Вести

Се бара оставка од министерот Тодоров по смртта на деветгодишната Тамара

Речиси три месеци родителите на деветгодишното девојче кое страдаше од тежок деформитет на рбетниот столб чекаа Тамара да замине на итна операција. Министерот Тодоров на 21 ноември 2014 година вети дека сите трошоци за операцијата ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството и од Фондот.

На социјалните мрежи се бара оставка од министерот за здравство Никола Тодоров, откако утринава почина деветгодишната Тамара Димовска, која имаше тежок деформитет на рбетниот столб и чекаше итна операција во странство на државен трошок.

ostavka za todorov

Извадоци од реакциите на социјалните мрежи по смртта на Тамара

Извадоци од реакциите на социјалните мрежи по смртта на Тамара

На 21 ноември 2014 година министерот Тодоров изјави дека сите трошоци за изведување на седмиот по ред оперативен зафат во странство ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

„Досега биле изведени шест оперативни зафати, но било утврдено дека е потребен и седми поради што тој ќе биде изведен во странство, а сите трошоци ќе бидат целосно покриени од страна на Министерството за здравство и Фондот за здравствено осигурување на Македонија“, изјави Тодоров пред речиси три месеци.

На 21 ноември минатата година министерот Тодоров најави дека Тамара ќе биде оперирана на сметка на државата

На 21 ноември минатата година министерот Тодоров најави дека Тамара ќе биде оперирана на сметка на државата

Жаклина Димовска, мајката на Тамара во декември минатата година на својот Фејсбук профил напиша дека освен оваа изјава на министерот Тодоров, немаат никакви дополнителни детали за операцијата на нејзината ќерка која требаше да биде изведена во Турција.

„Нови нервози, непотребни трошоци, а никој не ме прашува од каде сега пари за тоа. Освен изјавата од министерот дека ќе го покријат лекувањето на Тамара, нема ништо ново. Никој не се јавил што понатаму, каде и како да се лекува Тамара. Жалосно е што мораме да правиме невролошки испитувања, состојбата ни се влошува се повеќе“, напиша Димовска.

Помина уште еден месец, а од заминувањето на Тамара на лекување во странство немаше ни трага.

Кон средината на јануари годинава телевизија „Телма“ објави дека мајката на Тамара добила ветување дека по Нова година ќе се конкретизира терминот, докторот и болницата каде ќе се изврши операцијата.

„Во меѓувреме се влошува здравјето на детето, а родителите речиси секојдневно молат по институциите. Од Фондот за здравство велат дека се работи за операција, на кој мора да работат повеќе доктори. Хирургот од Турција кој ја прегледал Тамара токму на барање на мајката, за ден или два ќе го каже точниот термин за оперција велат од Фондот. И министерот за здравство Тодоров потврди дека административни пречки повеќе нема“, објави „Телма“.

Иако административните пречки биле надминати, оттогаш помина речиси еден месец, а Тамара сè уште не беше замината на лекување.

Таа не го дочека тој ден. Утринава околу 6 часот таа била донесена во велешката болница без знаци на живот.

Бранко Аџигогов од Фондот за здравствено осигугурување не даде конкретни одговори на новинарските прашања

Бранко Аџигогов од Фондот за здравствено осигугурување не даде конкретни одговори на новинарските прашања

Поладнево, по повод немилиот настан, Фондот за здравствено осигурување одржа прес-конференција на која беше соопштено дека веќе била донесена одлука девојчето да се оперира во Турција, во здравствениот центар „Аџибадем“, а за терминот требало да се одлучува по 8 февруари. Сепак, присутните новинари, а со тоа и јавноста, останаа без одговори од какви компликации почина девојчето, каде се лоцира одговорноста и зошто процедурите траеле со месеци. Единствено, беше посочено дека е оставено на родителите дали ќе покренат процедура за евентуална одговорност од институциите.