Интервјуа

Симовски: Нема да прифатам политички попис

„Се надевам дека истрагата на СЈО ќе го испере срамот од пописот во 2011 година“ вели во интервју за БИРН, директорот на Заводот за статистика, Апостол Симовски

Ако се одржеше пописот во 2011 година, Македонија (секако нереално) можеби ќе имаше три милиони жители, но во 2020 најверојатно ќе има помалку од два. Ова се очекувањата на директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, кој има поминато 27 години во оваа институција.

 Првото и единствено вработување на Симовски е во Заводот за статистика, а најголема експертиза има во делот на пописот на населението, па оттаму влева и голема надеж дека следниот попис во Македонија би бил регуларен и без обиди за фалсификати и притисоци. На местото директор на институцијата, освен во 2005 година, тој доаѓа и минатата година, а позицијата го наоѓа токму во периодот кога топ-тема во јавноста е пописот, кој неизбежно дојде на дневен ред откако беше изгласан Законот за употреба на јазиците.

Се надевам дека следниот попис ќе се спроведе регуларно и тогаш веќе нема никој да ни се смее в лице, констатирајќи дека само Македонија и Сомалија не успеале да спроведат попис во годините околу 2010-тата

Додека во јавноста се водат дебатите за тоа дали прво е потребен попис, па дури потоа Закон за јазици, а истовремено СЈО отвори истрага за злоупотреба на службената положба против Никола Груевски и Али Ахмети за пропаднатиот попис од 2011 година, со Симовски разговаравме за подготовките за пописот кој најверојатно ќе се одржи во 2020 година, а за кој тој тврди дека ќе биде спроведен професионално и без никакво мешање од страна на политичките субјекти.

„Ниту сакам, ниту смеам да ги коментирам наодите и сомневањата на СЈО во однос на пропаднатиот попис во 2011 година. Секако, многу ќе ни значи, и ние во Заводот, а и јавноста да дознаеме што навистина се случувало при спроведувањето на овој попис. Се надевам дека резултатите од оваа истрага, донекаде ќе го исперат срамот што ѝ се нанесе на нашата институција со неуспехот на пописот“.

Тој се надева дека ако се истрае во намерата наредниот Попис на населението, домаќинствата и становите во Македонија да се спроведе професионално и по сите статистички стандарди, повторно ќе се вратат угледот и реномето на Државниот завод за статистика.

„Тогаш веќе нема никој да ни се смее в лице, констатирајќи дека само Македонија и Сомалија не успеале да спроведат попис во годините околу 2010-тата“, вели тој.

Подготовките за пописот во 2020 се во тек

„Голема е веројатноста дека во 2011 имаше и повеќекратно попишување на исти лица, со цел, на крајот, некоја од етничките заедници биде со поголема, односно помала застапеност во вкупното население“ | Фото: БИРН

Кога го слушате Симовски додека зборува за неуспешниот попис во 2011 година, се добива доза на олеснување што тој беше прекинат.

„Ако не се прекинеше, ќе произлезеше дека во земјава има 3 милиони жители со оглед на тоа што очигледно се попишуваа и лица кои беа единици на попис, но и лица кои не беа. Голема е веројатноста дека имаше и повеќекратно попишување на исти лица, со единствена цел, на крајот, некоја од етничките заедници да биде со поголема, односно со помала застапеност во вкупното население“, вели тој и додава:

„Тоа беше политички попис, се формираше Државна пописна комисија, која беше политичко тело, а која согласно донесениот Закон требаше да го спроведе Пописот, додека ние како Завод за статистика практично бевме само даватели на услуги на таа комисија. За разлика од тогаш, сега ние ќе ја водиме работата, ние ќе бидеме тие што ќе го спроведат пописот, согласно Законот за државна статистика“.

Симовски делува мошне самоуверено кога говори за следниот попис кој, како што вели, ќе се одржи во 2020 година и Државниот завод за статистика веќе наголемо се подготвува за најголемата статистичка операција во една држава. Тој тврди дека нема да прифаќа никакви притисоци отстрана, особено не политички, бидејќи пописот не е само операција која треба да даде слика за етничката состојба во една држава, туку опфаќа многу сегменти од кои можат да се согледаат развојот, стагнацијата или уназадувањето на едно општество.

