Истражувањa

Се борат за она што им следува

Жените од Балканот водат битка за надминување на дискриминацијата и остварување на своите законски права за наследство

Јета Абази Гаши Приштина, Подгорица, Арачиново и Лондон

Шихрете Бериша води законска борба за да си го врати домот од семејството на нејзиниот покоен сопруг во Сува Река, југозападно Косово

Шихрете Бериша води законска борба за да си го врати домот од семејството на нејзиниот покоен сопруг во Сува Река, југозападно Косово

За време на косовскиот конфликт, српски полицајци го убиле сопругот на Шихрете Бериша, Неџат, и четирите деца пред нејзини очи.

Нејзиното најмало дете имало помалку од две години, а најстарото за два месеци ќе наполнело 16. Шихрете била застрелана во стомакот. Претпоставувајќи дека е мртва, таа била натоварена на камион заедно со телата на околу 50 други косовски Албанци, убиени во југозападниот град Сува Река, на 26 март 1999 година.

Таа и двајца роднини, единствените преживеани од масакрот, се спасиле со скокање од камионот во движење.

Тогаш, Шихрете не можела да замисли дека може да изгуби многу повеќе од својот сопруг, двете ќерки и двата сина. Таа го загуби и заедничкиот дом.

Куќата му припаѓале на нејзиниот свекор. По војната, таа вели дека нејзината свекрва ѝ рекла: „Што ќе ти е куќата? Сите се убиени. Тоа е наша куќа сега”.

Приказната на Шихрете е екстремен пример за проблемот што постои низ целиот Балкан, иако обично во помалку драматична форма, а тоа е дискриминацијата на жените при наследување.

Во овие патријархални општества, имотот често го наследуваат машките потомци од семејството, односно жените се исклучуваат без оглед на нивното законско право за наследство.

Некои функционери и активисти се обидуваат да ги променат ставовите преку јавни кампањи, а жените се борат за своите права преку судовите. Но, тие се соочуваат со силен отпор од традиционалистите и се фрустрирани од бавните и преоптоварени судски системи.

Шихрете вели дека машкиот дел од семејството Бериша склучил устен договор во 1997 година за поделба на семејниот имот. Неџат добил дел од една голема куќа, каде што живееле тој и неговото семејство. Неговиот брат, а подоцна и синот на неговиот брат, го добиле другиот дел.

Меѓутоа, по војната Шихрете вели дека се вратила дома, но куќата била заклучена. Семејството на нејзиниот сопруг одбило да ѝ ги даде клучевите.

„Сѐ што сакав од нив да чујам е да ми кажат дека сум добредојдена”, се сеќава таа во домот на нејзините родители во Мушутиште, село во близина на Сува Река.

Со помош на меѓународните хуманитарни организации, Шихрете добила лекување во странство. Таа сега живее во Германија. Но, се вратила на Косово во јуни оваа година за да го забрза судскиот процес во Сува Река за да си го врати назад нејзиниот дом.

Шихрете изгледа постара од 52 години. Кога го опишува нејзиниот живот со Неџат, таа се смее, но на нејзиното лице нема насмевка. Тие имале добар живот, вели таа. Нејзиниот сопруг била службеник во локалниот културен центар, а земале и кирија од изнајмување на малите продавници под нивната куќа. Таа се грижела за децата и домот.

Обидот да го добие назад домот е долг и тежок процес. Таа започнала судска постапка пред 12 години, но нејзиниот адвокат не се појавил пред судот, па случајот не бил земен предвид. Нов адвокат, Имер Коро, го презеде случајот во септември 2012 година.

Коро вели дека законот е јасен, бидејќи имотот бил пренесен на сопругот на Шихрете, тој сега треба да ѝ припаѓа на неа. Бидејќи законски биле во брак, таа има право да го наследи”, вели тој.

Семејството на нејзиниот сопруг раскажува поинаква приказна. Нејзиниот девер, Џељаљ Бериша инсистира дека имотот бил на име на неговиот татко. „Пред неговата смрт, тој ми го остави во тестамент”, вели тој. Шихрете и нејзиниот адвокат го негираат постоењето на таков документ.

Во меѓувреме, Џељаљ Бериша ги има клучевите од куќата и ги изнајмува продавниците под неа. „Јас го плаќам данокот на имот, па јас ја добивам и киријата”, вели тој. „Ѝ реков на Шихрете: „Добредојдена си во нашата куќа. Но, таа одби да се врати”.

