Вести

„Сега кажувам“ – отпор кон токсичното фраерско однесување

Photo by Deva Pardue

Вработени жени добивале непристојни понуди од претпоставените, студентки биле повикувани на „дополнителни консултации“ насамо со професорите, ученички во основно и во средно трпеле дофрлувања од наставниците, а општеството сето тоа го толерирало и го поддржувало низ шеги.

Ова се само дел од сведоштвата што од утрово десетици жени во Македонија ги споделуваат на социјалните мрежи со хаштагот #сегакажувам. Кампањата ја организираат неколку независни активистки, поттикнати од светските случувања по скандалите што го потресоа прво Холивуд со сведоштвата за однесувањето на продуцентот Харви Вајнстајн. Ана Василева, една од активистките, вели дека директниот повод им е да се надоврзат на светската кампања што се одвива под мотото „и јас“ (me too), но е нешто на што се работело подолго време.

„Целта е да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, како и да се предизвика културата што го имплицитно и суптилно го негува и наградува тоа „фраерско“ токсично машко однесување“, вели Василева.

Тие се надеваат дека ќе охрабрат што повеќе жени и девојки да се спротивстават на ваквите однесувања и јасно да кажат што сакаат и што не сакаат.

Целта е да се стави во фокус и да се де-нормализира насилството и микроагресиите што се вршат врз жените и девојчињата, вели Василева

„Не може и не смее некој што има моќ да се изживува со нив. Ова е порака дека кога се жртви на посериозни дела, ако веќе нема правен систем кој ќе им помогне да добијат правда без крајно да ги истрауматизира, барем има кој да ги чуе и да го уважи нивното страдање и да им помогне да се опорават. Целта е јасно да дадеме до знаење дека тие однесувања не се посакувани, не се фраерски, не се секси туку се неприфатливи“, порачува Василева.

Скандалот во Холивуд го принуди Харви Вајнстајн да се повлече од јавниот живот и да се извини дека „предизвикал многу болка“. Сепак, жртвите на сексуално вознемирување што ги споделуваат искуствата во земјава не наведуваат конкретни имиња. Се користат само термини кои само делумно го откриваат нивниот идентитет, како „наставникот по ОТО“, „еден професор“, „сопственикот“,  „шефот“ итн. Затоа кон кампањата се појавија и реакции дека таа е непотполна без целосно да се разоткрие кој е сторителот.

„Не е целта да се спроведе казна или одмазда врз поединечни престапници (дел од токсичните однесувања не ни би можеле да повикаат на правна разрешница), туку да се стави во фокус женското доживување на овие микроагресии. Понатаму, дел од сторителите на посериозни дела се на многу моќни позиции и би било речиси невозможно да се предизвика нивниот статус. Имало изолирани обиди за тоа, и речиси редовно биле заташкани или завршиле на штета на жртвата.  Дел од случаите се застарени“, објаснува Василева.

Според сведоштвата споделени на социјалните мрежи, некои жени се соочиле со вознемирувачки искуства уште кога биле во основно училиште и кога нивните наставници им дофрлувале. Има повеќе приказни за обиди за уцена со работното место во замена за сексуални услуги, како и барања од работодавците до вработените жени да го искористат своето тело (да покажат повеќе голотија) за доброто на бизнисот, односно за да го привлечат вниманието на повеќе клиенти. Дел од вознемирувањата, според овие сведоштва, се случувале дури и кога жените барале здравствени услуги.

Во дел од сведочењата се опишуваат и се критикуваат одобрувачките реакции на околината кон поединците што ги вознемирувале жените, како „остави го, тој е таков со сите“, или прифаќањата дека „мажите од таа генерација така се шегуваат“ итн.