Моите очекувања се дека на пописот што следува ќе добиеме слика за населението што нема да ни се допадне. Ќе откриеме дека имаме големо иселување од државата, што е реалност која мора да ја прифатиме

„Пописот е фотографијата на една држава“, вели Симовски.

„Жално е“, смета тој, „што Македонија спаѓа во групата земји како Сомалија или Босна и Херцеговина, каде што или пописите се покажувале како неуспешни или пак се прескокнувала една декада поради немање средства или пак, поради политички притисоци.“

Во петгодишната Програма за статистички истражувања, донесена од Владата во декември 2017 година, меѓу другите статистички истражувања, вклучен е и пописот на населението, домаќинствата и становите, што подразбира дека Владата донела одлука дека во периодот 2018-2022 година секако ќе се спроведе Попис. Впрочем, како членка на Организацијата на обединетите нации, Република Македонија има и обврска да спроведе ваква статистичка операција околу 2020 година (светската практика е пописи на население да се спроведуваат во годините кои завршуваат на 0 или 1).

„Во 2019 година ќе имаме претседателски, а во 2021 година парламентарни избори, па решивме дека најдобро е пописот да се спроведе во 2020 година, кога нема да има поголеми политички турбуленции“, вели Симовски.

Во тој случај, во 2019 година би се спровел т.н. „пилот“, односно пробен попис, на мали територијални делови од државата, со цел да се тестира како би течел процесот, пред да се започне со официјалното одбројување на домаќинствата.

Претстојниот попис би чинел 8.5 милиони евра

На следниот попис ќе се набавуваат лаптопи и ќе се бележат податоците електронски, на лице место, во домовите на граѓаните на Македонија | Фото: БИРН

Претстојниот попис, според Симовски, нема да биде како претходниот, во 2002 и обидот во 2011 година, кога обучени попишувачи влегуваа во домовите на граѓаните и на лист хартија запишуваа податоци.

„Наредниот попис ќе го спроведеме користејќи т.н. комбиниран метод на спроведување на попис, што подразбира истовремено спроведување на пописот на терен преку интервју лице в лице и користење податоци од бази на податоци кои веќе постојат во државата и кои ќе бидат преуредени согласно потребите на оваа статистичка операција. На ваков начин, во огромна мера ќе го намалиме просторот за грешки и за манипулации. Ќе ги искористиме сите регистри на податоци што ги имаме на располагање од различни институции, и практично кога попишувачите ќе влезат во домовите да попишуваат, веќе ќе имаат одредени готови податоци, како на пример дали лицето е вработено или не е, кое е неговото занимање, какво е неговото образовно ниво, дали лицето сѐ уште е вклучено во образовниот процес, дали има државјанство на Република Македонија, официјалната адреса на живеење итн.“

Овојпат, за разлика од другите пописи, ќе се набавуваат лаптопи и ќе се бележат податоците електронски, на самото место, во домовите на граѓаните на Македонија.

„Тоа многу ќе ни помогне, бидејќи ќе го скратиме времето на добивање на податоците и нивно сумирање. Порано ни требаше многу долго време додека да се обработат податоците внесени на хартија. Понатаму, компјутерите што ќе се набават ќе се донираат на училишта или на други институции, бидејќи реално ние немаме потреба од толку многу компјутери. Но, секако парите нема да се потрошат залудно.“

Ако минатиот попис, кој заврши неуспешно во 2011 година, чинеше, односно требаше да чини 14 милиони евра, пописот што следува, се очекува да чини околу 8,5 милиони евра.

„Факт е дека најголемата статистичка операција е скапа, пред сѐ е потребна опрема, треба да се платат попишувачите кои треба да поминат и низ соодветни обуки, превозот, а има и материјални трошоци. Нашите пресметки покажуваат дека пописот би чинел околу 8,5 милиони евра, но тоа не значи дека не може да бидат потрошени помалку средства“, смета Симовски.

