Истражувањa

Сакај го ближниот свој: Црквата и бегалците

Свештениците од Балканот се меѓу оние кои им помагаат на илјадници кои пристигнуваат на бреговите на Европа – иако некои од нивните колеги стравуваат од доаѓањето на голем број муслимани

Костас Кукумакас | Солун, Атина, Лезбос, Белград и Суботица

Отец Стратис Диму, грчки православен свештеник на островот Лезбос, во добротворната организација што ја основа за да им помогне на бегалците и емигрантите. Фото: Костас Кукумакас

Отец Стратис Диму, грчки православен свештеник на островот Лезбос, во добротворната организација што ја основа за да им помогне на бегалците и емигрантите. Фото: Костас Кукумакас

Околу 6 часот наутро на 1 јуни 2015 година, одекнува звук од мал мотор низ мирното море до една плажа на грчкиот остров Лезбос. Наскоро се појавува гумен чамец што носи 20 луѓе.

Како што бродот се приближува до плажата Ефталу на северната страна од островот, патниците креваат раце кон небото и извикуваат „Алах акбар!” („Бог е најголем!” на арапски).

Во рок од еден час, два други чамци допловуваат до плажата. Поголемиот дел од патниците на чамците се од Сирија, Авганистан и други африкански земји. Преминот од околу 10 километри од турскиот брег била последната фаза на долгото патување. За првпат, тие зачекоруваат на европска почва.

Околу 25 километри во селото Керами Калонис, еден 57-годишен грчки православен свештеник по име Стратис Диму, висок човек со блескави сини очи, по телефон дозна за новите пристигнувања.

Отец Стратис веднаш го напушта својот дом во малата зграда во која е сместена „Агкалиа” (што на грчки јазик значи „прегратка”), добротворната организација што ја основал во 2009 година за да им помогне на бегалците и емигрантите. Подготвил сендвичи и извадил шишиња вода за најновите дојденци, кои пеш ќе стигнат во селото до пладне. Бидејќи илегално влегуваат во Грција, грчкиот закон им забранува на локалните жители да ги превезуваат.

Отец Стратис, кој носи маска за кислород за да се справи со тешкотиите при дишењето, ми вели дека добротворната организација разделила над 60 тони храна донирана од страна на локалните жители и им помогнала на повеќе од 10000 емигранти и бегалци.

„Неодамна три жени пристигнаа во селото, две од нив беа бремени. Трите го имаа загубено контактот со своите сопрузи и нивните деца. Презедовме акција и ги обединивме семејствата”, вели тој.

„Тогаш еден од сопрузите застана пред мене и ме бакна. Љубовта не познава религија. Свети Павле има напишано во Посланието до Коринтјаните: ’Да зборувам на сите човечки јазици, па дури и на ангелски, штом љубов немам, ќе бидам бакар, што ѕвони, или чембало, што ѕвечи’“.

Луѓе од Сирија, Авганистан и други земји пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос на 1 јуни 2015 година. Фото: Костас Кукумакас

Луѓе од Сирија, Авганистан и други земји пристигнуваат на грчкиот остров Лезбос на 1 јуни 2015 година. Фото: Костас Кукумакас

Сцени како онаа на плажа Ефталу се повториле безброј пати во последниве неколку месеци на грчките острови, додека Европа се соочува со својата најголема бегалска криза во последниве децении.

Во текот на годинава, околу 800.000 бегалци и емигранти пристигнале во Грција од Турција по морски пат. Во текот на целата 2014 година, пристигнале само 43.500 лица. Според Агенцијата за бегалци на ОН, повеќе од 3.600 луѓе загинале или се водат за исчезнати, откако се обиделе да стигнат до Европа по морски пат оваа година.

Во поголемиот дел од Европа, христијанските цркви и добротворните организации се активно вклучени во напорите за помош на бегалците и емигрантите. Но, во Грција, Православната црква не игра толку голема улога, а некои свештеници дури и сугерирале дека муслиманските емигранти претставуваат опасност за земјата.

Сепак, и други свештеници го имаат истиот став како и отецот Стратис, кој почина од рак на белите дробови на 2 септември 2015. Тој почина на истиот ден како Ајлан Курди, тригодишното сириско момче чија смрт беше глобален симбол на трагедијата на бегалците, откако сликите од неговото тело исфрлено на брегот на турската плажа беа објавени низ целиот свет.

