Актуелно

Референдумот неуспешен, нови најави за спас на ГТЦ

Непрочистениот избирачки список, недоволната подготвеност на опозицијата, недостигот од демократска атмосфера и уште многу други причини се вртат во јавноста и меѓу познавачите за денешниот неуспешен референдум за ГТЦ.

За референдумот да биде успешен, „ЗА“ задржување на автентичниот изглед за ГТЦ на гласање требаше да излезат околу 22.000 граѓани | Фото: Роберт Атанасовски

За референдумот да биде успешен, „ЗА“ задржување на автентичниот изглед за ГТЦ на гласање требаше да излезат околу 22.000 граѓани | Фото: Роберт Атанасовски

Последните информации од Државната изборна комисија (ДИК) се дека излезноста на референдумот за ГТЦ до 18 часот била 36, 29 отсто, од обработени 72 од вкупно 78 избирачки места.

За референдумот да биде успешен, „ЗА“ задржување на автентичниот изглед за ГТЦ на гласање требаше да излезат околу 22.000 граѓани (над 50 отсто), од вкупно запишаните 43.560 граѓани во општина Центар. Половина од излезените гласачи, пак, требаше да се изјаснат потврдно на поставеното прашање.

Да имавме реален избирачки список излезноста ќе беше повеќе од 60 проценти“, изјави Жерновски | Фото: Роберт Атанасовски

Да имавме реален избирачки список излезноста ќе беше повеќе од 60 проценти“, изјави Жерновски | Фото: Роберт Атанасовски

Процентот од 51 отсто не беше постигнат, а според неофицијалните податоци што ги соопшти градоначалникот на Центар Андреј Жерновски, излезноста била околу 40 проценти. Сепак, како што рече тој, борбата за ГТЦ нема да застане тука.

„Над 95 отсто од излезените граѓани гласале за зачувување на автентичноста на ГТЦ и дека барокот не поминува. Оваа порака која граѓаните денеска ја испратија кажува само едно – автентичноста на ГТЦ не смее никој да се осмели да ја наруши. ГТЦ освои најмногу гласови во историјата, повеќе од било која политичка партија до сега на избори во општина Центар. Да имавме реален избирачки список излезноста ќе беше повеќе од 60 проценти“, изјави тој.

Непрочистениот избирачки список, недоволната подготвеност на опозицијата, недостигот од демократска атмосфера и уште многу други причини се вртат во јавноста и меѓу познавачите за денешниот неуспешен референдум за ГТЦ | Фото: Роберт Атанасовски

Непрочистениот избирачки список, недоволната подготвеност на опозицијата, недостигот од демократска атмосфера и уште многу други причини се вртат во јавноста и меѓу познавачите за денешниот неуспешен референдум за ГТЦ | Фото: Роберт Атанасовски

Новинарот и уредник на „Слободен печат“ Бранко Героски, во својата колумна за „Плусинфо“ пишува дека невозможно било да се очекува успешност на референдумот, со оглед на тоа што опозицијата никогаш досега не успеала да ја достигне бројката од 22.000 излезени гласачи.

„Жерновски е избран со околу 15.000 гласови. Околу 16.500 гласови од Центар освои Стево Пендаровски на претседателските избори. Во 2011 година, СДСМ освои 14.380 гласови на изборите. Значи, објективно, потенцијалот на СДСМ во Центар (победнички Центар!) е до 17.000 гласови. Тоа е далеку од потребните 22.000 гласови“, пишува тој.

Констатирани неправилности за време на гласањето

Невладините организации кои го следеа спроведувањето на референдумот, констатираа безброј неправилности – исклучување на лифтови, преместување на граѓаните на различни избирачки места, лица избришани од избирачкиот список…

Хелсиншкиот комитет констатираше дека на изборно место во основното училиште „Коле Неделковски“, член на изборната комисија забележал 5 лица со лични карти и адреса на живеење на ул. „Ѓуро Ѓаковиќ“ бр.52.

