Вести

Се подготвува првото обвинение од СЈО

SJO

Првото обвинение поврзано со прислушувањето се очекува да биде поднесено наредната недела | Фото: МИА

По речиси една година откако Катица Јанева беше избрана за специјален јавен обвинител, период што го одбележаа препреки и притисоци, во СЈО се подготвува првото обвинение против неколку лица, дознава БИРН.

Според неофицијалните информации со кои располагаме, станува збор за предмет кој досега не беше презентиран во јавноста, а обвинението се носи по скратена постапка, бидејќи станува збор за дело за кое е предвидена затворска казна до 5 години.

Обвинението се очекува да биде поднесено во текот на наредната недела. Информациите со кои располагаме говорат дека станува збор за предмет поврзан со прислушувањето и со уништување службени документи.

Од СЈО не коментираат дали и кога ќе биде поднесено првото обвинение од постоењето на оваа институција.

„Истражните постапки се во тек и навремено ќе бидете известени за евентуалното поднесување обвиненија“, одговорија оттаму.

Според Законот за специјално јавно обвинителство, рокот за поднесување обвиненија кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите ќе заврши кон средината на идната година, што значи дека СЈО има рок од уште само 9-10 месеци да поднесе обвиненија за сите (повеќе од 20) истраги што ги води во моментов.

Во наредните 9-10 месеци, обвинителите на СЈО треба да ги дослушаат сите 546.948 фајлови снимени разговори, да одлучат за кои инволвирани лица дополнително ќе покренат предистражна, па потоа истражна постапка и на крајот, да поднесат обвинение.

Овие рокови се исклучително кратки, па останува отворено прашањето дали СЈО ќе има можност докрај да ги заврши обврските поради кои првично беше формирано. За овие преостанати месеци, десеттемина специјални јавни обвинители на чело со Јанева треба да ги дослушаат сите 546.948 фајлови снимени разговори, да одлучат за кои инволвирани лица дополнително ќе покренат предистражна, па потоа истражна постапка и на крајот, да поднесат обвинение.

Освен кратките рокови за завршување големи истраги, дополнителен товар врз специјалните јавни обвинители беа и медиумските хајки, како и одбивањето на останатите институции да соработуваат при прибирањето докази.

Сепак, најголемиот удар врз СЈО се случи кога Јавното обвинителство, наместо пет предмети, како што беше побарано, лани во декември реши да ги достави сите 30 предмети со кои располагаше наеднаш, па така СЈО остана со врзани раце и неможност да ги заврши сите овие предмети за 18 месеци.

Од табеларниот приказ на БИРН можат да се видат покрупните активности поврзани со Специјалното јавно обвинителство од неговото формирање до сега, како и сите пречки со кои се соочи и се соочува оваа институција.

sjo_15678538_e31ac0f5aee62918e9606c0e4a4a5dbd19aa4985

Од своето формирање до сега, СЈО отвори седум истражни постапки. Случаите кои беа обелоденети во јавноста носеа кодни имиња кои почнуваат на „Т“ – „Титаник“, „Тортура“, „ТНТ“, „Тврдина“, „Транспортер“, а во нивни раце се наоѓаат и случаите „Пуч“ и „Шпион“. Иако беше побаран притвор за девет лица, досега судот одобри притвор само за две.

Началникот на Петтата управа Горан Грујоски доби мерка притвор за случајот „Тврдина“. Оваа мерка подоцна беше преиначена во домашен  притвор, но по аболициите на претседателот Ѓорге Иванов и по нивното укинување, судот реши повеќе да не му доделува притвор на Грујоски и тој е сега на слобода.

Во домашен притвор единствено се наоѓа Владимир Талевски, градоначалник на Битола, за случајот „Транспортер“.

Вкупно, во СЈО се водат над 20 предистражни постапки во кои се инволвирани повеќе 80 од лица. На листата е лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, поранешните министри Гордана Јанкулоска и Миле Јанакиески, поранешниот прв човек на УБК Сашо Мијалков, градоначалникот на Пустец Едмонд Темелко, градоначалникот на Гази Баба Тони Трајановски и многу други.

Предистражните постапки се однесуваат на незаконското следење на комуникациите -прислушувањето, испитување изборни нерегуларности, незаконитости во врска со финансирањето на медиумите, злоупотреби на постапки за јавни набавки, даночно затајување, перење пари, злоупотреби на службената положба и овластувања, финансиски истраги и незаконитости во постапките кои се однесуваат на градежни работи.