Овие свештеници сметаат дека е дел од нивната христијанска мисија да им помогнат на оние кои пристигнуваат од воени подрачја на Блискиот Исток и Јужна Азија и од сиромашните земји во Африка.

Монахот и бегалците

Отец Хрисостомус Хаџиниколау, 41, е монах, кој живее во монашката заедница на планината Атос во Северна Грција. Монасите кои живеат таму се сметаат за интровертни и конзервативни, но отецот Хрисостомус формираше необично пријателство со Аминт Фадул, 29-годишен сириски адвокат кој протестирал против претседателот Башар ал-Асад и побегнал од неговата татковина во 2013 стравувајќи за својот живот.

Во мај оваа година во кафуле во Солун, монахот, висок маж во црна одежда со сериозен поглед, и Фадул, облечен во сина јакна, кој повремено си го проверува телефонот, се потсетија на настаните што ги споија.

На почетокот од 2014 година, отец Хрисостомус бил во посета на Агиа Триада (Света Троица) манастир на Хејбелиада, мал остров во близина на Истанбул, кога се сретнал со Фадул, кој исто така е православен христијанин.
Во средината на минатата година, Фадул стапил во контакт со монахот и побарал помош за да се обиде легално да влезе во Грција. Тој не можел да ја обнови визата за да му овозможи да остане во Турција.
Отец Хрисостомус контактирал со грчките власти, но не можело да се најде решение. Во тој момент, Фадул одлучил да го направи она што стотици илјади други го направиле оваа година – да плати посредник, во неговиот случај 1250 евра, за да го внесе во Европа.

Во пресрет на Божиќ, на полноќ на 23 декември 2014 година, тој се качил на гумен чамец во близина на Кушадаси на турскиот брег заедно со 36 други лица од Сирија, Ирак и Камерун и го започнал опасното патување до грчкиот остров Самос. Во еден момент, Фадул ја погледнал мапата на неговиот мобилен телефон и сфатил дека чамецот бил премногу далеку за да стигнат до копното со горивото што го имале.

„Мислев дека ќе се удавиме”, вели Фадул.

Во 02:45, тој испратил текстуална порака до отецот Хрисостомус, барајќи од него да побара спасувачки хеликоптер.

Отец Хрисостомус продолжува со приказната: „Бев во моето село во Лерин, северна Грција. Беше Бадник. Се јавив на еден човек кој го познавав на Самос и тој ми кажа дека не постои начин да се мобилизира хеликоптер или брод за спасување. Исто така, властите би ме прашале како знам за емигрантите и постоеше ризик да ме обвинат за соучесништво во трговијата со луѓе. Не можев да направам ништо друго, освен да се молам”.

Аминт се сеќава: „Во сред ноќ, бродот удри во карпите. Паднавме во водата. Беше темно. Пливав со сета моја сила и конечно стигнав до брегот. Тоа беше чудо”.

Стигнал до Солун и се засолнил во куќа сопственост на отец Хрисостомус. Учи грчки на универзитетот во градот и размислува да побара политички азил за да остане во Грција.

Отец Хрисостомус вели дека би му помогнал на Фадул дури и ако не бил христијанин.

„Свети Павле во Посланието до Галатјаните вели: ’Нема веќе ни Јудејци, ни Елини, ни роб, ни слободен; нема машки пол, ни женски; зашто сите вие сте едно во Христа Исуса’”, велитој.

„Почнуваме да се плашиме од нив“

Очигледно е дека ако христијанските свештеници го следеле убедувањето на Исус „Сакај го ближниот свој како себеси”, тие би им помогнале на бегалците. Но, тоа не е секогаш случај.

Митрополитот Антимос од Солун е еден од свештениците со највисок чин во грчките медиуми. Тој често зборува против емигрантите во неговите проповеди.

Во неговата канцеларија, тој ми раскажа дека муслиманските бегалци претставуваат закана за верските убедувања на Грците.

„За жал, овие денови нема отпор против нападот што се случува, а чија цел е да се намамат верниците да ја напуштат православната вера, – и да бидат егзекутирани, кога тие нема да го направат тоа”, вели тој.

„Дури ни во средниот век не се случувало она што џихадистите го прават овие денови. Кога ќе ни кажат дека има екстремисти меѓу емигрантите, дури тогаш почнуваме да се плашиме од нив”.

