Вести

Само 10 отсто од граѓаните се силни демократи

Резултатите од обемната анкета на МЦЕО покажуваат дека македонските граѓани немаат јасна слика за тоа што е демократија. Така, голем дел од нив, или над 71 отсто сметаат дека во една демократија треба да се има силен водач кој нема да биде преокупиран со парламентот или со изборите. Стравот е главна карактеристика кај македонските граѓани. Што пообразовани се, тоа повеќе се плашат

Поддршката за Европската унија во Македонија од над 75% во 2007 година падна на 50% во 2013 година | Фото: МЦЕО

Поддршката за Европската унија во Македонија од над 75% во 2007 година падна на 50% во 2013 година | Фото: МЦЕО

За да постои демократија во Македонија апсолутно неопходно е да има повеќе вработувања. Вакво мислење имаат дури 20 отсто од испитаниците на анкетата на Македонскиот центар за европско образование (МЦЕО).

На едно од прашањата на тема демократија кое гласи „Кои нешта се апсолутно неопходни за да кажете дека во Македонија има демократија?“ испитаниците можеле да одберат два можни одговори. Најголем дел, или 21,6 проценти сметаат дека за да има демократија треба да има „Владеење на правото и постоење институции“.

Потоа, 20 отсто одговориле дека неопходен услов се вработувањата, а 16 отсто за „Слобода на говорот, отсуство на страв, и дебата“. Станува збор за отворено прашање, па како што велат организаторите од МЦЕО, граѓаните можеле сами да пишуваат одговор, а не да заокружуваат од веќе понудените.

Така, 9 проценти одговориле дека неопходен услов за демократија се независните медиуми, 6,9 отсто велат дека тоа е „учеството (да се слуша гласот на граѓаните), исто толку дека е потребна „силна држава и социјална правда“. Индикативно е тоа што два проценти одговориле дека за демократија неопходно е да постои средната класа.

Од МЦЕО при изработката на анкетата користеле материјали од една од најпознатите студии за европски вредности или т.н. European Values Study (ЕВС), која се спроведува на секои седум години. Исто така, го користеле и „Евробарометарот“, кој се спроведува на секои шест месеци во државите членки и кандидатки за ЕУ.

Токму во Студијата за европски вредности (ЕВС) нивото на политичка култура и вредности се мери преку две прашања. Во првото прашање се бара граѓаните да се изјаснат за еден од четири искази: 1. Да се има силен водач кој нема да биде преокупиран со парламентот и со избори. 2. Да се има експерти , а не влада, кои ќе донесуваат одлуки според она што тие сметаат дека е најдобро за земјата. 3. Да се има војска која ќе владее со земјата. 4. Да се има демократски политички систем.

Дури 71 процент од испитаниците сметаат дека е многу добро или главно добро „Да се има силен водач кој нема да биде преокупиран со парламентот и со избори“. Повеќе испитаници се изјасниле за ова прашање на ваков начин само во две земји од Европа – во Романија (85 отсто) и во Молдавија (74 отсто), а веднаш зад Македонија е Белорусија (69 проценти).

Сепак, 93,37 проценти од испитаниците рекле дека е многу добро или главно добро да се има демократски политички систем. Истовремено, една четвртина од испитаниците (24,4%) сметаат дека е добро војската да владее со земјата.

Листа на автократи и демократи во земјите од Европа. Извор: IVS 2008 | Фото: МЦЕО

Листа на автократи и демократи во земјите од Европа. Извор: IVS 2008 | Фото: МЦЕО

Со тоа, резултатите покажуваат дека во Македонија само 10 проценти од граѓаните се силни демократи, а нешто повеќе (10,9 %) се автократи. Исто така, 64 отсто се демократи, а 15 отсто неодредени.

Од МЦЕО велат дека има две објаснувања за ваквите резултати. Првото е дека граѓаните немаат доволно информации и знаење за демократијата, па оттука, нивните ставови се нееманципирани. Второто објаснување вели дека демократијата не треба да се разбере како поим со одредени значења (пример плурализам, човекови права, владеење на правото, поделба на власта), туку како политички идеал без фиксирани значења. Притоа, совршено компатибилно е вреднувањето на демократијата како систем со ставот дека е сосема демократски „лидерот да не биде преокупиран со парламентот и изборите“.

Скалата за односот меѓу демократи и автократи во Европа покажува дека најмногу силни демократи има во Шведска – 61 отсто, , а најмногу автократи има во Русија – 16,4 отсто.

Резултатите покажуваат дека во Македонија
само 10 проценти од граѓаните се силни демократи,
а нешто повеќе (10,9 %) се автократи.
Исто така, 64 отсто се демократи, а 15 отсто
неодредени.

Понатамошните резултати од обемната анкета на МЦЕО покажуваат дека граѓаните на Македонија се плашат да го искажат своето мислење (53%). Што е уште посимптоматично, што повеќе се образовани граѓаните, тоа повеќе се плашат да зборуваат јавно. Така, 67 отсто од оние со високо образование не зборуваат слободно за своето мислење, а 58 отсто од оние со средно образование.

На прашањето зошто се плашат, 80 отсто рекле од последици кон нивното семејство, а мал дел сметаат дека нивното мислење нема да смени ништо или „никогаш не сме имале култура на јавно говорење“.

„Атмосферата на страв е поголема од она што реално го чувствуваат луѓето како страв, значи јас лично кажувам дека сум слободен, меѓутоа мислам дека другите се неслободни“, вели Љупчо Петковски од МЦЕО.

Две третини од граѓаните или 63, 6 отсто сметаат дека се прислушкуваат комуникациите на политичките противници.

Во однос на мислењето на граѓаните за протестите, според Петковски, тие сметаат оти нема спонтани протести, туку луѓето што излегуваат на протести се диригирани, и поради тоа луѓето не сакаат да се бунат.

Истражувањето е спроведено во периодот февруари-март на репрезентативен примерок од 1.194 испитаници.

МЦЕО подготви инфографик за резултатите од анкетата | Фото: МЦЕО

МЦЕО подготви инфографик за резултатите од анкетата | Фото: МЦЕО