Меѓу другото, се предлага минималната оддалеченост на објектите за игри на среќа да се зголеми на 300 метри од училиштата, а тие да не се отвораат ниту во центрите на градовите, како и околу градинки, универзитети, болници, културни институции, државни институции и верски објекти, за, како што се вели, да не го нарушуваат нормалното функционирање на овие установи.

Градоначалничката Арифи вети поддршка за иницијативата | Фото: БИРН

Организаторите на протестите се уште поамбициозни – бараат да нема коцкарници на најмалку три километри од населените места, а и тие што се отворени да се оддалечат надвор од градот. Овие барања ги поднеле до министерствата за економија и за финансии, МВР, УЈП и до општината.

„Бараме институциите веднаш да ја спречат оваа девијантна појава во нашето општество. Во спротивно ќе продолжиме со протестите и нема да дозволиме казината како рак на нашиот град да продолжат да се појавуваат секојдневно“, порача од говорницата Јуши Емурлаи од организацискиот одбор.

Побаравме одговор од повеќе компании што имаат објекти за игри на среќа во Тетово во врска со протестот во градот и со протестните барања. Добивме само од две – дека засега немаат коментар.