Кога го потсетуваме дека Светото Писмо нѐ учи на љубов кон странците, Антимос разоружено одговара: „Токму така! Да ги сакаме, но да не бидеме жртви заедно со нив. Вопараболата за добриот Самарјанин, оној кој го лекувал ранетиот странец, се грижел за неговите повреди, го однел во гостилница, па дури и ја платил сметката. Но, тој не го пуштил во неговиот дом”.

Митрополитот Антимос од Солун зборува против муслиманските доселеници во неговите проповоди. Фото: Александрос Аврамидис

Митрополитот Антимос од Солун зборува против муслиманските доселеници во неговите проповоди. Фото: Александрос Аврамидис

Антимос не е единствениот висок црковен лидер што има такви ставови. Реториката на Митрополитот Серафим од Пиреја е ксенофобична и расистичка. Во мај 2015 година, тој дистрибуираше циркулар до сите цркви во Пиреја, осудувајќи го антирасистичкиот закон што го воведе грчката влада, и одлуката за изградба на џамија во Атина. Серафим не одговори на повеќето барања да даде интервју за овој текст.

Ники Папагеоргиу, вонредна професорка по теологија на универзитетот Аристотел во Солун, вели дека ксенофобичните ставови немаат основа во православната теологија која ја вреднува толеранција. Но, вели таа, Грчката православна црква, често се гледа себеси како чувар на грчката традиција и јазик.

„Некои православни свештеници, како и лица блиски до црквата, сметаат дека грчката нација и православната религија се едно исто. Ова е главната причина зашто црквата е конзервативна институција и луѓето во неа се обично конзервативци кои се плашат од отворање, па дури и ја гледаат технологијата како бауч”, вели Папагеоргиу.

Ангелики Зиака, асистент професор по историја на религиите на истиот универзитет, вели дека свештениците кои се отворено расисти претставуваат само некои од тенденциите во рамките на црквата, но нивните јавно искажани коментари значат дека се „слушаат погласно од оние кои работат во молк, а прават далеку покорисна работа”.

Еден свештеник кој зазеде став против ксенофобијата е 55-годишниот отец Прокопиос Петридис, помошник-епископ во митрополијата Никеа во Атина. До 2009 година, тој бил свештеник во црквата Свети Пантелејмон во атинската населба со исто име, која има голема емигрантска популација Атина.

Оваа област, исто така, е упориште на екстремно десничарската партија „Златна зора“. На крајот на 2007 година, група млади луѓе – за кои подоцна се дознало дека се членови на „Златна зора“ – дошле во црквата и побарале од отец Прокопиос да потпише петиција барајќи протерување на странците од населбата.

„Им одговорив дека како свештеник не можам да направам такво нешто”, вели Петридис, опкружен со домашните мачки во неговиот стан, кој е украсен со многу христијански икони.

Тој го цитира Евангелието според свети Јован: “Нова заповед ви давам: Сакајте се еден со друг. Како што јас ве сакав, мора и вие да се љубите еден со друг”.

Отец Прокопиос Петридис, кој се крена против ксенофобијата, додека служел во црквата Свети Пантелејмон во Атина. Фото: Костас Кукумакас

Отец Прокопиос Петридис, кој се крена против ксенофобијата, додека служел во црквата Свети Пантелејмон во Атина. Фото: Костас Кукумакас

Десничарските екстремисти започнаа жестока кампања против отец Прокопиос. „Започнаа клеветите и вербалните напади. Тие се закануваа дека ќе дојдат на неделната миса да предизвикаат проблеми”, се сеќава тој. „Вербално ме напаѓаа на улица: ’Напуштете го ова место. Вие ги донесовте странците овде’“.

Отец Прокопиос вели дека имал само „премолчена” поддршка од својата архиепископија и немал симпатии од другите свештеници во неговата црква.

„Бев сосема сам, но ја имав поддршката од обичните луѓе”, вели тој.

Засолнување

Грчката православна црква како институција има неколку конкретни проекти за поддршка на бегалците и емигрантите. Но, Харис Конидарис, портпарол на Архиепископијата на Атина, во централната канцеларија на црквата, забележува дека таквите луѓе се меѓу илјадници луѓе кои добиваат помош секој ден од народните кујни во црковните општини низ цела Грција.

