Истражувањa

„Скопје 2014“ низ споменици, галии и сендвичарници

Анонимно здружение донира седум споменици, приватници на иницијатива на власта градат галии и барокни сендвичарници во Вардар и во центарот на Скопје

Зачудувачки, главниот град не е и со најлоша животна средина во земјата / Фото: БИРН

Фото: БИРН

Проектот „Скопје 2014“ финансиран од државни пари ги чини граѓаните најмалку 575 милиони евра, открива базата на податоци на БИРН – „Скопје 2014 под лупа“. Меѓутоа, концептуално и стилски во проектот што го измени лицетот на градот припаѓаат и објектите што ги финансираат приватни правни субјекти, фондации и здруженија.

Тука спаѓаат неокласични хотели и слични комерцијални објекти, галии на Вардар и „барокни“ сендвичарници.

Во Вардар ќе има шест галии

Во водите на реката Вардар, во строгиот центар на Скопје, поставени се три бродови-ресторани од кои само еден во моментов функционира целосно како угостителски објект. Тоа е ресторанот „Ројал“ кој се наоѓа на галијата сместена во коритото на Вардар, веднаш до зградите на МЕПСО и на Македонска пошта.

Покрај оваа галија, во напредна фаза на изградба се уште два „брода“ и тие се наоѓаат блиску еден до друг, на потегот од Камениот мост до „Холидеј ин“, „закотвени“ на десниот брег од нашата најголема река.

Галијата што се наоѓа веднаш до „Холидеј ин“ и онаа кај МЕПСО се инвестиција на скопјанецот Давор Андреевски кој во метрополата е познат и како сопственик на салонот за убавина „Диор“.

Галијата „Ројал“ спроти новиот театар | Фото: З. Ричлиев

Галијата „Ројал“ спроти новиот театар | Фото: БИРН

Третата галија, која се наоѓа меѓу овие две, е на скопскиот угостител Стојан Филипоски, познат како газда на ресторанот „Воденица“, која, за разлика од другите два „брода“, ќе биде хотел со 18 соби.

Концесионерите ќе можат да ги работат галиите во наредните десет години за одреден надомест којшто ќе му го плаќаат на градот. Според најавите во медиумите, Давор Андреевски за двете галии ќе плаќа по 140.000 денари месечно, а „Воденица“ по 36.000.

Урбанистичкиот план за тој дел од Скопје превидува на реката Вардар да има вкупно шест неподвижни галии кои би можеле да бидат некаков угостителски објект.

Сенвичарниците во „барок“ се одлука на власта

При крајот на 2012, општина Центар, додека со неа сè уште управуваше ВМРО-ДПМНЕ, при една од многуте измени на Деталниот урбанистички план за централното градско подрачје (за пет години измени се направени девет пати), одлучи во строгиот центар да бидат поставени 20 стилизирани сендвичарници и трафики со антички столбови кои по својот изглед соодветствуваат на концептот на „Скопје 2014“.

Неколку месеци подоцна, Министерството за транспорт и врски на електронска аукција понуди шест парцели во строгиот центар на Скопје, секоја од нив по осум квадратни метри.

На наддавањето во јуни 2013, три од шесте парцели беа продадени за вкупно околу 95.000 евра. Скопјанецот Селим Муше ја купи парцелата на улица „Македонија“, веднаш до спомен куќата на Мајка Тереза и за неа плати 330.800 денари или приближно 6.300 евра по квадратен метар, додека истиот човек се избори и за локацијата кај „Холидеј ин“ и за неа плати околу 5.400 евра по квадрат. Сѐ на сѐ, тој за двете парцели од по осум квадратни метри, или вкупно за 16 квадрати во Центар, плати околу 93.000 евра.

„Барокна“ сендвичарница | Фото: БИРН

„Барокна“ сендвичарница | Фото: БИРН

На истата аукција третата парцела ја купи фирмата „Супрема“ од Скопје за многу пониска цена. „Супрема“ за осум квадрати во скопскиот „Жена парк“ плати по 6.600 денари или по 106 евра од квадрат. Цената на оваа парцела беше нешто под 900 евра.

Автор на идејното решение, на изгледот на барокните сендвичарници е Жарко Чаушевски, човекот кој се потпишува на повеќе објекти кои се дел од „Скопје 2014“.

Седум споменици од анонимно здружение

Меѓу последните споменици кои се поставени во рамките на „Скопје 2014“, седум се целосна донација на релативно непознатото Здружение за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и на Крушоради од Лерин кое го води 74-годишниот скопјанец Ташко Јованов.

Ниту Јованов, ниту пак, Градот Скопје, како примател на подарените споменици, досега не се изјаснија колку чинат монументите. За секое прашање поврзано со донацијата, администрацијата на градот ги препраќа новинарите во Здружението, меѓутоа нејзиниот прв човек, Ташко Јованов, никогаш не е расположен да сподели информации.

Со оглед дека нема официјални податоци за цената на спомениците, претпоставка е дека Здружението морало да одвои најмалку половина милион евра за седумте паметници, бидејќи еден од најевтините споменици во проектот „Скопје 2014“, оној на Никола Јонков Вапцаров, ја чинеше општина Бутел 125.000 евра.

Здружение за духовно обединување лани ги донираше спомениците на Никола Петров Русински, поставен во близина на Универзитетската библиотека, на Св. Лидија кај плоштадот Богородица, на Андон Лазов Јанев – Ќосето пред Основниот суд, на генералот Михајло Апостолски на кружниот тек кај хотелот „Континентал“, на Пере Тошев и на Ѓорѓи Сугарев, како и најновиот споменик посветен за децата бегалци од Егејска Македонија кој ќе стои кај „Холидеј ин“.

Споменикот на Ќосето со нож во рака ја разбранува јавноста, бидејќи тој е контроверзна историска фигура, а во фокусот на коментарите беше и неговата локација, пред Основниот суд во Скопје.

Споменикот на Пере Тошев е донација на здружението кое одбива да каже колку пари дава за споменици | Фото: З. Ричлиев

Споменикот на Пере Тошев е донација на здружението кое одбива да каже колку пари дава за споменици | Фото: БИРН

Автор на спомениците на Никола Петров Русински и на Св. Лидија е скулпторката Валентина Стевановска, која вели дека бесплатно ги изработила. Стевановска, според базата на податоци „Скопје 2014 под лупа“, за изработка на своите дела од државата добила речиси три милиони евра и со таа сума е најплатен идеен автор во рамките на овој владин проект.

Здружението на Ташко Јованов е формирано уште во 2007 година. Тоа често на годишно ниво добива владини грантови наменети за невладините организации, кои се симболични во однос на цената на чинење на еден споменик.

Она што е специфично за ова НВО е тоа што во последниве неколку години бесплатно од државата добило автомобил „ауди А4“ и деловен простор во центарот на Скопје, во близина на познатата автобуска постојка „Рекорд“.

Првиот човек на Здружението за духовно обединување, Ташко Јованов, во 2009 година бил избран за претседател на Сојузот на здруженија на Македонците од Егејот, наречен „Македон“ во кој се обединети десет здруженија кои го третираат егејското прашање.

Постаментите на дел од овие споменици ги градеше скопската „Бауер БГ“, меѓутоа менаџерите на оваа градежна компанија на новинарите не им открија за колку пари ги ангажирало здружението.

„Бауер БГ“ се наоѓа на петто место на Топ 5 изведувачи на владиниот градежен проект и за нешто повеќе од 30 милиони евра учествува во изработката на осум објекти, покажува базата на податоци на БИРН.