Вести

СЈО: Сончев град „стопил“ милион државни евра

Истрагата за Сончев град оди до врвот на Министерството за транспорт и врски | Фото: МИА

Специјалното јавно обвинителство (СЈО) денеска ја отвори истрагата наречена „Топлик“ во која се осомничени  поранешен функционер во Министерството за транспорт и врски и уште петмина вработени дека го оштетиле државниот буџет за нешто повеќе од милион евра со пропаднатиот договор за изградба на населбата Сончев град од 2007 година.

СЈО тврди дека иако надлежната комисија при министерството на 3. април 2007 му укажала на високиот ексфункционер дека не може да се продава земјиштето поради фактички и правни проблеми, тој веднаш наредниот ден формирал нова комисија од која добил амин за да го објави огласот за продажба на земјиштето.

Другите осомничени се претседателот и членовите на втората комисија.

„Mеѓу 3.4.2007 до 18. 2. 2013 во Скопје првоосомничениот – раководно службено лице од Министерството за транспорт и врски и пет соизвршители ја злоупотребиле службената положба, свесно се согласиле со штетната последица и нанеле штета на државниот буџет во износ наде 1 милион евра“, рече обвинителката Фатиме Фетаи.

Три години подоцна точно поради проблемите на кои укажувала првата комисија, фирмата „Сан сити“, која го купила земјиштето, не можела да го реализира проектот Сончев град и преку судска спогодба со Министерството за транспорт и врски си ги вратила вложените пари плус затезната камата во висина од 64.000.000 денари или нешто повеќе од милион евра.

Темната страна на Сончев град

Сончев град до 2011 година веќе требаше да биде населба со 603 куќи, 11 станбени згради и со два спортски терена, распостелена врз јужните падини на Водно на околу 640.000 квадрати.

Првиот владин состав на Никола Груевски го најавуваше Сончев град како проект вреден 100 милиони евра, а Израелците што го добија тендерот прифатија обврска да ги пробијат и да ги асфалтираат улиците и да го прилагодат просторот за живот.

Првичните процени беа дека таму можеше да се вселат 6.000 жители.

Во врска со случајот „Топлик“ доцна попладнево реагираше и поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Тој уверува дека продажбата на земјиштето за Сончев град е законска и  оти раскинувањето на договорот со фирмата „Сан сити“ дошло од одлуката на Уставниот суд за укинување на урбанистичкиот план, а не поради пропустите на комисијата.

Израелската компанија „Индастријал корпорејшн билдинг“, токму преку скопската фирма „Сан сити“, на денеска оспореното наддавање во 2007 го победи скопски „Гранит“ понудувајќи 350 денари по метар квадратен или вкупно 3,6 милиони евра за целото земјиште.

Опозициската ЛДП преку тогашниот нивни потпретседател Андреј Жерновски и невладината „Транспарентност Македонија“ уште истата година реагираа за начинот на којшто бил спроведен тендерот, бараа тој да се поништи и да се повтори аукцијата на парцелите.

Аргументираа дека ниту Израелците, ниту, пак, „Гранит“ ги исполнувале условите да учествуваат на тендерот, бидејќи немале годишен обрт од 100 милиони евра, а Министерството за транспорт и врски со кое раководеше Миле Јанакиески тогаш одби да ја презентира пред новинарите финансиската состојба на компании.

Дополнително, за ЛДП и за „Транспарентност“ спорно беше тоа што на интернет страницата на министерството и во огласот во „Фајненшл тајмс“ имало различни услови за висината на годишниот обрт, што е недозволиво. На веб-страницата на министерството пишувало 150 милиони евра, додека во угледниот лондонски весник стоело дека заинтересираните компании треба да имаат 100 милиони годишен обрт, ситуација што може да се сфати како фаворизирање на странска компанија.

Министерството тогаш демантираше дека имало било каква разлика во огласите пред македонската и пред светската публика.

Израелската компанија со првите проблеми се соочи уште наредната 2008 година. Медиумите објавуваа дека е можно да се откаже проектот и фирмата да го затвори претставништвото во Скопје, бидејќи податоците што ги добила од Катастарот не се совпаѓале со она што било на терен, на падините на Водно.

По неколку судски постапки на Уставен и на Управен суд, Израелците по три години дигнаа раце од Сончев град и се спогодија со државата.

Денес, пак, овој проект е во рацете на турската компанија „Џеваир холдинг“, којашто ги гради и висококатниците во скопски Аеродром. Турците беа единствени наддавачи на аукцијата во 2012 и платија по 132 денари од метар квадратен или вкупно околу 1,8 милиони евра.

И владата на Бучковски ќе го продавала Сончев град

Она што е интересно е дека и владата на СДСМ и ДУИ уште во 2006 година сакала да го продаде Сончев рид.

Откако го обвинија за договорот со Израелците, Миле Јанакиески во 2007 возврати дека владата на Владо Бучковски 20 дена пред изборите во 2006 одлучила да се продаде земјиштето кај Сончев град и тоа во четири очи на германска компанија, а на истиот ден била ветено земјиште со непосредна спогодба и на фирмата „Нетфон“, сопственост на контроверзниот бизнисмен Димитрис Контоминас.

Продажбата пропадна бидејќи тогашната Антикорупциска комисија, предводена од Слаѓана Тасева, Михајло Маневски и од Драган Малиновски го предупреди тогашниот министер за транспорт и врски Џемаил Мехази дека пред избори не може да отуѓува земјиште.