Се чини дека е крајно време судот да донесе пресуда. Сепак, Шабан Зеќирај, судијата одговорен за случајот во судот во Сува Река, вели дека е „преоптоварен со 800 случаи”. Судот конечно одржа прелиминарно сослушување во септември, но случајот и понатаму нема завршница.

Коро признава дека судскиот систем на Косово има голем број на заостанати случаи, но тврди дека тоа не е целата приказна. „Судовите се преоптоварени, но тие исто така не се подготвени да работат”, вели тој.

Законот наспроти традицијата

Косово прогласи независност во 2008 година, по период на меѓународна контрола што следеше по бомбардирањето на НАТО во 1999, со што заврши репресивното српско владеење.

Членот 7 од Уставот на Косово ја опишува родовата еднаквост „како темелна вредност за демократскиот развој на општеството”.

Во согласност со законите за наследување и семејство, кога некој умира, наследството се дели меѓу членовите на семејството, при што брачниот другар и децата имаат приоритет. Ако постои тестамент, може да се исклучат членовите на семејството од наследството, но само под одредени услови, а ниту еден од нив не е полот.

Властите започнаа кампањи за промовирање на родовата еднаквост, поттикнување на паровите сопственоста на нивниот дом да ја регистрираат на двете имиња. Сепак, сопственоста на имотот често воопшто не се регистрира, па дури и ако се регистрира тогаш тоа е само на име на мажот.

Видео реклама објавена во септември од страна на властите, со поддршка на меѓународни и локални организации, покажува како еден млад пар дели парче торта, гледа телевизија во кревет и купува автомобил пред да седне и заеднички да ги потпишат документите за нивниот дом.

„Вие може да ја направите вашата сакана личност среќна преку споделување на сѐ со неа”, вели гласот од рекламата. „Сопственоста ви припаѓа на двајцата, регистрирајте го вашиот заеднички имот”.

Но, старите традиции тешко умираат. Многу луѓе сѐ уште веруваат дека имотот треба да се пренесува преку машка линија, заедно со семејното име. Според Агенцијата за катастар, над 79 отсто од имотите регистрирани во Косово се регистрирани под машки имиња.

Во традиционалните заедници, имотните спорови се решаваат преку состаноци на старешините составени само од мажи, повикувајќи се на Канунот, или Канонот, на Лека Дукаѓини, збирка на прастари албански обичаи.

Али Пасома (58) ги води состаноците за решавање на споровите во градот Вучитрн, околу 25 километри северно од главниот град, Приштина.

„Сопственоста му припаѓа само на мажот. Дури и ако семејството нема син, имотот се пренесува на машките роднини”, вели Пасома, повикувајќи се на Канунот, во канцеларијата на компанијата за електрична енергија каде што работи како носач.

Али Пасома ги предводи состаноците за разрешување на споровите во косовскиот град Вучитрн

Али Пасома ги предводи состаноците за разрешување на споровите во косовскиот град Вучитрн

Пасома се согласи да се сретне со женски новинар, само под услов да биде присутен и нејзин колега – маж. Тој зборуваше живо со длабок глас, при што веѓите му се спојуваа додека се концентрираше, а неговите дебели, широки мустаќи се движеа како што зборуваше.

„Не можам да го дадам мојот семеен имот на мажот на сестра ми, некој со друго презиме. Ако нешто лошо им се случи ним (на сестра ми и нејзиниот сопруг), јас ќе ги заштитам и ќе ги повикам да престојуваат во мојата куќа. Но, ако тие сакаат да го земат мојот имот, тие не се добредојдени да ја посетат мојата куќа”, вели тој.

Претходно тој ден, Пасома ја предводел церемонијата на која еден млад пар се согласил да се раздели. Ова е, исто така, илустрација на патријархалните традиции на тие заедници. Секоја страна е претставена со по 10 мажи, а за случајот било решавано од страна на уште четворица мажи.

Сиромаштијата има голема улога

Економските фактори исто така играат улога во исклучување на жените од наследството. Родителите традиционално го пренесувале нивниот имот на нивниот најмлад син за да се задржи цел наместо да се дели. Семејството на синот требало да им дозволи да останат таму, и да се грижи за нив кога ќе остарат.

Во една од најсиромашните земји во Европа, каде што околу 30 отсто од населението живее со помалку од две евра на ден, таквиот систем ја презема од државата грижата за стари лица, која едвај постои во Косово.

Ваљбона Салиху, извршен директор на „Норма“, група која се залага за правата на жените на Косово, вели дека нејзината организација пронашла случаи на семејства кои ги отстрануваат жените од листата на наследници, кога тие ќе пријават смртен случај, со цел да ја задржат оваа практика.