Од пописот би го исфрлил полето за етничката припадност на граѓаните

Се залагам на пописот да постои само поле во кое што граѓаните би се изјаснувале за нивниот мајчин јазик, а не за етничката припадност | Фото: БИРН

Симовски одбива да зборува за политичкиот аспект на пописот, односно за најгорливото прашање поврзано со оваа операција, а тоа се резултатите кои би дале веродостојна слика за тоа колку Македонци, а колку Албанци живеат во земјава. Тој смета дека полето за „етничка припадност“ воопшто и не треба да биде дел од пописниот материјал, како што е, впрочем, и во многу други држави.

„Од статистичка гледна точка, етничката припадност и вероисповедта не играат никаква улога, бидејќи тоа се менливи категории и јас ќе се залагам овие две работи да не бидат дел од претстојниот пропис, туку единствено делот за мајчиниот јазик на лицата кои ќе бидат попишувани. Јазикот што се зборува во семејството е задолжителна категорија и таа секако ќе ја регистрираме. Јазикот, пред сѐ, е потребен заради планирање на образованието“, вели Симовски и додава дека дел од пописот треба да бидат и лицата кои не живеат во земјава, за да се добие слика за бројот на иселеници.

Етничката припадност и вероисповедта не играат никаква улога, бидејќи тие се менливи категории и јас ќе се залагам овие две работи да не бидат дел од претстојниот пропис, туку единствено делот за мајчиниот јазик на лицата кои ќе бидат попишувани

„Законски се смета дека некој се иселил доколку го одјавил своето живеалиште во Македонија. Но, тоа речиси никој не го прави. Затоа ние не знаеме дали имаме 200, 300 или повеќе илјади иселени лица. Со пописот ќе треба тоа да се утврди. Ќе се знае за секој град колку луѓе се постојано присутни, колку се привремено отсутни, а колку се иселени на подолг рок. Сето тоа ќе помогне во планирањето на развојот на државата“, тврди директорот на ДЗС, додавајќи дека тоа е делот од пописот кој, впрочем, и најмногу го плаши – дека ќе се покаже оти одливот на мозоци од Македонија достигнува енормно високи стапки.

„Моите очекувања се дека ќе добиеме слика за населението што нема да ни се допадне. Ќе откриеме дека имаме големо иселување од државата, што е реалност која мора да ја прифатиме.“

Освен иселениците кои не го одјавиле своето живеалиште во Македонија, дополнителен проблем на претстојниот попис, според Симовски, би била внатрешната миграција во земјава, односно фактот што граѓаните не ги менуваат личните документи кога ќе сменат живеалиште, што дополнително би го отежнало процесот и би оневозможило да се добие комплетна слика за местото на живеење.

Како човек што речиси три декади е посветен на демографските процеси во земјава, на Симовски му се многу поважи други аспекти од пописот, наместо оние кои би утврдиле колку Македонци, а колку Албанци живеат во земјава.

„Не е важно само да се преброиме колку население имаме. Многу е важно да направиме целосна слика на населението, на која возраст е, со какво образование, со какви квалификации, место на живеење и сл. Тоа ќе му помогне и на секој инвеститор што сака да почне свој бизнис во земјава, да знае точно со каква работна сила располага и каде му е исплатливо да отвори свое производство. Освен тоа, на локалните власти ќе им се помогне да го планираат развојот, да го планираат бројот на ученици, да го знаат капацитетот на производство во тој регион и сл. Ќе се знае и колкав пазар има и каде. Тоа може да се добие само со попис“, вели Симовски.

Директорот на Државниот завод за статистика делува мошне сигурно и е дециден во своите размислувања дека нема да прифати никакви притисоци во делот на обработката на податоците.

„Прифатив да раководам со оваа институција, затоа што знам дека можам професионално да ја спроведам најголемата статистичка операција во земјава. Македонија заслужува да има соодветен попис на населението, затоа што само врз основа на овие статистики, може да се планира и развојот на државата. Токму затоа, нема да дозволам да се меша политиката во овој сегмент, а работата ќе ја завршат стручни и квалификувани лица за спроведување попис.“