Исто така, во јуни оваа година, црквата финансирана од добротворната организација „Апостоли“, заедно со меѓународната мрежа на православните христијански добротворни организации, реновираа еден центар за лицата кои пристигнуваат на островот Хиос. Работниците инсталира тушеви и го модернизираа електричниот систем во центарот, каде се сместени 500 луѓе, иако сместувањето првично било наменето за 110. Тие, исто така дистрибуирале хигиенски и училишни пакети.

Една долгорочна црковна иницијатива да им се помогне на бегалците е засолништето за децата кои пристигнуваат во Грција без придружба на возрасни. Засолништето го води добротворната организација „Апостоли“ во населбата Свети Димитар во Атина. Од неговото отворање во 2011 година, било обезбедено засолниште за 168 малолетници.

Василики Гиамали, социјален работник, која управува со засолништето, објаснува дека зградата припаѓа на локалната црква. Засолништето добива средства од грчката влада и од Архиепископијата на Атина. Повеќето жители одат на училиште со деца од различни култури. Во прифатилиштето, психолози и социјални работници ги учат на своите права и се обидуваат повторно да ги обединат со нивните семејства.
„Во моментов, обезбедуваме засолниште за 19 момчиња, на возраст од 13 до 18 години”, вели таа. „Најголем дел од нив се од Авганистан, Сирија и Пакистан.”
Али Мохамади, Авганистанец во раните дваесетти години кој работи како преведувач, живеел во засолништето две години. Неговиот татко, владин службеник, бил убиен од страна на Талибанците. Мохамади ја напуштил земјата, на возраст од девет години заедно со 10-годишниот брат. Тие живееле скоро шест години во Иран, работејќи во фабрика за мермер, но Мохамади секогаш сонувал да стигне до Европа. Во 2011 година отишол во Турција и се качил на брод за да влезе во Грција преку реката Еврос.
Али Мохамади, Авганистанец кој живеел во засолништето за децата бегалци кои пристигнуваат без придружба на возрасни, управувано од добротворната организација „Апостоли“. Фото: Костас Кукумакас

Али Мохамади, Авганистанец кој живеел во засолништето за децата бегалци кои пристигнуваат без придружба на возрасни, управувано од добротворната организација „Апостоли“. Фото: Костас Кукумакас

Мохамади, висок и слаб со долги шишки што паѓаат врз неговите очи, го фали засолништето и вели дека никој никогаш не извршил притисок врз децата да преминат во христијанството.

„Иако е институција управувана од црквата, никој никогаш не разговараше со нас за христијанството. Ние бевме слободни да одиме и да се молиме во импровизираната џамија во Атина”, вели тој.

Минорна улога за српската црква

Огромното мнозинство бегалци и емигранти кои пристигнуваат во Грција продолжуваат кон Западна Европа, патувајќи низ Македонија и Србија во Унгарија, која е дел од безграничната Шенген зоната на Европската унија.

Повеќе од 155.000 емигранти влегле во Унгарија од Србија во првите осум месеци од оваа година, според граничната единица Фронтекс на ЕУ.

Српскиот главен град Белград стана клучно место за запирање на оваа западно балканска рута, при што илјадници луѓе кампуваат во мали шатори во парковите околу железничката и автобуската станица.

Но, како и во Грција, српската православна црква не прави напори за помош на бегалците и емигрантите. Голем дел од помошта дојде од ад хок коалиција на добротворни организации, бизниси и волонтери.

Како и неговите колеги во Грција, отец Бранислав Јоциќ, помошник-директор на добротворната организација на Архиепископијата во Белград, истакнува дека црквата нуди помош за сиромашните луѓе од различно потекло.

Отец Бранислав Јоциќ, помошник-директор на добротворната организација на Архиепископијата во Белград, во неговата црква во центарот на градот. Фото: Костас Кукумакас

Отец Бранислав Јоциќ, помошник-директор на добротворната организација на Архиепископијата во Белград, во неговата црква во центарот на градот. Фото: Костас Кукумакас

„Секој ден, во црковните кујни раздаваме 1.800 порции храна, не само за емигрантите, туку и за невработените и сиромашните Срби”, вели отец Бранислав.

Тој вели дека Српската православна црква не е доволно богата за да направи повеќе за емигрантите. „Ние не негираме каква било помош, но немаме средства”, вели тој.