Некои жени, исто така, одбиваат да го остварат нивното право за наследство, кое според законот му се овозможува на секој наследник.

Дури и кога судовите пресудуваат во корист на правото на жената за наследство, реалноста може да биде посложена.

Пред две години, мажот на една 30-годишна жена што живее во северно Косово починал од срцев удар. Судот пресудил дека таа е законски наследник на еден стан пријавен на име на нејзиниот маж, изјави за БИРН жената, под услов нејзиното име да не биде објавено.

Изнајмувањето или продажбата на станот можеше да ѝ ги обезбеди толку потребните приходи. Но, родителите на нејзиниот сопруг одбиле да ја прифатат одлуката на судот. Тие сѐ уште живеат на имотот, додека таа ги одгледува двете деца во стан кој го изнајмува.

На Косово има голем број институции кои се залагаат за правата на жените, вклучително и Агенцијата за родова рамноправност, која има 17 вработени, и косовскиот Судски совет. Сепак, ниту едно тело не може да обезбеди статистички податоци за тоа колку жени барале наследство преку суд.

Групата за застапување, „Норма“ има собрано вакви статистички податоци директно од судовите. Истражувањата покажуваат дека жените бараат наследство преку суд, но поретко отколку мажите. Во извештајот на групата, во кој се дава анализа на судските податоци од 2008 и 2009 година, се вели дека мажите имаат три пати поголеми шанси за наследство од жените.

Хаџи Гаши, професор по граѓанско право на Универзитетот во Приштина, вели дека недостатокот од официјални статистички податоци е одраз на неуспехот на државните институции да се посвети внимание на прашањата за наследство. Сепак, тој смета дека луѓето стануваат подобро информирани.

„Секој ден, се зголемува свеста за важноста на наследувањето”, вели тој. Гаши вели дека тој ќе го подели својот имот подеднакво помеѓу неговата ќерка и син.

Фехмије Гаши-Битиќи, 49-годишна адвокатка од Приштина, исто така ја крши традицијата. Таа не наследила ништо од нејзините родители, но веќе купила стан за нејзината ќерка, која има само десет години.

„Сакав да бидам модел за моите два сина; сакав да научат од својата мајка дека имотот треба да се подели подеднакво”, вели таа.

На Балканот мажите се секогаш на прво место

Во Косово, каде што повеќе од 90 проценти од луѓето се муслимани, фаворизирањето на мажите во случаите на наследување најчесто се поврзува со исламот, како и со Канунот. Сепак, практиката ги надминува верските и политичките граници на Балканот.

На пример, постојат речиси три пати повеќе машки отколку женски сопственици на имотот во Црна Гора, која е главно населена со православни христијани.

Двајца браќа, Милано и Јован Стијеповиќ, и нивниот пријател, Веско Ражнатовиќ, сите на возраст од 40 до 50 години, работат заедно во еден мал ресторан во селото Дујево, околу 20 километри од главниот град на Црна Гора, Подгорица.

Сите тројца се горди што имаат само синови. Јован, исто така, истакнува дека неговата сестра не наследила никаков имот од семејството. Тој зборува за семејното презиме како луѓето во Косово. Во традиционалните заедници, се претпоставува дека ќерките ќе се омажат и ќе го променат нивното презиме, земајќи го тоа на нивните сопрузи.

„Не може да има луѓе со различно презиме во мојата куќа. Бог ни ја остави оваа традиција и ние ја прифативме”, вели Јован.

Црногорскиот закон им дава на жените и мажите еднакви права. Но, како и во Косово, судовите во Црна Гора се соочуваат со критики дека им е потребно многу време за да се решат споровите со наследство.

Ибрахим Смаиловиќ, судија во Основниот суд во Подгорица, вели дека „постои зголемен тренд на жени кои проблемите со семејното наследство ги носат на суд”. Но не постојат официјални статистички податоци за овие случаи.

Во Македонија, дискриминацијата при наследството влијае и на етнички Македонци, кои се генерално православни христијани и сочинуваат 63 отсто од населението, но и на Албанците, кои се претежно муслимани и сочинуваат околу една четвртина од населението.

Во Македонија се пет пати поголеми шансите сопственици на имотот да бидат машки отколку женски.

Спасена Сурловска, жена на 78-годишна возраст, која живее во село Љубанци, недалеку од главниот град, Скопје, работела во пекарница, заедно со нејзиниот покоен сопруг. Кога куќите што таа ги наследила од нејзиниот сопруг биле поделени, поголемиот дел припаднал на нивните синови, и покрај фактот што таа поминува повеќе време во домот на својата ќерка.