Невладините организации кои го следеа спроведувањето на референдумот констатираа безброј неправилности | Фото: Роберт Атанасовски

„Членот на изборната комисија потврди дека е сигурен дека се работи за станбен објект во рана фаза на изградба со што се отвора сомнение за можни фалсификувани лични карти“, изјавија од Хелсиншкиот комитет.

Со слични забелешки излезе и невладината „Цивил“ која учествуваше со стотина набљудувачи на референдумот. Од „Цивил“ известија дека техничко лице вработено во училиштето „Димитар Миладинов“, придружено од пратеничка од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, оди по станови и се претставува како архитект и ги дезинформира гласачите дека референдумот нема да се одржи.

Од „Цивил“ забележаа и групирање на партиски активисти во близина на гласачките места кои „имаат очигледна функција да ја контролираат ситуацијата и да спречуваат излезност на гласачите“. Претедателот на „Цивил“ Џабир Дерала изјави и дека јавниот сервис, а и дел од приватните телевизии, не известувале за референдумот.

„Со разочарување можеме да констатираме дека огромен дел од приватните медиуми кои се под контрола на власта, целосно го игнорираа референдумот. Ако тоа и може да се објасни со ставот на власта, кој е негативен во однос на овој референдум и неговото спроведување, начинот на кој МРТ го бојкотира референдумот е целосно неприфатлив“, рече тој.

„Со разочарување можеме да констатираме дека огромен дел од приватните медиуми кои се под контрола на власта, целосно го игнорираа референдумот, изјави Џабир Дерала од „Цивил“ |Фото: Роберт Атанасовски

По завршувањето на гласањето, со реакција се јави владејачката ВМРО-ДПМНЕ од каде што велат дека не вршеле никаков притисок за тоа кој да излезе на референдум, а кој не.

„Тоа оставивме сами да го одлучат сите граѓани, и оние кои се членови на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, на било која партија или воопшто не се членови на партии. Фактот дека опозицијата има свое најсилно упориште токму во општина Центар и фактот дека наметнаа референдум за прашање за кое многу граѓани изградија став без разлика на својата партиска припадност, неуспехот на овој референдум е силна и јасна порака од граѓаните дека нема да дадат поддршка на сценарија и политичка злоупотреба која нема никаква конкретна позитивна цел за самите граѓани“, рече Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ.

„Нема да застанеме тука, битката за ГТЦ продолжува“

Од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ која во последниот период организираше безброј активности со цел да се промовираат причините зошто Градскиот трговски центар не треба да добие „барокно руво“ велат дека и понатаму ќе ги продолжат активностите.

Граѓаните пред неколку дена го гушкаа ГТЦ | Фото: Роберт Атанасовски

Граѓаните пред неколку дена го гушкаа ГТЦ | Фото: Роберт Атанасовски

„Бројката на гласачи што излезе на референдумот и се изјасни ЗА задржување на автентичниот изглед на ГТЦ не смее да се игнорира. Таа бројка нас ни влева оптимизам, ни покажа дека на граѓаните им е важно“, вели архитектката Даница Павловска од граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“.

Таа вели дека активностите за спас на ГТЦ ќе продолжат и ќе се бара објектот да биде прогласен за културно наследство.

Студентите по архитектура образложуваа зошто ГТЦ треба да го задржи автентичниот изглед | Фото: Роберт Атанасовски

Студентите по архитектура образложуваа зошто ГТЦ треба да го задржи автентичниот изглед | Фото: Роберт Атанасовски

Сличен став има и граѓанскиот активист и колумнист Џељо Хоџиќ кој вели дека во „неуспешниот референдум може да се види морална победа“.

„Огромен број граѓани од Центар јасно кажаа дека сакаат да го зачуваат ГТЦ во својата автентична форма. Моралната победа може да се потенцира и со објаснувањето на условите во кои се спроведе референдумот, од непрочистениот избирачки список од гласачи од Пустец и од оние кои со години не живеат во Македонија, а кои на овој референдум беа причина за цензусот да биде повисок“, вели Хоџиќ и додава дека ова не смее да биде причина опозицијата да не си ги признае грешките во пресметките и треба да извлече поука за следните битки.