Експертите, исто така укажуваат на разликите во традицијата и перспективата за да објаснат зошто православната црква има тенденција да биде помалку вклучена во работата со бегалците и емигрантите отколку, на пример, протестантските цркви и добротворните организации.

„Протестантизмот е поотворен, заради плурализмот во него. Го гледаме тоа во Германија, Англија или нордиските земји. Социјалната работа со која се занимаваат е поорганизирана и одигра активна улога во појавата на современото општество”, вели Ники Папагеоргиу од Универзитетот Аристотел во Солун.

Мартин Дуцман, висок официјален претставник на Евангелистичката црква во Германија, вели дека повикот да им се служи на сиромашните и угнетените бил особено силен во евангелистичкото христијанство. Германските евангелистички цркви, исто така, биле мотивирани од спомените за нацистичката ера, вели тој.

„Во нашата ДНК е да разбереме како функционираат овие нешта и не сакаме да се случи повторно нешто слично. Сметаме дека имаме одговорност да помогнеме”, изјави тој во Солун, за време на посетата на бегалските кампови во Грција и Македонија.

Дуцман, исто така, истакна дека црквите во богатите земји како што е Германија имале повеќе средства на располагање од оние на Балканот.

„Можеме да си дозволи да понудиме помош”, вели тој.

Пастирска грижа

Областа околу градот Суботица, на 160 километри северно од Белград, е последната станица во Србија за луѓето на патот низ Западен Балкан. Таа стана центар на медиумското внимание откако Унгарија изгради ограда долж границата која се наоѓа во близина за да ги запре бегалците и емигрантите да влезат во ЕУ.

Фаридулах, 16-годишен Авганистанец, во напуштена фабрика за тули во Суботица, северна Србија, привремена база за многу бегалци и емигранти со надеж дека ќе преминат во Унгарија. Фото: Костас Кукумакас

Фаридулах, 16-годишен Авганистанец, во напуштена фабрика за тули во Суботица, северна Србија, привремена база за многу бегалци и емигранти со надеж дека ќе преминат во Унгарија. Фото: Костас Кукумакас

Тибор Варга, кој веќе 25 години е протестантски пастор во Суботица, има мисија да им помогне на емигрантите и бегалците. Се сретнавме во една напуштена фабрика за тули надвор од градот, каде што луѓето кампуваат пред да се обидат да ја преминат границата. Варга носеше бејзбол капа и спортска облека.

„Доаѓам во фабриката два, три пати неделно, дури и секој ден ако е потребно. Сакам да разговарам за бегалците и да ги слушнам нивните приказни. Им нудам храна, облека, ќебиња, благодарение на донациите”, вели тој. Волонтери од меѓународната медицинска добротворна организација „Лекари без граници“, исто така, го посетуваат местото.

Разговорот беше прекинат од телефонски повик од еден земјоделец, кој сакаше да донира јајца.

„Мојата иницијатива не е организирана, ниту пак е дел од еден поширок план на државните органи”, објаснува Варга. Тој вели дека не очекува никакви средства од државата за неговите напори.

Тибор Варга, протестантски пастор во северниот српски град Суботица, кој им помага на бегалците и емигрантите. Фото: Костас Кукумакас

Тибор Варга, протестантски пастор во северниот српски град Суботица, кој им помага на бегалците и емигрантите. Фото: Костас Кукумакас

На новинарското прашање дали православните свештеници во областа им помагаат на бегалците, на ист начин, тој ни рече да поразговараме со нив. Но, другите свештеници одбија да зборуваат. Некои велат дека е потребно одобрение од нивниот епископ.

По куса пауза, Варга продолжува: „Исус рече: ’Ако твојот непријател е гладен, нахрани го – ако е жеден, дај му нешто за пиење’. Значи, дури и ако овие луѓе ги сметам за непријатели, моја должност е да им помогнам”.

Кратко време пред да заминам, прашав дали може да го фотографирам Варга во неговата црква во центарот на градот. Тој покажа на старата фабрика и луѓето кои се миеја со вода од бунар.

„Ова е мојата црква”, рече тој.

Оваа статија е изработена како дел од Балканската стипендија за новинарска извонредност, поддржана од ЕРСТЕ Фондацијата и Фондациите Отворено Општество, во соработка со Балканската истражувачка репортерска мрежа. Сторијата е објавена и на страницата на Балканската стипендија за новинарска извонредност на БИРН и на„Гардијан“