„Тоа е традиција со години, иако ќерките повеќе се грижат за своите родители отколку синовите”, вели Сурловска.

Спасена Сурловска, вдовица од македонското село Љубанци, вели дека поголемиот дел од нејзиниот семеен имот ќе им припадне на нејзините синови

Спасена Сурловска, вдовица од македонското село Љубанци, вели дека поголемиот дел од нејзиниот семеен имот ќе им припадне на нејзините синови

Ајдин Салиху, 34-годишен имам од Арачиново, село населено со етнички Албанци околу 20 минути возење од Скопје, вели дека локалната традиција диктира дека жените не наследуваат имот, иако „тоа е против Божјата волја, Куранот и државата”.

Запрашан што би правел со сопственото семејство, тој вели дека не сака да ја предвидува иднината, но додаде: „Не е срамно да се задржат традициите и не можеме да избегаме од нашите традиции. Имам куќа и мислам дека ќе ја дадам на мојот син”.

Сепак, Јово Вангеловски, судија во Врховниот суд на Република Македонија, вели дека работите се менуваат. „Најголемо влијание на оваа ситуација доаѓа од образованието на жените”, вели тој. „Тоа имаше најголемо влијание за надминување на овие традиционални вредности и за прифаќање на владеењето на правото”.

Надвор од Балканот – британскиот случај

Но, Балканот не е единственото место каде жените се борат за правото за наследство. Во Велика Британија, иако мажените жени го добиле правото за наследство на имотот пред 144 години, дискриминацијата при наследувањето останува проблем, особено кај некои муслимански заедници.

Во чајџилницата во Домот на лордовите, надвикувајќи го ѕвекотот на порцеланските шолји, 77-годишната бароница Каролина Кокс, вели дека сака да биде глас на муслиманките британски жени кои се соочуваат со дискриминација при развод и наследување.

Во Велика Британија постојат околу 80 шеријатски судови, кои одбиваат да ги почитуваат британските закони кога станува збор за наследството, вели таа. Таа има предложено нацрт-закон овие паралелни судови да се прогласат за нелегални.

„Тие (муслиманската заедница) треба да ги почитуваат законите на оваа земја и законите на демократијата”, вели таа.

Додека ја спушта нејзината шолја чај на масата, зјапајќи со нејзините силни сини очи, додава: „Во Обединетото Кралство, правдата е на страната на жените и тие треба да ја искористат”.

Дискриминацијата на жените е, исто така, прашање во еден многу поинаков слој од британското општество, аристократијата. Во 2013 година, Велика Британија го усвои Крунскиот акт за наследување, со кој се стави крај на практиката машките наследници да имаат приоритет при наследување на престолот. Но, ќерките на британските благородници сѐ уште не можат да ги наследат титулите на нивните татковци.

Наградуваната новинарка што покрива здравствени прашања Викторија Ламберт, која е истовремено и грофица, како сопруга на Ерлот од Кланкарти, води кампања за промена. Таа го поддржува парламентарниот предлог закон со кој ќе се овековечи родовата еднаквост во правилата за наследување на благородничките титули.

Викторија Ламберт, грофицата од Кланкерти, го поддржува предлог законот во британскиот парламент што ќе овозможи ќерките да ги наследуваат благородничките титули

Викторија Ламберт, грофицата од Кланкерти, го поддржува предлог законот во британскиот парламент што ќе овозможи ќерките да ги наследуваат благородничките титули

Ламберт има силен личен интерес, бидејќи нејзиното единствено дете е ќерката Ровена, која не може да ја наследи титулата на семејството. Но, таа тврди дека промената на законот ќе има многу поширок ефект, испраќајќи силна порака до семејствата од целиот свет кои ги дискриминираат жените.

„Ако можеме да ја промениме традицијата, тоа ќе го смени целото општество”, вели Ламберт во кафуле во центарот на Лондон.

Претходниот обид за промена на законот не беше усвоен од собранието, но Ламберт инсистира дека борбата ќе продолжи.

„Станува збор за правичност”, вели таа. „Не можам да запрам, време е за модернизација”.

Истата желба за праведност ги тера жените да се борат под многу различни околности на другиот крај од Европа, вклучувајќи ја Шихрете Бериша, во нејзината битка со судот во Сува Река и со семејството на нејзиниот покоен сопруг.

„Додека сум жива, никогаш нема да се откажам”, изјави Шихрете.

Овој текст е дел од програмата Балкански стипендии за новинарска извонредност, со поддршка одфондацијата ЕРСТЕ и Фондациите Отворено општество, во соработка со Балканската мрежа за истражувачко новинарство.